ОДРЖАН ШЕСТИОТ КОНГРЕС НА СИНДИКАТОТ НА ТЕКСТИЛНА ИНДУСТРИЈА

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

14.12.2010

Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија денес го одржа Шестиот Конгрес. За претседател во наредниот мандат е избран Анѓелко Анѓелковски...

Денес Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на Република Македонија (СТКЧ) го одржа Шестиот Конгрес. За претседател во наредниот мандат е избран Анѓелко Анѓелковски, досегашен претседател и од 18. Конгрес на ССМ секретар на Советот на ССМ.

На Конгресот, кој се одржа во просториите на ССМ во Скопје, присуствуваше претседателот на ССМ Живко Митревски, повеќе претседатели на гранските синдикати и претставници на Здружението за текстилна индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Меѓу другите документи се усвоени Извештајот за работата на СТКЧ за периодот 2005 - 2010 година и извештаите на Статутарната комисија и Надзорниот одбор. Усвоени се новиот Статут, Програмата за дејствување на СТКЧ во периодот 2010 - 2015 година, Резолуција за постабилна економско - социјална состојба на претпријатијата, побројни и посигурни бработни места.

Во своето излагање претседателот на СТКЧ Анѓелко Анѓелковски зборуваше за синдикалната организираност, состојбите во дејностите и задачите во наредниот период. Пренесуваме извадоци од неговото излагање.

“Шестиот Конгрес го одржуваме во време кога општествено - економските состојби негативно се одразуваат на положбата на вработените. Светската економска криза, но и проблемите во овие дејности, негативно влијаат на рентабилното работење на претпријатијата. Сето ова доведува до сериозни социјални и психолошки последици кај вработените, односно кај нашите членови, како што се стравот од губењето на работното место, постојан психички притисок за егзистенцијата на семејството на работникот.

Во нашите гранки беше честа појавата на затворање на работни места во некои претпријатија, додека некои од претпријатијата се затворија, отидоа под стечај или се ликвидираа. Овие појави предизвикаа голем број работници да бидат отпуштени, прогласени за технолошки вишок, а некои се упатувани на принудни одмори. Во овие дејности најголемото намалување на бројот на вработените, над 11 отсто, имаше во 2009 и 2010 година.

СТКЧ во рамките на ССМ преземаше низа активности во следењето на процесите и посебно во предлагањето мерки за ублажување на последиците од економската криза. Владата донесе четири пакети антикризни мерки, кои ССМ и синдикатите ги поддржаа. ССМ излезе со свој концепт на предлози, во кој бара подобрување на инвестиционата клима, привлекување домашни и странски инвеститори, навремено враќање на ДДВ, евтини банкарски кредити и други мерки.
Според последните податоци вкупниот број вработени во овие гранки изнесува 47.640 работници, од кои во текстилот 40.306 и во производството на кожа и предмети од кожа 7.334 лица. Просечните плати се најниски во државата и изнесуваат, за текстилната индустрија 9.794 денари, и во производството на кожа 9.865 денари. Покрај ниските плати проблем се неплаќањето на прекувремената работа, со што се кршат оисновните права на работниците. Јавна тајна е дека се работи по десет часа, во празници и неработни денови и дека за тој труд не се добива поголема плата. Исто така годишните одмори не се користат согласно Законот за работни односи. Светската економска криза влијаеше врз пораст на работата на црно. Според истражувањата во Македонија сивата економија достигна ниво од 40 отсто.

СТКЧ, во рамките на ССМ, максимално беше вклучен во анализирањето на сите понудени решенија во законите од работно - социјалната сфера. Не сме целосно задоволни, бидејќи во одредени случаи дојде до намалување на стекнатите права на вработените. Нашето залагање беше максимално организирано на  линија на безрезервни одбрани на работничките права. Сметам дека имаме активен однос кон решавањето на бројните проблеми  во правната, социјалната и економската положба на нашето членство.

Позицијата на синдикатите и на ССМ отсекогаш зависеле од вкупните констелации во државата, но остварувањето на синдикалните права и слободи е критериум за демократичноста на една држава. Социјалниот дијалог не беше на највисоко ниво, но што се однесува до СТКЧ бипартитниот дијалог се остваруваше непречено, за што зборуваат склучените колективни договори.

Уште повеќе ќе го развиваме социјалниот дијалог на гранско и национално ниво. Нема да дозволиме ниеден закон од работно - правната сфера да се усвојува без претходна расправа. Овие предуслови се воспоставени со формирањето на новиот Економско - социјален совет.

Колективното договарање е клучен инструмент во остварувањето на работничките права. Во 2007 година СТКЧ со ОРМ потпиша Колективен договор за текстилната индустрија, а на почетокот на 2008 година Колективен договор за кожарско - преработувачката индустрија. По истекувањето на важноста потпишано е продолжување на колективните договори во 2009 година - за текстилот до 2011 и за кожарско - преработувачката индустрија до 2012 година.

Заради обезбедување на ефикасност во судството СТКЧ, во рамките на ССМ, се залагаше за формирање посебни судови за работни спорови, какви што има во други земји.

Синдикатот својата функција ја остварува во институциите на системот. Во изминатиот период неповолната економско - социјална положба, недоволното почитување на потребниот социјален дијалог и непостигнувањето консензус беше причина за други методи, пред се штрајкот. Штрајковите главно се организирани согласно Законот за штрајк и Правилата за штрајк. Најчесто тие се организирани и водени од синдикалните организации.

Во однос ма меѓународната синдикална соработка е задржан континуитет на воспоставените контакти и соработка со синдикати од Балканот и Европа.

Во наредниот период не очекуваат посложени услови за дејствување, а со тоа и на унапредување на синдикалното организирање. Усвоените акти на 18. Конгрес на ССМ, односно Статутот, Програмата и Резолуцијата, ќе предизвикаат воспоставување нови односи во синдикалното организирање.  Во наредниот период ќе се зголеми активноста, како на ССМ така и на СТКЧ, на планот на социјалниот дијалог, склучувањето колективни договори, позицијата на домашно и меѓународно ниво, поголемо остварување на правата на работниците и нова позиција на труудот спрема капиталот.“

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc