МОБИНГОТ СЕ ТРЕТИРА ПОИНАКУ СО ПОСЕБЕН ЗАКОН

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

3.12.2010

Најизненадувачка беше реакцијата на работодавачите – тие најсериозно го сфатија новиот закон, посведочија од Министерството за труд на Србија. И македонските субјекти се на мислење дека е потребен посебен закон против злоставувањата на работното место...

Во Србија субјектите кои најсериозно го сфатија новиот Закон за мобинг беа работодавачите. Во Македонија анкетите покажуваат дека злоставувањето на работното место е се поприсутно во работните средини. Мобингот е комплексна мактерија, со многу пројавни облици и затоа е најдобро да биде опфатена и регулирана со посебен закон.
Ова е еден од заклучоците од семинарот “Утврдување на потребата од донесување на посебен закон за спречување на психолошкото насилство (мобинг) на работното место“. Семинарот што се одржа вчера во Скопје го организираа Министерството за труд и социјална политика, Фондацијата “Фридрих Еберт“, со учество на претставници од ССМ, КСС, Македонското здружение за заштита при работа и повеќе невладини организации кои се занимаваат со проблемот на малтретирањата на работните места.

Учесниците од Македонија посебно ги интересираа приликите во Србија, каде во месец јуни е донесен Закон за спречување на злоставување при работа. Јасенка Чворо од Министерството за труд и социјална политика на Република Србија објасни дека со новиот закон се чувствуваат промени во општата клима околу мобингот. Иако се поднесени нешто повеќе од дваесет тужби, ниеден предмет не е процесуиран и се уште е рано да се сумираат резултати, но главната цел на законот не се судските разврски, туку спречување на злоставувањата врз вработените. Инаку и во Србија постојат слични состојби како во Македонија кои влијаат врз порастот на мобингот. Тоа се менување на способните стручњаци и поставување на послушници, непријателство кон политичките противници, притисоци за решавање на превработеноста и слично.

Семинарот е всушност сублимирање на досегашните тркалезни маси, советувања и друг вид средби кои се одржаа во главниот град и во Струмица, Битола, Штип и Струга, информира Елена Грозданова од Министерството за труд и социјални прашања. Покрај состојбите на теренот и директивите на Европската Унија наметнуваат потреба од закон со кој ќе се регулираа оваа материја. Инаку само во Белгија постои посебен закон за мобинг, но во другите земји материјата е исцрпно регулирана во законите за трудовите односи, за безбедност и здравје или во колективните договори.

Другите елементи кои треба да бидат опфатени се постојано едуцирање на механизмите за заштита, како што се комисиите за еднакви можности во општините, вклучување на локалната самоуправа и на синдикатите, едукација на менаџерските тимови, влијание врз медиумите, кои и сега покажуваат солиден одзив кон мобингот, соработка со Организацијата на работодавачи.

Гордица Бошковска, претседателка на Македонското мобинг здружение, која е вработена како правник во Сојузот на синдикатите на Македонија, потсети на иницијативата на ССМ за носење посебен закон за мобинг. Место закон се внесоа неколку нови члена во Законот за работни односи, кои се покажаа недоволни. Поминаа 14 месеци од вметнувањето на трите члена и се покажа дека не се чувствуваат никакви промени. Постојат нешто повеќе од 20 тужби, но ниедна постапка не е завршена и не е донесена ниедна правосилна пресуда. Причината е тесната дефиниција на состојбите, неопфатеноста на мотивите, понатаму не се дефинирани другите својства на злоставувањето.

Пратеничката Лилјана Поповска, која беше иницијатор за дополнување на Законот за работни односи со одредбите за мобинг, рече дека тоа било најмногу што во моментов можело да се направи. Таа направи паралела со семејното насилство, за кое беа потребни десеттина години за да се стигне до посебен закон.

Инда Савиќ, потпретседател на Македонското мобинг здружение и раководител на Секторот за едукација во ССМ, истакна дека, покрај едукацијата на субјектите (мобери, малтретирани работници, судство) корисно е да се размислува на вметнување на материјата во редовниот образовен процес.

Интересни се наодите од работењето на невладините организации. Така Катерина Миленковска Трајчева од “ППЦ“ – Штип ги соопшти резултатите од анкетата што во 2009 година ја спроведе нејзината невладина организација. Скопје е град каде мобингот е многу поизразен отколку во помалите средини. Кај граѓаните постои интерес за овој вид проблеми, но истовремено тие не веруваат дека системот може да овозможи заштита.

Друга анкета, спроведена од невладината организација “Феминистичка иницијатива“, покажа дека се зголемува бројот на луѓето кои слушнале за мобинг – пред неколку години процентот изнесуваше 30, додека сега над 60 отсто од испитаниците имаат основни информации за мобингот. Лидија Кекеновска Павиќ од оваа организација додаде дека 32 отсто од анкетираните лица не се осмелиле да побараат било каков вид заштита, но дека истовремено се чувствуваат здравствените последици. Така 13 отсто првата помош ја побарале кај матичните лекари, а после следат невладините организации, синдикатите, психијатрите.

За здравствените последици зборуваше Нада Ангелеска, психијатар во Институтот за медицина на трудот. Хроничниот замор, несоницата, зголемената употреба на алкохол и никотин се некои од пореметувањата на злоставуваниот работник. Познати се низа бихевиорални пореметувања, па така секој втор пациент кај матичните лекари манифестира депресивност и анксиозност.

На семинарот всушност се потврди дека во Република Македонија е претесна општествената рамка во која се третираат овие се пораширени проблеми во работните средини. За разлика од развиените земји, каде овие појави се серииозен предмет на истражување. Така од почетните 45 облици на злоставување сега се дефинирани 70, односно најдени се уште 25 нови пројавни облици. Во однос на чинењето во Германија, пак, се направени пресметки дека мобираниото лице државата ја чини 65.000 евра.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc