ПРОМОВИРАНА КАНЦЕЛАРИЈАТА ЗА ЖРТВИТЕ ОД МОБИНГ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

21.12.2010

Денес во ССМ е отворена Канцеларијата за жртвите од мобинг, каде сите граѓани ќе можат да се обратат ако се малтретирани на работните места. ССМ и Синдикатот за финансиски дејности, носители на проектот, повикуваат на храброст во барањето помош...

Денес во Синдикатот за финансиски дејности на Македонија (СФДМ) е промовирана Канцеларија за жртвите од мобинг. Во канцеларијата ќе можат да се обратат сите граѓани кои мислат дека се жртви на психичко вознемирување на работните места и да побараат стручна и друг вид помош.
Канцеларијата ќе работи во деновите понеделник, вторник и среда, од 10 до 14 часот, по потреба и во другите денови од неделата. Проект – асистентот ќе ги прима повиците на телефон 02/3388-437 и врз основа на водениот разговор ќе биде оценето дали се работи за мобинг или за повреда на прописите од работното законодавство, објасни претседателот на СФДМ Гоце Селовски.
Доколку се работи за мобинг ќе биде закажана средба на мобираниот работник со Експертскиот тим, кој е составен од обучен тренер – советник за мобинг, медијатор и здравствено – социјален работник. Најпрво експертскиот тим ќе пружи соодветна советодавна и стручна помош, додека следните чекори се средба и разговор на медијаторите со работодавачот, а ако има потреба ќе се оди со други средства, информира Селовски.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски на промоцијата изјави дека отворањето на канцеларијата е чекор напред во заштитата на македонските работници. Притоа нема да правиме разлика дали работникот е наш член или не е. Канцеларијата за мобинг е дел од новата концепција на ССМ, според која место декларативни фрази одиме на нови, конкретни начини на решавањето на проблемите.  
Целта е на луѓето да им овозможиме посериозна помош, па така се ангажирани правници од Адвокатската канцеларија, како и правници вработени во ССМ. Целта на канцеларијата е луѓето да се охрабрат да бараат помош. Свесни сме за стравот и нерешителноста на луѓето, како и за причините што луѓето тешко одлучуваат да побараат заштита. Транзицијата во Македонија и глобалната економска криза имаат големо влијание врз размерите на мобингот, но еднаш треба да се скрши мразот и сериозно да дејствуваме за заштита на граѓаните, објасни Митревски. Тој повтори дека ставот на ССМ е донесување посебен закон за мобинг, чиј предлог – текст е изработен од страна на ССМ. Прашањето за донесување посебен закон ќе биде актуелизиран во Економско – социјалниот совет и ќе биде понуден на разгледување и усвојување.
Мобингот тешко се докажува, но очигледно е дека појавата има големи размери во Македонија, додаде Гоце Селовски. Ова нека биде апел до сите кои мислат дека се злоставувани да се охрабрат и заедно да работиме на решавање на случаите, секако најпрво со заштитена анонимност.

Канцеларијата за мобинг произлегува од проектот “Антимобинг мрежа – МК“, која беше промовирана на 10 декември во ССМ. Антимобинг мрежата – МК“ ја реализираат ССМ и СФДМ, додека цел е формирање национално тело кое ќе ги опфати сите фактори што се занимаваат со појавата на мобинг. Во Проектниот тим се ангажирани лица од синдикатите, науката, правото, невладините организации, со тоа што тимот е отворен за соработка на сите организации.
“Антимобинг  мрежа – МК“ произлегува од Регионалниот проект “Мрежа за здравје и заштита при работа“, кој е започнат пред една година. Во регионалниот проект учествуваат синдикати и други институции од Македонија (СФДМ), Србија, Хрватска и Црна Гора.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc