КАКО ДО ПОГОЛЕМА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ПРИ ДОНЕСУВАЊЕТО ЗАКОНИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

18.11.2010

Постои извесно учество на граѓанскиот сектор и на другите организации, како Синдикатот, во подготовката на законите. Партиципирањето е сепак недоволно според европските стандарди...

Учеството на граѓанскиот сектор, односно невладините организации, во подготовката и донесувањето на законите во Република Македонија ни оддалеку не е на задоволително ниво. Извесно учество постои, и тоа воглавно при подготовката, додека консултациите практично ги нема при самото донесување на законите.

Ова е заеднички став на скоро сите учесници на вчерашната работилница насловена како “Транспарентност и јавно донесување закони“, што се одржа во Скопје. Работилницата ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), со поддршка на ОБСЕ – Европската организација за безбедност и соработка.

Повод за средбата беше претставувањето на Прирачникот за вклучување во  процесите на донесување на политиките и законите, кој го изработи МЦМС и кој треба да се појави кон крајот на месецот. При објаснувањето на содржината презентерот Емина Нурединоска од МЦМС ги означи главните правци на темата, како анализата за состојбите во Македонија, прегледот на регулативата во ЕУ, законската рамка во Македонија, степенот, моделите и методите на вклученост и другите аспекти.

Со оглед што евроинтеграцијата е национална цел транспарентноста при донесувањето закони ќе се наметне како стандард на однесување во државата. Накусо, вистинската демократизација подразбира промена на сегашните навики и постапки на повеќе формално отколку суштинско вклучување на граѓанскиот сектор, што е карактеристично за сите досегашни влади.

Каква е сегашната состојба посведочија учесниците на собирот, кои во најголем дел ги претставуваа нивните невладини организации. И ако постои консултација и учество при дискусијата, тогаш скоро не постои учество во самото донесување на законите, се изјаснија повеќе претставници на граѓанските организации.

Слична оценка даде и Инда Савиќ од Сојузот на синдикатите на Македонија. ССМ има забележително учество при подготовката на законите од областа на работните права, некои сугестии се прифаќани, законодавецот и претставникот на работниците се сослушуваат. Накусо, од синдикална страна не може да се каже јавна расправа нема, но во крајна линија постои уште простор за позначајна вклученост на работничката асоцијација и за поголема транспарентност при подготовката на законите од трудовата сфера.

Учесниците на собирот понатаму посведочија дека постои разлика во однесувањето на различните институции. На пример, Собранието е многу поотворено за соработка од Владата, додека и во самата Влада министерствата имаат сосем различен приод. Се посочи примерот на  Министерството за труд и социјална политика, кое е далеку поотворено за разговор и вклучување на граѓанските организации од други министерства, посебно од Министерството за внатрешни работи.

Исто така голем недостаток во практиката е неучеството во донесувањето на подзаконските акти. Учество и расправи при подготвувањето на законите може да има, но граѓанскиот сектор практично не учествува во донесувањето подазконски акти, кои во некои случаи се позначајни за регулирање на односите во јавноста од самите закони.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc