ФИНСКА ДОНИРА МОБИЛНА КЛИНИКА ЗА ПРЕВЕНТИВНИ ПРЕГЛЕДИ НА РАБОТНИЦИТЕ
12.11.2010
Институтот за медицина на трудот на Република Македонија доби мобилна клиника од Финскиот институт за медицина на трудот. Од понеделник почнуваат превентивните прегледи на земјоделците во повеќе региони...
Денес во Институтот за медицина на трудот на Македонија се одржа свечено примопредавање на мобилна клиника за здравствени прегледи. Возилото е подарок од Финскиот институт за медицина на трудот.
На свеченоста присуствуваа претставници од Финска, министерот за здравство Бујар Османи, претставници на ССМ, Македонското здружение за заштита при работа и на други организации.
Со новата мобилна клиника се отвора нов приод во остварувањето на безбедноста и здравјето на работниците во Македонија. Од понеделник започнуваме со работа, со тоа што прва група се земјоделците, истакна на свеченоста Јованка Карадзинска – Бислимовска, раководител на Колаборативниот центар на Светската здравствена организација.
Возилото е опремено со комплетни медицински апаратури за преглед на крв, вид, инсталирана е рентген лабораторија со оддел за развивање филмови и други апарати. Предноста е што место да чекаме луѓето да се јават во здравствените установи, ние превентивно ќе одиме кај нив на терен, објасни Карадзинска – Бислимовска.
Да не заборавиме дека безбедноста и здравјето се две страни на иста област, односно дека без превентивна грижа за здравјето на работниците нема ни безбедни услови за работа. Инаку според досегашните сондажи најчести заболувања кај земјоделците се на дишните патишта и на кардиоваскуларниот систем. Предност на мобилната клиника се во дијагностицирањето на лице место и упатување совети и препораки за лекување, дополни Карадзинска – Бислимовска.
Суви Лахтинен, раководител за меѓународна соработка на Финскиот институт за медицина на трудот, изрази задоволство што мобилната клиника стигна навреме од градот Тампере до Скопје и што ќе биде ставена во употреба за само неколку дена.
Инаку минатата недела во Скопје, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт, се одржа тркалезна маса “Безбедност и здравје при работа во земјоделието“, на која беше кажано дека земјоделството, после градежништвото и рударството, е област со најголеми ризици по здравјето и со најголем процент на повреди при работа. Највидливи се повредите од механичка природа, додека земјоделците се изложени на хемиски агенси, агенси од животинско и биолошко потекло, бактерии и вируси.