ДЕНЕС ПРОМОВИРАНА “АНТИМОБИНГ МРЕЖА – МК“
10.12.2010
Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија е промовирана “Антимобинг мрежа – МК“. Една од целите е Проектиниот тим на мрежата да ги опфати сите фактори од земјата кои се занимаваат со проблемот на злоставување на работните места...
Целта на проектот е формирање национално тело кое ќе ги опфати сите фактори што се занимаваат со проблемот мобинг. Во Проектниот тим се ангажирани лица од синдикатите, работодавачите, науката, додека работодавачите се исто така во партнерски односи.
Ова е дел од уводниот говор на Гоце Селовски, претседател на Синдикатот на финансиски дејности, на денешната промоција на проектот “Антимобинг мрежа – МК“, која се одржа во Сојузот на синдикатите на Македонија. Проектот е произлезен од Регионалниот проект “Мрежа за здравје и заштита при работа“, кој е започнат од пред една година и во кој учествуваат синдикатите и други институции од Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Македонската страна ја претставува Синдикатот на финансиски дејности, кој е иницијатор и носител на проектот “Антимпбинг мреежа – МК“.
Сметаме дека е соодветно што промоцијата на мрежата се совпадна со Светскиот ден на човековите права, затоа што основните човекови права имаат многу допирни точки со злоставувањето на работните места. Мобингот станува сериозен проблем секаде во светот и Македонија не е исклучок, така што не очекува голем труд во борбата против ова големо општествено зло, изјави Гоце Селовски.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски го истакна ставот на ССМ за донесување посебен закон за мобинг. На сите досегашни семинари, советувања и други средби на кои учествуваше ССМ сите страни ја поддржуваат идејата во Македонија да се донесе посебен закон за мобинг. ССМ има подготвено предлог – закон и тоа прашање ќе го активираме на една од наредните седници на Економско - социјалниот совет. Инаку сведоци сме дека малтретирањата на работните места се секојневие во нашата земја, што го покажа и анкетата што ја направивме со Фондацијата “Фридрих Еберт“. Проблемот почна да се чувствува на повеќе страни – не е во прашање само нарушеното здравје на работниците, туку трпат и работодавачите поради намалената продуктивност и посредно целата заедница. Затоа ССМ активно се вклучува во развојот на “Антимобинг мрежата – МК“ и ќе дава полна поддршка на Синдикатот за финансиски дејности, објасни Митревски.
Координаторот на проектот, Гоце Трајковски од раководството на СФДМ, информира дека треба да се биде внимателен во развојот на свеста кај луѓето. Не е добро да се заборува малку, но ни премногу, затоа што може да се стигне до вулгаризирање на појавата. Тоа значи дека многу секојдневни ситуации, аномозитети и слуично, да се препознаваат како мобинг, што е штетно во исправното третирање на случаите.
Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет “Јустинијан Први“, рече дека Македонија постојано добива сигнали и предупредувања од странство за третирањето на ова прашање. Јавната администрација и воопшто сите јавни служби се поголемото жариште на мобингот отколку што е приватниот сектор. Во 2008 година во Законот за работни односи се внесени одредби за мобингот, но во Законот за државни службеници и Законот за јавни службеници оваа материја не најде место.
Задача на Проектниот тим, во кој се вклучени синдикатите, организациите на жени, Правниот факултет и други организации и институции, е да се создаде национална мрежа која ќе ги едуцира сите фактори. Не се во прашање само работниците жртви на мобинг, туку и адвокатите, судиите, работодавачите. Една од приоритетните цели е да се постигне мирно решавање на споровите, информираше Артемис Периќ од Организацијата на жени на РМ и член на Проектниот тим.
На промоцијата беше објаснето дека до крајот на месецот е планирано да се отвори посебна канцеларија во просториите на ССМ и да се направи национален антимобинг интернет портал.