СРЕДБА СО СТЕЧАЈЦИТЕ ВО ССМ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

14.12.2010

Да се достави точен податок за бројот на стечајните работници е барањето од раководството на ССМ до претставниците на нивните здруженија на денешната средба. Најдобар и најбезболен начин се измени во условите за пензионирање, што ССМ ќе го актуелизира наредните месеци...

Во најскоро време да ни доставите точни податоци за бројот на стечајните и технолошки вишок работници, како и дефинирани барања. Претседателството на Сојузот на синдикатите за седницата во понеделник, 20 декември, на дневен ред го стави прашањето за стечајците, што значи дека за овие работници ќе се бараат можни решенија, порача на денешната средба со претставниците на здруженијата на стечајни работници претседателот на ССМ Живко Митревски.

Средбата се одржа денес во 12 часот, во просториите на ССМ, на барање на претставниците на здруженијата на стечајните и технолошки вишок работници од повеќе градови од државата. Познато е дека овие здруженија повеќе години наназад организираат протести, барајќи од Владата решавање на нивниот статус. На средбата од страна на ССМ присуствуваа претседателот Живко Митревски и потпретседателите Живко Даневски и Роберт Симоноски, кои ја нагласија улогата на Економско - социјалниот совет. Имено, екипирањето на Економско - социјалниот совет е голема предност во решавањето на социјалните проблеми во државата, така што ССМ и преку ова тело ќе го постави прашањето за оваа категорија работници.

Сметаме дека најдобар начин се измени во Законот за пензиско и инвалидско осигурување. ССМ во наредните месеци, веројатно во јануари или февруари, ќе отпочне со кампања за внесување измени во Законот за пензионирање и практично со тие измени на најефикасен, најбезболен начин би се решил проблемот, објасни претседателот Митревски.

Претставничката на кумановското здружение “УНИТ“ Лилјана Георгиевска изјави дека е добредојдена секоја помош, додека изнесе замерки за досегашната комуникација. Одговорот на Митревски е дека и покрај барањето од Синдикатот здруженијата досега немаат доставено податоци за бројот, структурата, староста и другите карактеристики на работниците.

Претседателот нагласи дека без прецизна слика за фактичката состојба не може да се разговара, ни да се бараат решенија на било кое ниво. Затоа е потребно податоците да бидат сеопфатни и да се достават што побрзо, упати Митревски.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc