НА ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛНИОТ СОВЕТ ПРЕЗЕНТИРАН ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

16.11.2010

На втората седница на Економско – социјалниот совет евроамбасадорот Ерван Фуере го претстави Извештајот на Европската Комисија за Република Македонија. Клучни прашања се вработувањето, социјалниот дијалог, половата еднаквост, антидискриминацијата и социјалната исклученост...

Од седницата: ЕУ порачува зголемување на средствата за социјални намени

Намалувањето на невработеноста и на бројот на лицата кои живеат во сиромаштија се најважните предизвици за македонската Влада, стои во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија во 2010 година. Важни прашања се вработувањето, социјалниот дијалог, половата еднаквост, антидискриминацијата и социјалната исклученост.

Ова е дел од излагањето на евроамбасадорот Ерван Фуере на Втората седница на Економско - социјалниот совет, која се одржа вчера во Министерството за труд и социјална политика. На седницата учествуваа членовите на Економско – социјалниот совет: министерот за труд Џељаљ Бајрами, претставници на синдикатите и на Организацијата на работодавачи. Сојузот на синдикатите на Македонија го претставуваа претседателот Живко Митревски и претседателот на СМЕР Пеце Ристески.

Се надеваме дека владата ќе го прифати Извештајот како молба за зголемување на буџетските средства за решавањето на проблемите на социјалните или загрозените заедници, а за жал таквите ги има многу, изјави Фуере. Тој изрази надеж дека со најавениот акционен план на Владата ќе бидат опфатени сите области во кои се забележани слабости и дека ќе бидат зголемени буџетските средства за социјално загрозените лица.

Министерот за труд Џељаљ Бајрами изјави дека невработеноста е сериозен проблем, но дека реално се непријавени 20 до 30 отсто од лицата кои работат. Статистички се соочуваме со огромен број невработени, но останувам на ставот дека статистичките извештаи не кореспондираат со реалноста, затоа што голем број вработени се во таканаречената сива економија, односно не се пријавени. Доказ е што Инспекторатот за труд при секоја инспекција открива непријавени работници, додаде Бајрами.

За делот од Извештајот за социјалниот дијалог министерот Бајрами рече дека има напредок и дека постои надеж дека во наредниот извештај државата ќе биде подобро оценета.

Членовите на ЕСС се запознаа и со делот на извештајот на ЕК за правата на лицата со различна сексуална ориентација. На Владата и е јасно дадено до знаење дека тие права претставуваат предуслов за влез на било која земја во Европската Унија.
Покрај Извештајот на ЕК на дневен ред на седницата беа Предлогот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите, Предлог – законот за изменување на Законот за евиденциите од областа на трудот и Деловникот за работа на Економско - социјалниот совет.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc