ИЗЛАГАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЖИВКО МИТРЕВСКИ
1.11.2010
Економската и социјалната криза ќе jа означат иднината на наредните децении. Нашата грижа и нашите мисли ќе ги следат сите луѓе кои се борат за својата иднина, изјави претседателот Митревски на Конгресот...
На Осумнаесеттиот Конгрес претседателот Живко Митревски излезе со свој реферат, во кој ги назначи најважните задачи на Сојузот на синдикатите на Македонија. Заедно со усвоената Резолуција и со Програмата за дејствување 2010 – 2015 година рефератот на Митревски во основа ја дополнува вкупната агенда на ССМ за наредниот период. Рефератот го пренесуваме во целост.
Денес го одржуваме XVIII конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија кој за нас, членовите на синдикатите здружени во ССМ, значи уште еден силен предизвик за натамошното дејствување , како легитимна организација која ги претставува и брани правата од работа, која се залага за имплементирање и почитување на меѓународните трудови стандарди и придонесува за подобрување на животниот стандард на вработените и граѓаните во Република Македонија.
Предизвикот е уште поголем ако се има предвид дека се наоѓаме во екот на најголемата економска и социјална криза по Втората светска војна и во период на длабоки реформи и трансформации што ќе ги одредат и означат иднината на децениите што следат . Нашата грижа и нашите мисли, и на овој Конгрес ги следат и сите оние што денес се борат за својата иднина,што ги изгубија своите работни места, а се насочени и кон сите млади невработени- идни членови, грижи но и обврски,што се и основна причина за нашето постоење и егзистирање.
Несомнено, Конгресот е прилика да разговараме за постигнатите резултати, но и за неуспесите. Мора да бидеме објективни, и јас би рекол повеќе самокритични, бидејќи само така ќе ја постигнеме целта на Конгресот: да согледаме каде сме грешеле и што треба да сториме во периодот што ни претстои. На овој начин ќе ги оправдаме очекувањата на членството: да се бориме за подобрување на нивната материјално-социјална положба и позитивно да влијаеме врз вкупниот економски и општествен развој, за напредок и благосостојба на Република Македонија.
Во меѓуконгресниот период се соочивме со низа проблеми и тешкотии заради економските и социјални услови во кои живееме, но и заради проблемите поврзани со работењето во ССМ, пред сé заради отсуството на внатрешната организациона поврзаност, неконсолидарноста, но и од притисокот на глобализацијата на капиталот. Ова е Конгрес кој наспроти ова ќе понуди проект на реформи, проект кој ќе поддржува раст и развој, стимулира и поттикнува намалување на невработеноста, да го заштити подобро тој што ја изгубил работата, ги намалува нееднаквостите, нуди промени и организациски и стратешки.
I.
Економско-социјалната положба на вработените во Република Македонија, за жал, мора да констатираме дека и покрај напорите на актуелната Влада на РМ за нејзино подобрување, е на незадоволително ниво. Во Извештајот за активностите на ССМ меѓу 17. и 18. Конгрес на ССМ се изнесени повеќе показатели што ја поткрепуваат оваа констатација, затоа во моето излагање накусо ќе потенцирам дел од нив, изнесувајќи ги и нашите натамошни заложби.
1. Најпрво сакам да нагласам дека во основата на ангажирањето на ССМ во меѓуконгресниот период беше подобрување на економско-социјална положба на нашето членство. Но, ние не сме најзадоволни од постигнатите резултати. Поради сето ова , ќе настојуваме во идниот период да изградиме заедничка стратегија која е неопходно потребна за да одговориме на предизвиците што не очекуваат, а ти не се мали.
Имено, светската финансиска и економска криза кон крајот на 2008 година мошне неповолно се одрази врз македонската економија, таа влијаеше да имаме помал обем на трговија, помал влез на странски инвестиции помал прилив на дознаки на странство и намален раст на бруто домашниот производ од предвидениот. Тоа влијаеше и се уште да имаме голем број на невработени и сега имаме: 326.000 евидентирани невработени, 24.000 корисници на паричен надомест, а 50.882 домаќинства се корисници на социјална парична помош. По одделни индустриски сектори продолжува да опаѓа бројот на вработените, што е особено изразито во производството на текстилни производи и производството на основни метали. Поради тоа работата, вработувањето мораат да формираат приоритет на приоритетите, да бидат основа и цел на индустриските, фискалните и социјалните политики.
Платите во Република Македонија се сеуште ниски . Загрижува фактот што околу 71 отсто од вработените работат во сектори во кои се исплатува нето плата под просечната плата во државата. Ваквата состојба особено се проблематизира и поради економската и финансиската криза, која ја наметна потребата од нова економска и индустриска политика, која ќе оди во насока на квалитет во производството, помош на фирмите, посебна внатрешна компонента на побарувања на инвестиции и вработување, со избегнување на зависноста од други економии, со даночен систем, кој ќе биде повнимателен кон вработувањето, полесен за фирмите со ниски профити, за многу работници со повисоки барања за оние со високи профити, а минимум вработени.
До Владата на РМ, ССМ упатуваше барања навреме да преземе мерки за да се амортизира ударот на светската економска криза врз македонската економија. Во таа смисла, ССМ ги поддржа четирите пакети-антикризни мерки на Владата на РМ и инсистираше на вградување на социјалната компонента. Новото раководство на ССМ, при разгледувањето на четвртиот пакет-антикризни мерки на Владата на РМ за првпат излезе со свој Концепт на предлози за ублажување на економско-социјалната состојба на работниците и намалување на невработеноста во државата. Тие беа насочени кон три сегменти: поттикнување на економијата, и справување со кризата, предлог мерки за невработеноста и поттикнување на социјалниот дијалог и колективно преговарање.
2. Во врска со колективното договарање и покрај остварените значителни активностите, како резултат на објективни и субјективни причини се намали бројот на потпишани колективни договори. Најголемиот проблем со кој се соочуваа синдикатите при склучувањето и усогласувањето на посебните колективни договори е непостоењето соодветни здруженија на работодавачите. За надминување на овие состојби континуирано се разговара со Организацијата на работодавачи на Македонија.
Благодарејќи на поттикот и активноста на поголемиот број синдикати и извршената промена на раководството во ССМ, избегнато е суспендирањето на колективното договарање во Приватниот сектор и ССМ и ОРМ извршија усогласување на Општиот колективен договор за стопанството на РМ со Законот за работни односи, со што е исполнета и законската обврска за усогласување со ЗРО и продолжување на неговата важност. ССМ и Организацијата на работодавачи на Македонија, на 18.06.2010 година, утврдија пречистен текст на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанство.
ССМ и натаму ќе се залага за почитување на правото и слободата на колективното преговарање и почитување и остварување на правата од потпишаните колективни договори, како и градење нови модели на колективно договарање во услови на финансиска криза.
Кога зборувам за колективното преговарање морам да напоменам дека нашето легитимирање преку ова преговарање и склучувањето на колективните договори е основата од која поаѓаме и егзистираме. Тоа мора постојано да се поттикнува, негува, тоа дава поддршка, помош, признавање, не е ни филантропија , ниту подарок, тоа е можност и средство, но и цел, создава реакции, ја уништува самотијата и индиферентноста, прави социјална мрежа, негува припадност, гради организациска култура и сојузништво. Тоа е и поле на дејствување на нашите услуги и улоги, одговор на многу потреби, на многуте кои имаат исти права и достоинство. Денес , во синдикалното движење кое го креираме и реализираме мора да гледаме на нашата работа како на услужна функција, совет, контакт, да разбираме и реагираме, бидејќи сето ова е извор на една нова димензија на колективното преговарање, способно да интерпретира, со убедување, една потреба, едно негирано право, како почеток на еден процес што тргнува од личноста, од неговата индивидуалност, рекомпонирајки ја како субјект на широка репрезентативност.
Ваквата димензија мора да е институционализирана и верификувана, се разбира и од социјалните партнери без кои е незамислив целиот овој процес, процес за кој се одговорни сите креатори на социјалното партнерство во државата.
3. Со цел да придонесе во создавањето поповолни услови за решавање на станбените прашања на работниците и граѓаните, а со тоа и да се придонесе кон поголема мотивација и продуктивност во работењето, ССМ покрена Иницијатива за формирање солидарен станбен фонд во Република Македонија. Реализацијата на оваа Иницијатива ќе придонесе за натамошна хармонизација на социјалната политика во Република Македонија.
4. За пензискиот систем ССМ и натаму останува на ставот дека работниците треба да имаат избор при пензионирањето и искрено се надеваме дека во однос на ова важно прашање ќе се избориме нашите работници да бидат во рамноправна положба со работниците од другите држави.
5. На економско социјален план ни претстојат големи обврски. Нашите активности во контекст на мерките кои ги предложивме посебно ќе ги насочиме за:
- Отвореност на банкарскиот сектор и олеснување на пристапот до евтини банкарски кредити за претпријатијата;
- Поддршка на развојот на претприемништвото и приватната иницијатива;
- Поддршка за отварање работни места во сите сектори на економијата и поддршка преку субвенционирање за зачувување на работните места во секторите во кои се изгубија најголем број работни места;
- Ни претстои заедничко дејствување со надлежните органи во борбата за намалување на сивата економија и работата на црно.
- Ќе се залагаме за редовна исплата на платите на вработените и утврдување на најниската плата во дејностите и одделите, како започнување преговори со социјалните партнери за утврдување на минимална плата во државата со закон. Кога сум кај платите мора да напоменам дека еден од фундаменталните принципи е чувството за свест и општествена одговорност за националната економија и потребата од кординирано преговарање на политиката на плати преку колективното договарање. Во оваа смисла мора да ја отвораме и платната политика на солидарност која овозможува надминување на разликите меѓу различни работни групи, работни места и разлики меѓу мажите и жените. Со овој фундамент ќе се овозможат повеќе постулати, секој да има плата за иста работа, праведни и разумни разлики во платите и прогресивно оданочување со посебни платни скали.
- Ќе се залагаме да се носат социјални планови и пакети за работниците што останале без работа;
- Доследно почитување на меѓународните стандарди, конвенции, националните закони во областа на трудот;
- ССМ ќе бара воведување на Синдикална кошница, како потреба за реално утврдување на финансиските потреби за подмирување на основните трошоци на живот на работникот и неговото четиричлено семејство.
- Ќе се залагаме за развивање на концептот пристојна работа на Меѓународната организација на трудот.
- Во РМ да се обезбеди здравствена заштита согласно условите, но и потребите на осигурениците.
- ССМ ќе бара проширување и воведување нов систем на социјални осигурувања.
Времето на реформи и промени во синдикатите, нужно ја наметнува и потребата од надминување на класичната функција да обезбедува не само плати, туку и сигурност. Ваквите предлози и барања на синдикатите и во Европа се темелат на класичната идеја за солидарност во работничкото и синдикалното движење.
Модерните синдикати во својата агенда мора да настојуваат да обезбедат дополнителни договорни осигурувања кои ќе бидат предвидени и потпишувани во колективните договори со работодавачите. Ваквите осигурувања би биле плаќани од страна на работодавачите од платите на членовите на синдикатот, а со оглед на бројноста на членството, премиите не би биле високи, а користа ќе биде повеќекратна.
Осигурувањата би биле различни и би се започнало со преговори за следните осигурувања:
- дополнително договорно осигурување во случај на невработеност;
- договорно здравствено осигурување;
- дополнително договорно осигурување, во случај на повреда на работа;
- дополнително договорно животно осигурување.
Ваквиот систем на договорни осигурувања дополнително би ја зацврстил и општествената позиција на синдикатот и би бил атрактивен основ за придобивање на ново членство.
- Согласно позитивната практика во светот, ССМ ќе ја поддржи идејата за формирање совети на вработените во претпријатијата.
- ССМ во наредниот период посебно ќе се залага за промоција, развој и унапредување на здрава работна и животна средина, развој на т.н. „зелена економија“ како предуслов за побрз одржлив економски развој, привлекување странски директни инвестиции и услов за отварање на нови работни места во државата.
Перспективите на македонското синдикално движење мора да ги бараме во неговата евопеизација. Иако оваа премиса доследно ја спроведуваме, еворпскиот социјален модел мора да остане во средиштето на европските интеграциони процеси. Потребата за создавање на равмотежа меѓу економската ефикасност и социјална правда, мора да е препознатиливо и во нашата стратегија. Целта е да се конструира европски социјален модел, кој ќе почива на горната констатација. Насоките на социјалната конвергенција треба да ги овозможат следните цели: зголемување на вкупниот буџет на социјална заштита, пренасочувајќи ги давачките; обезбедување на минимален процент од бруто домашниот производ за социјална заштита, гарантирање на здравствена заштита итн. Залагањето мора да биде насочено кон тоа системот на социјална заштита да ги опфаќа сите без оглед на работната и семејната состојба, да ги опфаќа младите и оние кои работат со нетипични договори.
Во овој контекст треба широко да ја отвориме вратата преку колективните договори, да отвориме рамка за афирмација на дополнителните пензиски фондови, со реална партиципација на вработените во нивното управување.
Во рамките на овој систем, мора да се имплементира и стратегијата која ќе се бори против систематското исклучување на постарите работници од работа и да афирмира формули на степеност, премин од работа во пензија.
Почитувани делегати и гости на 18-тиот конгрес на ССМ
II.
1. Уредувањето на работните односи и заштитата на правата на работниците претставуваат многу значајно поле на дејствување на ССМ. Приоритетно прашање ќе биде зачувување на основните права од работен однос содржани во Уставот на РМ, Законот за работни односи и другите закони, колективните договори на сите нивоа и меѓународните конвенции, препораки и директиви.
За таа цел, ССМ ќе бара од Владата и Собранието на Република Македонија да ги имплементираат директивите на Европската Унија, конвенциите и препораките на Меѓународната организација на трудот
2. Во однос на остварувањето на правата од работа, мора да бидеме самокритични и да кажеме дека докрај не успеавме да ги реализираме своите барања по однос носењето на нови и на измените и дополнувањата на законите од трудовата сфера.
Ова особено се однесува на Законот за работни односи кој на неколку наврати се изменуваше и дополнуваше, што се рефлектира врз намалување на дотогаш стекнатите права од работа. Вината за тоа секако мораме да признаеме дека е дел и наша, заради нашата недоволна ангажираност и упорност во наметнување на нашите ставови кај надлежните институции.
Кон тоа мора да се додаде дека ССМ не организираше расправа по измените на ЗРО внатре во организацијата и отсуствуваше потребната координираност на ставовите на ССМ со синдикатите здружени во ССМ и често се изнесуваа лични ставови и мислења без легитимитет од органите на ССМ, што е спротивно на Статутот на ССМ. Синдикатите здружени во ССМ немаа можност да се произнесат и голем дел од измените на ЗРО негативно се одразија на правата на вработените, како и на слободата на синдикалното оргнизирање и дејствување. Ваквите слабости во иднина мора да бидат елиминирани, а за таа цел ќе воведеме и посебни служби за следење на работното законодавство, но и за негово усогласување со европското работничко законодавство.
Во оваа прилика морам да нагласам дека со наше залагање за прв пат во новите измени на ЗРО и со меѓусебно разбирање со Владата на РМ, се имплементирани низа директиви на ЕУ за информирање и консултирање за безбедноста и здравјето на младиот труд, консултирање по колективни отпуштања и сл. Ова е практичен патоказ како треба да се движи социјалното партнерство и дијалог во РМ.
3. Бројот на обраќањата на членството за остварувањето на правата и правна заштита во периодот помеѓу XVII и XVIII конгрес постојано се зголемуваше. Главно, обраќањата се однесуваа за: неисплатени плати, престанок на работниот однос, пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување, повреда на синдикалните права, и др.
ССМ пружаше и ќе продолжи да пружа бесплатна правна заштита на синдикалното членство и ќе ги презема сите можни и потребни правни дејствија пред надлежните институции во државата и меѓународните организации.
4. Заради бавноста на судските постапки и високите такси, ССМ го покренуваше и повторно ќе го покрененува прашањето за формирање на посебни судови за работни спорови.
5. ССМ ќе се залага и бара во континуитет да се третира прашањето за безбедност и здравје при работа, посебно на Националниот совет, со цел да се издигне свеста кај вработените и работодавачите за неговото значење од сите аспекти на условите на работа.
6. Во рамките на овие активности ССМ посебно ќе се ангажира за сузбивање на мобингот - психичкиот притисок на работното место, како ризик за несреќи при работа и заболувања, а во исто време ќе предложи до Владата на РМ и посебен текст на Закон за мобинг.
7. Посебно поле на дејствување на ССМ и синдикатите во наредниот период ќе биде уредувањето и остварувањето на правата на работниците мигранти со потпишување на спогодби меѓу државите, како и ангажирање во борбата против расизмот и ксенофобијата.
8. Во наредниот период мора да се фокусираме на развивање поголема соработка со Народниот правобранител и Државниот инспекторат за труд затоа што тоа ќе значи решавање на спорните прашања внатре во работните средини, без дополнителни и непотребни трошоци за водење на судски постапки.
Почитувани делегати и гости на 18-тиот конгрес на ССМ
III.
Наша основна задача во овој изминат период, произлезена од 17-тиот конгрес на ССМ, меѓудругото, беше:
1. Јакнење на ССМ како модерна демократска организација на работниците која ќе се води од принципот на: доброволност, независност, солидарност и транспарентност во работењето;
2. Сојуз на синдикатите на Македонија кој ќе го негува принципот на колективно преговорање и договарање и ќе се залага за конструктивна соработка со социјалните партнери, притоа нагласувајќи го секогаш значењето на консензусот како предуслов за заедничко решавање на конфликтите и предуслов за нужниот социјален мир.
3. Активен однос на синдикатите - членки на ССМ во креирањето и спроведувањето на политиката и донесувањето на одлуките.
Меѓутоа, во практиката се случуваше нешто друго. Се доведе во прашање моќта и авторитетот на ССМ. Состојбите во ССМ перманентно се влошуваа со губење на репрезентативноста во јавниот сектор и позицијата на социјален партнер, со рушење на единството на синдикатите и продлабочување на внатрешните конфликти, нетранспарентното работење, прекинување на соработката со повеќе меѓународни синдикални организации, непостоење континуиран социјален дијалог по прашањата од работно-социјалната сфера.
За надминување на ваквите состојби, 11 синдикати здружени во ССМ покренаа Иницијатива за реформи во ССМ. Но наместо тоа, продолжи отсуството на комуникација со синдикатите по повеќе прашања и нарушувањето на единството во ССМ од страна на поранешниот претседател на ССМ. Заради тоа, Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика на РМ покренаа Иницијативата за негово отповикување.
Сериозноста на внатрешните проблеми со кои се соочи ССМ кои можеа да предизвикаат несогледливи последици и штети за ССМ, како и неможноста ССМ да се пререгистрира и да добие репрезентативност согласно Измените и дополнувањата на Законот за работни односи, беше основната причина што непосредно пред одржувањето на 18-тиот конгрес на ССМ дојде до промени во раководството на ССМ.
Имено, Советот на ССМ расправаше за овие состојби во ССМ и донесе одлука за отповикување на поранешниот претседател на ССМ. Со новите промени по 14.04.2010 година се воведе тимска работа, се избраа потпретседатели за: Јавен сектор, Колективно преговарање и договарање и економски прашања, Организациски развој и Приватен сектор и се избра секретар на Советот на ССМ. Советот на ССМ редовно и транспарентно се информира и преземаше активности по сите актуелни прашања . Се презедоа низа мерки за финансиско консолидирање на ССМ.
Дозволете ми во оваа прилика да искажам голема благодарност за подготвеноста и огромниот придонес на членството на здружените синдикати и на Советот на ССМ , за настанатите промени во ССМ, што многу значи за зачувувањето и успешното функционирање на Сојузот на синдикатите на Македонија. Ова е доказ дека во ССМ постои заедништво и дека членството умее да ги решава проблемите во интерес на опстојувањето на својата Организација.
Почитувани делегати и гости на 18-тиот конгрес на ССМ
Внатрешните недоразбирања што ни се случија во изминатиот период мора да ги оставиме зад нас. Мора уште посилно да се здружиме во спротивставувањето на притисоците од најразличен вид и да продолжиме со натамошното реформирање на ССМ и постојаното изнаоѓање нови форми на организирање и дејствување за добробит на нашето членство и целата општествена заедница.
Уверен сум дека тоа е минато искуство и дека овој Конгрес ќе значи премин кон нови успеси на ССМ и враќање на угледот и моќта на водечка Организација на работниците во Република Македонија која вековно опстојувала и ќе опстојува.
Како поткрепа на ова ќе нагласам дека и покрај кусото време од последните промени во ССМ, резултатите од работата се видни:
1. Драстично подобрување на социјалниот дијалог. Со свои претставници ССМ активно учествува во работата на соодветните комисии на Собранието на Република Македонија; Националниот совет за евроинтеграции; Националниот совет за безбедност и здравје при работа; Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување, итн.
2. По подолго отсуство, со претставници на Владата на Република Македонија и на ССМ се одржаа повеќе средби за актуелни и за подолг период приоритетни прашања од сферата на економските и социјалните права на работниците, и на тој начин се зацврсти бипартитниот социјален дијалог со Владата на РМ и ССМ.
3. Стекната е репрезентативност на повеќе грански синдикати, а со тоа ССМ стана и репрезентативен Сојуз на синдикати на Македонија на национално ниво и на јавен сектор, кој се залага за постигнување социјален консензус.
4. Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија, како репрезентативни социјални партнери, согласно измените кои настанаа во Законот за работни односи на 26.04.2010 година, го усогласија КД за приватниот сектор, а на 18.06.2010 година, утврдија пречистен текст на Општиот колективен договор за приватниот сектор.
5. Заедно со другите социјални партнери на 25.08.2010 г. ССМ ја потпиша Спогодбата за формирање на Економско-социјалниот совет на национално ниво. Со тоа се создадоа услови ССМ да придонесува во доследно извршување на функцијата на оваа извонредно значајна институција за реализирање на социјалниот дијалог во РМ, како и во креирањето на политиките низ подготовка и имплементација на прописи, проекти, програми, итн.
6. ССМ ја зацврсти својата позицијата во Заедничкиот консултативен комитет со Европскиот-социјален комитет (ЕКОСОК) и активно ќе учествува во разгледувањето на прашања од економско-социјален интерес кои се поврзани со процесот на интегрирање во Европската Унија и зајакнување на соработката на ЕУ со граѓанското општество.
7. ССМ е сериозен партиципиент во работењето на Меѓународна организација на трудот, кој соработува и ги почитува неговите сугестии и мислења во однос на спроведувањето и ратификувањето на конвенциите на МОТ во нашата држава.
Почитувани делегати и гости на 18-тиот конгрес на ССМ
Во периодот што следи не очекуваат уште многу напори за враќање на разнишаната доверба на членството и за јакнење на позицијата на ССМ како признат социјален партнер. Треба да ги согледаме проблемите и да продолжиме со реформските зафати во ССМ. Нашата визија за ССМ е јасна:
1. Сојузот на синдикатите на Македонија и натаму треба да се организира и дејствува како организација на доброволно здружени синдикати. Потребата на нов тип на модерно синдикално движење и во методот на работа кој треба да е насочен кон превентивно дејствување наместо посфестум, активен однос кон спроведување и носење на законите, наместо пасивно набљудување и констатирање, напуштање на форумското работење, воведување на тимската работа и активно партиципирање на членството при донесување на крајни стратешки одлуки и ставови.
2. Концептот на организирање и натаму треба да остане врз грански принцип и гранските синдикати мора да ја задржат целосната автономност и да бидат основните субјекти во креирањето на заедничката политика на ССМ.
3. Мора да ја зачуваме финансиската независност и да се залагаме за функционална распределба на синдикалната членарина и за постојано еконосмко и финансиско јакнење.
За ССМ и натаму останува стратешка определба:
1. ССМ да опстои како значаен субјект и признат социјален партнер во државата. За настанатите спорови во врска со правата на работниците од работен однос да преговараме и да бараме нивна завршница во интерес на нашето членство.
2. Во отсуство на слух за работничките права и интереси ќе организираме акции за изразување на нашето незадоволство. Ќе искажуваме солидарност и ќе ги поддржуваме акциите за остварување на правата од работа било во нашата држава, било оние од меѓународен карактер.
3. Ќе отвориме широк простор за соработка со другите синдикати од РМ, невладиниот сектор и експерти - научни и стручни работници од земјата и странство за прашања од интерес за работниците и зацврстување на позицијата на синдикатот како социјален партнер во државата.
Кога сум овде мора да напоменам дека детските болести на синдикалниот прлурализам се надминати. Иманентно на синдикатите е да се здружуваат, особено сега во услови на криза, кога од синдикатите се бара да се обединат во интерес на правата на работниците. Да се обидеме и да побараме од сите синдикати и други сојузи и конфедерации, поаѓајки од нас, да дискутираат, да се ангажираат и да споделат еден заеднички пат што го спречува раскинувањето на односите и покажува врз какви односи треба да се гради еден нов заеднички здружен синдикален пат.
Јас знам дека во сите синдикални средини, во секоја организација има посебна култура, реалност, формирана работничка и синдикална свест, но сепак станува избор за одговорност заедно да дејствуваме, да се здружиме, не само заради нас и заради тоа што товарот го носиме ние, туку и за нашите поколенија и за иднината што не очекува.
4. Ќе ја прошируваме, продлабочуваме и интензивираме комуникацијата со меѓународните и национални синдикални организации и асоцијации и ќе ја издигнуваме соработката на потребното ниво со размена на искуства за синдикалното дејствување и социјалното партнерство.
Ќе продолжиме со нашите заложби за вклучување на ССМ како рамноправен член во: Светската конфедерација на слободни синдикати и во Европската конфедерација на синдикати. Искрено се надевам дека во ова ќе успееме бидејќи целите и задачите на синдикатите независно каде дејствуваат се еднакви и затоа не треба да постојат никакви граници. Меѓусебната соработка со братските синдикати е од голема полза во одбрана на работничките права и интереси.
5. Ќе продолжиме да остварувавме добра соработка со Меѓународната организација на трудот и нивната посебна канцеларија во Македонија. Во наредниот период очекуваме дека нивната поддршка ќе биде уште поголема во градењето на легислативата и други прашања што одат во насока на примена на општоприфатените стандарди од областа на трудот.
6. Како и досега остануваме отворени за соработка и со разни европски и светски мисии и амбасади во Република Македонија и ќе настојуваме таа соработка да ја продлабочуваме.
7. Ќе продолжиме со синдикалното образование и обука, за кое очекуваме дека ќе се интензивира соработката со меѓународните синдикални организации, Меѓународна организација на трудот, потоа меѓународни организации и фондации, посебно со Фондацијата „Фридрих Еберт“ од Германија.
8. Секциите во рамките на ССМ повеќе ќе се ангажираат: protiv дискриминација на работното место; почитување на посебните права и интереси на жените и младите од работен однос; создавање повеќе можности за самовработување; за полова рамнотежа при вработувањето, итн.
9. Особено ќе се ангажираме и ќе водиме кампањи да се шири мрежата на синдикално организирање на вработените, бидејќи моќта на ССМ е во мобилизираноста и консолидираноста на членството, во заедништвото и солидарноста. Исто така, ќе развиваме порационален и пооперативен концепт на организациска структура и нови методи и средства на синдикална борба.
10. Навремено ќе го информираме нашето членство и пошироката јавност за активностите на ССМ и гранските синдикати преку многуте можности што ги пружаат медиумските средства, притоа користејќи ги предностите на електронското информирање.
Почитувани делегати, почитувани гости на 18-тиот Конгрес на ССМ
Во интерес на времето, на крајот од моето излагање дозволете ми уште еднаш да нагласам дека Сојузот на синдикатите на Македонија никој не го поколебал и нема да го поколеба во неговите определби да дејствува како демократска, независна организација, која се бори за работно-правната и социјално-економската положба на своето членство, која се бори за остварување на синдикалните права, за социјална правда, за повисок животен стандард и благосостојба во целата држава.
ССМ и во натамошниот период останува на определбата да биде независен и автономен во однос на државата и политичките партии, но исто така отворен за соработка со сите во интерес на остварување на социјалните и економските интереси на работниците и членството. Постоеа периоди кога на овој план беа направени стратешки грешки, од кои сеуште имаме импликации. Често од одредени структури неретко и злонамерно во зависност од потребите на различни групи бевме и сме обвинувани дека сме наши или ваши. Едноставно ја користам можноста уште еднаш да ја испратам пораката, ваквите злонамерни структури прегазени од времето и далеку од модерниот практициран синдикализам да не остават едноставно да бидеме синдикалисти.
ССМ е релевантен субјект во државата и мора да се почитува од социјалните партнери. Социјалниот дијалог е неопходен и претставува предуслов за демократската иднина на нашата држава. Затоа, наша определба во остварувањето и унапредувањето на правата и интересите на трудот е преговарањето и колективното договарање, користејќи ја силата на аргументите. За ССМ тоа е патот по кој сите треба да врвиме за да ја негуваме и унапредуваме демократијата, да одиме кон прогрес, за општото добро на работниците и граѓаните на Република Македонија.
На овој Конгрес сакам да се обратам до членството на синдикатите здружени во Сојузот на синдикатите на Македонија и натаму да останат единствени, цврсти и непоколебливи во борбата за своите права и подобар живот. Исто така ги уверувам работниците кои од разни причини не се во нашите редови, дека сме отворени за соработка и надминување на сите проблеми, согласно нашите програмски определби и принципи на дејствување.
Почитувани делегати, почитувани гости
Иднината на Сојузот на синдикатите на Македонија и неговата перспектива ја гледаме во иднината на Европскиот синдикат и во иднината на Европа.
Своевремено, Џоел Барклер ќе рече дека визијата без акција е сонување, акција без визија е случајна активност, визијата и акцијата можат да го променат светот. Филозофот Сенека пак ќе рече дека ако не знаете каде пловите , тогаш ниту еден ветер не ви помага. Убеден сум дека ССМ денес заедно со Вас има и визија, способен е за акција, а и знае каде и како да плови во турбулентното социјално море.
Нашата идеа е да градиме Синдикат што нема да е бирократизиран, што ќе инвестира во своето членство, Синдикат кој ќе настојува да биде потранспарентен во зачленувањето, демократски и координиран во однесувањето и употребата на средствата. Нашата идеа е да градиме модерен Синдикат без стереотипи, Синдикат од акција, кој сака и знае да дејствува, отворен кон членството, младите, средношколците и студентите, наши идни членови, кон волонтерите, пензионерите, кон социјалните партнери, владата и работодавачите, Синдикат што не се повлекува, Синдикат што го оддржува односот помеѓу она што го кажува и прави, правичен и реален без лажна демагогија, Синдикат со константност, кој промовира европски дух и ќе тежнее кон европски социјален модел.
Уште еднаш Ве поздравувам и посакувам овој Конгрес да претставува пресвртница во изградбата на ССМ во современа е демократска организација на работниците, организација на здружени синдикати, која ќе дава одговор на барањата, која ќе дејствува со поглед кон иднината, иднината на ССМ, иднината на Македонија, Европска Македонија.
САМО ЗДРУЖЕНИ, ЕДИНСТВЕНИ, СИГУРНИ,
ЗАЕДНИЧКИ ЌЕ ГО ИЗОДИМЕ ТОЈ ПАТ
ДА ЖИВЕЕ ССМ, ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА