МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА БОРБА ПРОТИВ СИРОМАШТИЈАТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

22.11.2010

Не очекувајте дека некој ќе дојде од Брисел и ќе ви ги реши проблемите. Секоја земја наоѓа сопствен начин за намалување на бројот на сиромашните. Сепак размената на искуства е корисна...

Секоја земја мора да бара свои начини за решавање на проблемот на сиромаштијата. Така и вие не треба да очекувате дека некој од Брисел ќе дојде и ќе ви ги реши проблемите. Сепак размената на искуства може да биде драгоцена, посебно за новите членки и за земјите со кандидатски статус, во кои спаѓа Република Македонија.

Ова е дел од излагањето на Волтер Волф, политички советник во Директоратот за вработување, социјални прашања и еднакви можности на Европската комисија. Клучот е во висината на издвојувањата за социјалните програми. Практиката покажува дека не постои една единствена европска социјална политика, туку дека секоја земја постапува на свој начин. Постојат разлики во социјалната политика меѓу богатите членки на Унијата, но уште поголеми меѓу новите членки или земјите кандидатки. Пред проширувањето односот на националниот производ на 15 земји беше еден спрема три, додека после проширувањето, кога бројот на членките нарасна на 27, е еден спрема осум и дури се движи кон еден спрема десет.

Волф беше еден од учесниците на конференцијата “Европски и национални практики во соочувањето со сиромаштијата и социјалната исклученост“, која се одржа на 19 ноември во Ректоратот на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“, во организација на Фондацијата “Фридрих Еберт“. Инаку конференцијата беше одржана по повод Европската година за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост.

На конференцијата учествуваа, покрај предавачите Волтер Волф, Џонатан Бредшо од Универзитетот од Јорк, Велика Британија, Пол Стабс од Економскиот институт во Загреб и Хозе Фернандез Камачо од Директоратот за вработување, социјални прашања и еднакви можности на Европската комисија, и претставникот на Европската комисија Ерван Фуере, министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами, како и повеќе претставници од Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“.

Пораката на Волтер Волф ја одреди дискусијата на конференцијата – добро е да се разменуваат искуства, со тоа што најодговорни се властите на секоја земја. Дискутантите се согласија дека Република Македонија, со висока стапка на сиромаштија и огромна невработеност, е во посебна состојба и дека треба да примени веќе испробани методи. Во тој правец министерот за труд Џељаљ Бајрами рече дека Македонија посебно е заинтересирана за хрватскиот модел за справување со сиромаштијата.

Иако не постои единствена европска социјална политика, Брисел има стриктни механизми за следење и за известување на повеќе нивоа. Поставена е агенда “Европа 2020“, која е насочена токму кон намалување на сиромаштијата на стариот континент (Европска платформа за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост).

Џонатан Бредшо ги посочи примерите на средноразвиени земји кои имаат добри системи на социјална згрижување, посебно на децата. Тоа се Јужна Африка и Аргентина, кои покажуваат дека не мора да се биде богат за да се инсталира добар социјален модел.

И ние самите не знаеме да одговориме на прашањето: каде сме со социјалната Европа?, рече Пол Стабс. Дури и во институциите во Брисел е тешко да се разговара за ова прашање, затоа што таму луѓето често се менуваат.

Хозе Фернандез Камачо зборуваше за прашањето како да се распредели буџетот за да се згрижат оние кои не можат да работаат, како инвалидизираните лица, болните, старите, потоа малцинските групи и другите категории граѓани. Едно од решенијата секако е проширување на социјалната потрошувачка.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc