КОНГРЕСОТ УСВОИ ПРОГРАМА ЗА ДЕЈСТВУВАЊЕ И РЕЗОЛУЦИЈА ЗА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ
1.11.2010
На 28. Конгрес се усвоени Програма за дејствување на ССМ 2010 – 2015 година и Резолуција за социјалниот дијалог и улогата на синдикатите во услови на економска криза...
Осумнаесеттиот Конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија, со цел да ја зајакне својата улога како социјален партнер и признат субјект во државата и застапник на интересите и правата на работниците, во услови на финансиска и економска криза, ја донесува следната:
Р Е З О Л У Ц И Ј А
за социјалниот дијалог и улогата на синдикатите
во услови на економска и финансиска криза
1. Проблемите што настанаа и постојат со доаѓањето на
светската финансиска криза имаат силно влијание не само во финансискиот сектор, туку и во индустриските односи во државата.
Финансиската криза дирекно и значително влијаеше и сеуште влијае врз работните услови и работните односи на микро план. Кризата, покрај економските проблеми, продуцира и сериозни социјални последици во работно-правната положба на работниците. Се изгубија голем број работни места, се зголеми невработеноста, има проблеми во редовната исплата на платите, се намали производството, се зголеми неликвидноста на претпријатијата, односно се создадоа голем број проблеми во целокупниот економски развој.
За ублажување и решавање на проблемите предизвикани од финансиската криза, Сојузот на синдикатите на Македонија ќе предлага да се преземаат соодветни мерки од страна на власта, но и ќе бара заедничко дејствување на сите социјални партнери во надминувањето на проблемите, особено во областа на работните услови и вработувањето.
2.Социјалното партнерство и социјалниот дијалог е неопходност во воспоставувањето на потребната рамнотежа меѓу трудот и капиталот во услови на економска криза.
Социјалниот дијалог е едно од најмоќните средства
во изнаоѓањето на соодветни мерки и инструменти за решавање на проблемите предизвикани од финансиската криза. Во овие рамки, Сојузот на синдикатите на Македонија како рамноправен социјален партнер ќе бара и одлучно ќе дејствува преку преговарање и договарање да се дојде до заеднички одлуки и решенија за проблемите, засновани врз консензус, што ќе бидат од интерес на застапуваните страни и севкупниот општествен просперитет.
3.Сојузот на синдикатите на Македонија со формирањето на новиот Економско-социјален совет ќе инсистира тој да ја врши функцијата на основен механизам во социјалното преговарање (особено во услови на економска криза) и ќе придонесува за унапредување и зајакнување на неговата позиција, поставеност и квалитет во работењето. ССМ ќе дејствува, ова трипартитно тело да работи врз принципот на заемно почитување и респектирање на заеднички изградените мислења и ставови кои имаат исклучително значење за остварување на правата на работниците од трудот.
4.Градењето нови модели на колективно договарање во услови на финансиска криза за ССМ и синдикатите, ќе биде приоритетно прашање.
Сојузот на синдикатите на Македонија во наредниот период, особено ќе се залага за почитување на правото и слободата на колективното преговарање, надминување на отпорите за востановувањето на колективното договарање, како и потпишување на колективните договори на сите нивоа и барање одговорност за неспроведувањето на договорно преземените обврски и утврдените норми.
Сојузот на синдикатите на Македонија и здружените синдикати ќе бараат преку социјален дијалог во колективните договари на национално ниво, на ниво на дејности и на ниво на работодавач, да се утврдуваат и разработат мерките и сретствата што треба да се преземаат во услови на економска криза. Работниците треба да знаат кои мерки првенствено ќе се преземаат кај работодавачот, пред да се оди на најригорозната мерка која е поврзана со отпуштање на работниците од работа.
5. Осумнаесеттиот Конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија претставува пресвртница во дејствувањето на Синдикатот. ССМ ќе се гради како модерен, одговорен и ефикасен Синдикат во државата, со јака позиција во преговарањето и Синдикат кој гради социјален мир и се бори за утврдување и остварување на правата на работниците во целост, а особено во услови на економска криза.
28.10.2010год. XVIII КОНГРЕС НА ССМ
СОЈУЗ НА СИНДИКАТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
XVIII КОНГРЕС
ПРОГРАМА ЗА ДЕЈСТВУВАЊЕ
на Сојузот на синдикатите на Македонија 2010 - 2015
Охрид, 28 октомври, 2010 година
Осумнаесеттиот конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија претставува воспоставување на нова страница на дејствување и работење на Сојузот на синдикатите на Македонија и 17-те здружени синдикати.
Сојузот на синдикатите на Македонија по Осумнаесеттиот конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија ќе стане активен фактор и градител на сопствената држава преку изградба на слободно демократско општество за мир, кое сака што побрзо да стане член на Европското семејство, побрз економски развој, доследно почитување на Уставот на РМ, законите и колективните договори, спроведување на вистински социјален дијалог и поддржување на реформите со кои се подобрува економско - социјалната положба на работниците и целосно почитување на човековите, работничките и синдикалните права и слободи.
Во овие рамки Сојузот на синдикатите на Македонија сака да е, и, рамноправен социјален партнер во градењето на државата како социјална држава, согласно Уставот на РМ, како и да преземе дел од одговорноста за непочитувањето, односно неспроведувањето на оние работи и активности во кои рамноправно учествувал.
Сојузот на синдикатите на Македонија и здружените синдикати, како дел од големото семејство на демократските европски и светски синдикати, ќе даде свој придонес во борбата за зачувување и одбрана на социјалните и економски права на работниците, пред се, во зачувувањето на што повеќе работни места од предизвиците на транзицијата, глобализацијата на меѓународен план и светската економска криза.
Во рамките на сите овие и други активности, ССМ ќе дејствува како самостојна, автономна, независна и демократска организација на работниците во Република Македонија како во однос на државата, така и во однос на работодавачите, политичките партии и другите организации и здруженија.
Активностите на Сојузот на синдикатите на Македонија во меѓуконгресниот период посебно ќе бидат насочени на полето на економскиот и социјалниот развој; социјалниот дијалог и колективното договарање; заштитата на правата на работниците; меѓународната соработка и, секако, на градење на современ, мобилен и помногуброен синдикат на кого работниците ќе му веруваат, имаат доверба и преку кого ќе ги остваруваат своите права.
I. ССМ - СОВРЕМЕНА, ДЕМОКРАТСКА ОРГАНИЗАЦИЈА
Предизвиците што со себе ги носи борбата за остварување на социјалната правда, столбот на вековните синдикални заложби, изградбата на демократско општество, почитување на човековите и синдикалните права и слободи, практикување на меѓународни стандарди и вредности во областа на трудот, ја наметнуваат потребата за континуирано јакнење, организирање и приспособување на ССМ кон тие потреби и градење на соодветни начини и методите на дејствување во современите општествено-економски и демократски процеси.
Во периодот по 18. конгрес, ССМ своите активности за изградба на поефикасна организација на вработените - членови на синдикатите ќе ги насочи кон: 1. Развој на интерните демократски процеси и зацврстување на моделот на организирање согласно потребите на членството 2. ССМ во улога на социјален партнер и фактор во демократскиот развој на вкупните општествени односи во државата.
1. Развој на интерните демократски процеси и зацврстување на
моделот на организирање согласно потребите на членството
ССМ и натаму демократски, политички независен, на транспарентен и ефикасен начин ќе дејствува согласно статутарните определби како организација на доброволно здружени автономни синдикати. Приоритети во натамошното јакнење на организацијата ќе бидат особено:
- Воспоставување поголемо единство, солидарност и одговорност во операционализирање на програмските определби, преку координација и дефинирање на синдикалните барања, користејќи ги сите легитимни средства;
- Утврдување стратегија за ново зачленување и враќање на старото членство. Активностите на овој план треба да бидат интензивни бидејќи во изминатиот меѓуконгресен период се изгуби голем број од синдикалното членство заради погрешната и штетна политика од страна на поранешниот претседател на ССМ.
За новото зачленување, активностите ќе се водат особено во работните средини каде што има потреба од јакнење на свеста кај работниците и работодавачите дека синдикалното организирање е во интерес на остварување на правата на носителите на општественото богатство - работниците.
ССМ ќе утврди посебна програма за зачленување и мобилизирање на членството, применувајќи го принципот на доброволност и користејќи ги сите синдикални ресурси.
- Мобилизирањето и анимирањето на постојното членство и натамошен развој на демократските односи ќе се води во континуитет на сите нивоа на организирање заради активно дејствување и поголема партиципација на што поголем број на членови на синдикатите и нивните претставници врз создавањето политики и носењето одлуки и реализација на истите, што е еден од императивите за силна организација;
- Развивање порационален и пооперативен концепт на организациска мрежна структура заради поголема ефективна присутност на теренот и интензивна комуникација со членството и социјалните партнери за остварување на стратешките цели и задачи. Ваков концепт ќе овозможи привлекување во членство на што поголем број млади, жени, пензионери, лица со посебни потреби, привремено вработени, односно на заинтересирани кои имаат желба и на кои им се потребни повеќе информации за зачленување во синдикат, посебно во приватниот сектор.
- Развивање нови методи и средства на синдикална борба за успешно мобилизирање на членството за остварување на правата од работа во случаите кога нема да се постигне потребниот консензус за законските права на работниците. Синдикални акции од социјален карактер ССМ ќе поддржува и во организација на други синдикати во земјата и светот, со што ќе ја изрази солидарноста за остварување и почитување на основното човеково право - секој достоинствено да живее од својот труд, со соодветна плата за трудот и во безбедни и здрави услови за работа.
- Една од клучните стратешки определби за ССМ и натаму останува синдикалното образование и обука. Ова, пред сé, е наметнато од општествената позиција и улогата на ССМ и потребата за континуирано оспособувањето на синдикалните претставници и членство за остварување и унапредување на правата од работа.
Образовните активности ќе се одвиваат преку реализација на проекти во соработка со Меѓународната организација на трудот, Европската и Светската синдикална организација, како и меѓународни синдикални организации и асоцијации, национални синдикати, фондации, соодветни владини институции, невладиниот сектор, во чиј фокус на дејствување е остварување и унапредување на трудовите права и интереси. ССМ ќе бара и Владата на РМ да ги потпомогне активностите на ССМ од образовен карактер. На овој начин ќе се придонесе во натамошното јакнење на кадровскиот потенцијал на ССМ и негово потврдување како рамноправен и силен социјален партнер и еден од носителите на општествената моќ во државата, што е во интерес на постигнувањето на социјална рамнотежа и општ општествен просперитет.
- Зачувувањето на финансиската независност и функционалната распределба на синдикалната членарина и обезбедување долгорочни финансиски ресурси има суштинско значење за комплетното и успешно застапување на интересите на членството, за синдикалните активности и во тие рамки, особено за начинот на остварувањето на правото на синдикален притисок.
- ССМ ќе продолжи да ја негува и да ја развива соработката со другите национални синдикати од земјата и на тој начин солидарно да придонесува за подобрување на севкупната материјално-социјална положба на вработените во државата.
- Меѓународната соработка е дел од стратешкото дејствување на ССМ и традиционално се негува и развива. ССМ првенствено ќе се насочи кон интеграцијата во Европската конфедерација на синдикатите и Меѓународната организација на слободни синдикати. Исто така, ССМ ќе продолжи да соработува со синдикатите од другите држави, пред се во рамките на Регионот и солидарно ќе се вклучува во секоја акција од интерес на одбрана на правата од работа на вработените и воопшто трудот.
- Согласно позитивната практика во светот, ССМ ќе ја поддржи идејата за формирање совети на вработените во претпријатијата. Ова од повеќе причини, а пред сé: преку советите на вработените ќе се отвори можноста да се изградат нови начини на застапување на интересите на вработените; во работните средини каде што вработените не се синдикално организирани од разни причини, соработката со нив ќе овозможи контакт со потенцијалните членови на синдикатите и влијание однадвор; преку советите, синдикатот ќе може да ги промовира, да ги доближи до вработените и да ги остварува своите идеи и барања, итн.
2. ССМ во улога на социјален партнер и фактор во демократскиот
развој на вкупните општествени односи во државата
Социјалното партнерство и социјалниот дијалог е неопходност во воспоставувањето на потребната рамнотежа меѓу трудот и капиталот. Заради големото значење на дијалогот меѓу социјалните партнери во нашата држава, ССМ и натаму ќе бара и одлучно ќе дејствува за негово унапредување и континуирано практикување. Преговарањето, договарањето, заедничките одлуки засновани врз консензус, ќе овозможат изнаоѓање решенија од интерес на застапуваните страни и севкупниот општествен просперитет. Во оваа насока,
- ССМ ќе бара да се спроведува уставната определба, одлуките на извршната и законодавната власт да се носат преку демократски воспоставените институции на системот. ССМ ќе бара вклучување и активно учество на негови претставници во работата на комисиите и телата на Собранието и Владата на РМ, како и во социјалните фондови и агенции, за прашања што се од значење за економско-социјалната положба на вработените.
- ССМ ќе инсистира Економско-социјалниот совет да ја врши функцијата на основен механизам во социјалното преговарање и ќе придонесува за унапредување и зајакнување на неговата позиција, поставеност и квалитет во работењето. ССМ ќе бара ова конститутивно трипартитно тело да работи врз принципот на заемно почитување меѓу социјалните партнери - конституенти на Советот и законодавната и извршната власт да ги респектираат заеднички изградените мислења и ставови на Советот, кои имаат исклучително значење за остварување на правата од трудот.
Во работата на Заедничкиот консултативен комитет со Европскиот-социјален комитет (ЕКОСОК), ССМ ќе учествува со свој претставник во разгледувањето на прашања од економско-социјален интерес кои се поврзани со процесот на интегрирање во Европската Унија и зајакнување на соработката на ЕУ со граѓанското општество.
- ССМ ќе бара да бидат почитувани неговите сугестии и мислења во однос на спроведувањето на ратификуваните конвенции на Меѓународната организација на трудот, како и за потребата за ратификување на конвенции на МОТ битни за остварувањето и заштитата на работничките и синдикалните права и доследното спроведување на меѓународните стандарди на трудот.
- Со оглед на значењето на евроинтегративните процеси на Република Македонија, ССМ и натаму со свои избрани претставници ќе земе непосредно учество во работата на структурите, формирани за таа цел, пред сé Националниот совет за европска интеграција на Собранието на РМ. Ова од причини што, ССМ како социјален партнер ќе придонесе за развој на социјалниот дијалог во државата, што е еден од приоритетните услови за евроинтеграцијата на Република Македонија.
- Како докажан општествен субјект и најзначаен сегмент на цивилното општество, ССМ ќе се залага за натамошно продолжување и проширување на соработката со цивилниот сектор за прашања од интерес за трудот, независно во однос на државата, работодавачите и политичките партии. На овој план посебно треба да се зголеми активноста на Секцијата на жени и Секцијата на млади и на тој начин, ССМ уште повеќе да придонесува за развојот на демократските процеси во државата, што е претпоставка за хармонија и општествен просперитет.
II. Економски и социјален развој
Периодот меѓу 17. и 18. Конгрес на ССМ ( 2006 - 2010 година) на економско социјален план, за вработените на Република Македонија се оценува како период во кој имаше доста проблеми поврзани, пред сé, со глобализацијата и негативните влијанија на светската економска криза врз нашата држава, кои доведоа над 60% да се намалат странските инвестиции, да се затворат претпријатија поради нерентабилност или да го намалат своето производство, да се изгубат работни места, да се продлабочи сиромаштијата, а во просек околу 3% од работници да не примаат или примаат плата со задоцнување од неколку месец. За ублажување на ваквите состојби, Владата на Република Македонија донесе четири пакети антикризни мерки кои до одреден степен ги ублажија последиците на кризата. Но, вкупните економски процеси во Република Македонија недвосмислено потврдуваат дека неодложно е потребно да се пристапи кон целосно спроведување на досегашните и преземање на други мерки и активности за надминување на тешката економско-социјална состојба во државата и намалување на негативните последици што таа ги генерира.
Сојузот на синдикатите на Македонија како најбројна репрезентативна организација во државата, во наредниот период во рамките на своите надлежности, ќе се вклучи уште повеќе во предлагањето мерки за намалување на економските проблеми и започнување на позитивни процеси кои ќе значат подобрување на економската и социјална положба на работниците.
За таа цел, Сојузот на синдикатите на Македонија во наредниот период за остварување на овие определби, своите активности на национално ниво, посебно ќе ги насочи кон:
1. Инсистирање на целосно спроведување на четирите пакети антикризни мерки од сите субјекти инволвирани во овој процес, особено преземање дополнителни мерки за подобрување на инвестиционата клима во државата, за привлекување на странски и домашни инвеститори, за отворање нови работни места, со што ќе се ублажи проблемот со невработеноста;
2. Отвореност на банкарскиот сектор и олеснување на пристапот до евтини банкарски кредити за претпријатијата, со кои ќе се овозможи продолжување и зголемување на производството за одржување на нивната ликвидност и репрограмирање на достасаните обврски на претпријатијата, како и обезбедување помали камати на инвестициските кредити;
3. Поддршка на развојот на претприемништвото и приватната иницијатива преку развој на малите и средни претпријатија и утврдување на програма на селективна даночна политика, вклучително и ослободување од даночната обврска во случаи на инвестициони вложувања кои ќе доведат до нови вработувања и стручно оспособување и усовршување на вработените за новите технологии;
4. Поддршка за отворање работни места во сите сектори на економијата и поддршка преку субвенционирање за зачувување на работните места во секторите во кои се изгубија најголем број работни места, посебно во производството на метали, текстилната индустрија, градежништвото, земјоделството и други гранки. Вклучување на домашните работодавачи и работници во изработка на предвидените јавни проекти и работи;
5. Заедничко дејствување со надлежните органи во борбата за намалување на сивата економија и работата на црно.
Прашањата поврзани со платите, надоместоците, придонесите, нивната исплата, уредувањето на истите со колективни договори ќе бидат посебно и со зголемена активност третирани од страна на ССМ и здружените синдикати. За таа цел, ќе се инсистира на:
1. Редовна исплата на платите на вработените согласно закон и колективен договор и нивно зголемување, согласно трендот на инфлацијата и продуктивноста. На крајот на годината, за наредната година, работодавачите и синдикатите да ја утврдат најниската плата во дејностите и одделите;
2. Започнување на преговори со социјалните партнери за утврдување на минимална плата во државата со закон, веднаш по завршувањето на 18. Конгрес;
3. Социјален план за работниците што останале и што ќе останат без работа, со учество на Синдикатот, поради светската финансиска криза за кои државата и работодавачите ќе обезбедат одредена помош во рамките на реалните можности;
4. Доследно почитување на меѓународните стандарди, конвенции, националните закони во областа на трудот, а особено колективните договори, со цел да се врати достоинството на трудот и работникот - неговиот труд да се третира како рамноправен фактор во процесот на продукцијата, како темелна стратегија на вредностите и најрентабилна инвестиција.
Во рамките на овие активности, Сојузот на синдикатите на Македонија за првпат ќе воведе - Синдикална кошница - како потреба за реално утврдување на финансиските потреби за подмирување на основните трошоци на живот на работникот и неговото четиричлено семејство. Оваа активност ССМ ќе ја оствари веднаш по одржувањето на 18. Конгрес и истата на секои 3 месеци ќе биде објавувана од страна на ССМ.
Проблемите што постојат во економската сфера во државата, според ССМ, ќе продолжат и по 2010 година. Ваквата состојба ќе бара континуирано следење на вкупните економско - социјални состојби и поголема активност на Сојузот на синдикатите на Македонија согласно неговите функции и преземање на сите мерки, со цел да се заштити економско-социјалната положба на работниците. Една од значајните мерки во оваа област секако дека е пристојната работа.
Денес во Република Македонија се соочуваме со огромна невработеност и недоволна ангажираност на активното население, непродуктивни работни места, несигурна работа, непочитување на правата од работен однос, дискриминација. Поради тоа потребно е, а е во интерес и на економскиот развој на државата, поцелосно да се запознаеме со концептот пристојна работа на Меѓународната организација на трудот.
Концептот е заснован врз сфаќањето дека работата е извор на лично достоинство, семејна сигурност, мир во заедницата, демократија која исполнува и економски раст кој ги зголемува можностите за продуктивни работни места и развој на претпријатијата. Во релативно кратко време овој концепт довел до меѓународен консензус помеѓу владите, работодавачите, синдикатите и организациите на цивилното општество, дека продуктивното вработување и пристојната работа се клучните за фер глобализација и намалување на сиромаштијата.
Сите горенаведени активности, Сојузот на синдикатите на Македонија ќе ги остварува низ неколку форми на дејствување, во зависност од природата на прашањето, и тоа преку: активно учество во работата на Економско-социјалниот совет, разгледување на законски решенија, програми и планови, давање на мислења и предлози, учество во работата на фондовите каде што е член и ССМ, учество на состаноци, конференции, тркалезни маси, соработка со медиумите, итн.
Пензиски систем
Посебно, многу важно прашање за работниците во изминатите неколку години е пензискиот систем и тоа, условите за пензионирање. Работниците не се задоволни од постоењето само на еден услов за пензионирање, туку сакаат да има повеќе услови за пензионирање како во сите други држави што нé опкружуваат и во земјите од Европската Унија.
ССМ по ова прашање има изградено посебен став дека во државата мора да има повеќе услови за пензионирање и нашите работници по ова прашање треба да се во рамноправна положба со работниците од другите држави. За таа цел, ССМ ќе одржи посебна конференција со учество на сите социјални партнери на национално ниво, со поддршка на МОТ и Меѓународната светска синдикална организација и ќе покрене Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување за воведување повеќе услови за пензионирање на работниците.
Здравствен систем
Здравствениот систем е многу сложен систем, кој има големо економско влијание врз вкупниот финансиски систем во државата. Затоа, сега во услови на економска криза, кога се бара ефикасност при намалена јавна потрошувачка, сметаме дека е вистинско време да се спроведе реформата во здравството.
За ССМ е неприфатлив неконтролираниот продор на приватниот сектор во здраството, како и моделите кои јавното здравство го претвораат во приватно.
Реформата не треба да нуди само решавање на финансиските проблем во здравството, преку зголемување на трошоците за услугите на граѓаните. За да се надминат проблемите, треба сериозно да започне изградбата на конзистентен здравствен систем во кој здравствените услуги ќе бидат достапни до сите жители на државата и во кој пациентот мора да е во центарот на системот. Треба да се воспостави мрежа (медицинска мапа), преку која со правилно планирање на трошоците и подобрување на квалитетот на здравствената заштита (преку добро дизајнирани пакети на здравствени услуги), соодветно ќе се одговори на потребите на граѓаните.
III. Колективно договарање
Борбата за колективното договарање како уставна категорија, во услови на негово инсталирање во практиката, останува една од стожерните области на дејствување на Сојузот на синдикатите на Македонија во наредниот период, при што особено ќе се залага:
- за почитување на правото и слободата на колективното преговарање, како и надминување на отпорите за востановувањето на колективното договарање како форма на уредување на односите во сферата на трудот;
- потпишување на колективните договори на сите нивоа на нивно донесување и барање одговорност за неспроведувањето на договорно преземените обврски и утврдените норми;
- со колективните договори да се утврдуваат поголеми права и поповолни услови за работа во однос на тие утврдени со Закон, со што ќе се оствари суштината на колективното преговарање;
- со колективните договори да бидат опфатени правата и обврските и на сезонските работници;
- со доследно и целосно остварување на колективното договарање на национално, на ниво на дејности и на ниво на работодавач, да се обезбедува неопходниот натамошен развој на дијалогот со социјалните партнери;
- за доследно почитување и остварување на правата од потпишаните колективни договори и за ефикасна инспекциска и судска заштита на вработените;
- градење нови модели на колективно договарање во услови на финансиска криза.
IV. Работни односи и правна заштита
Уредувањето на работните односи со закон и колективен договор, нивната целосна примена и заштитата на правата на работниците претставуваат многу значајно поле на дејствување на ССМ. Во овие рамки секако дека приоритетно прашање ќе бидат активностите за зачувување на основните права од работен однос содржани во Уставот на РМ, Законот за работни односи и другите закони, колективните договори на сите нивоа и меѓународните конвенции, препораки и директиви.
За таа цел, ССМ ќе бара од Владата и Собранието на Република Македонија да ги имплементираат директивите на Европската Унија, конвенциите и препораките на Меѓународната организација на трудот кои се однесуваат на работно-правната положба на работниците. Доколку се намалат правата на работниците или истите не се доволно уредени во законите, ССМ преку покренување на иницијативи пред Уставниот суд на РМ, со свои аргументирани предлози и преку нивните одлуки ќе обезбеди усогласување на законските одредби со Уставот и законите на државата и меѓународната трудова регулатива.
Во таа насока ССМ и понатаму ќе ја користи можноста и правото да се обраќа до Европската и Светската синдикална организација и до Меѓународната организација на трудот, со цел да се унапреди соработката, како и од нив да се добие помош и поддршка за уредување и заштита на правата на работниците од трудовата област, а преку Економско-социјалниот совет ќе инсистира на реализација на проектите кои се усвоени, но, сé досега не се отпочнати, како што е Законот за мирно решавање на работните спорови.
Многу значаен дел на активност на ССМ секако дека е правната заштита. Во поглед на обезбедувањето на правата од работен однос, ССМ ќе продолжи успешно да ја остварува и, како и досега, ќе дава бесплатна правна заштита на правата од работен однос на синдикалното членство. За таа цел, ССМ ќе ги користи сите расположливи средства за заштита на правата на работниците и ќе ги презема сите можни и потребни правни дејствија пред надлежните институции во државата и меѓународните организации.
Приоритет во залагањата на ССМ и синдикатите на планот на обезбедување на правната заштита на членството ќе биде унапредувањето на превентивното делување, со цел правата на работниците да бидат обезбедени по пат на социјален дијалог на социјалните партнери на сите нивоа. Начинот на решавање на заштита на правата ќе се одвива преку водење преговори со социјалните партнери и склучување на спогодби за надминување на настанатите проблеми.
Во насока на унапредување на превентивното делување и решавање на правата од работен однос во работните средини каде што проблемите се настанати, ССМ преку своите правни застапници непосредно и директно ќе настојува да обезбеди соработка со Државниот инспекторат за труд, Народниот правобранител, подрачните единици на локалната самоуправа, Агенцијата и бироата за вработување и други релевантни фактори кои влијаат во остварувањето на правата на работниците од работен однос. За таа цел, континуирано ќе се преземаат сите расположливи правни средства за заштита на правата на работниците, ќе се изготвуваат молби, приговори, жалби, тужби до судовите и други надлежни органи.
Посебно ќе се инсистира да се остварува законското начело на итност во судските постапки во споровите од работен однос, како и ќе се преземаат мерки за намалување на трошоците за овие постапки или, пак, да се обезбеди судската заштита за овие спорови за работниците да биде бесплатна. Исто така, повторно ќе се покрене прашањето за формирање посебни судови за работни спорови, со цел да се обезбеди брза и ефикасна судска заштита.
По однос на примената и почитувањето на донесените спогодби, договори и правосилни пресуди, ќе се инсистира таквите акти работодавачите, односно надлежните органи да ги извршуваат во утврдените рокови и доброволно, како би се избегнале дополнителни трошоци кои се особено зголемени со извршувањата кои сега се во надлежност на приватните извршители.
Врз основа на обработка на податоците за дадената правна заштита од страна на синдикатите, регионалните синдикални совети и канцеларии, ССМ континуирано ќе прави анализи и извештаи, за примена на институтите утврдени со ЗРО, преку своите органи и тела ќе презема активности пред надлежните државни огани за унапредување на работно-правната положба на синдикалното членство и работниците во РМ.
Посебно поле на дејствување на ССМ и синдикатите во наредниот период ќе биде уредувањето и остварувањето на правата на работниците мигранти.
Денес во државата, со оглед на определбата за европско интегрирање,треба отворено да почне да се разговара и уредува статусот на работниците мигранти. Во таа насока, заложбите и активностите на ССМ ќе бидат насочени кон: зголемување на свеста за прашањата поврзани со работниците мигранти, вклученост на синдикатите во уредувањето на положбата на овие работници и меѓународно синдикално ангажирање во борбата против расизмот и ксенофобијата; покренување иницијативи за потпишување спогодби меѓу државите за уредување и почитување на правата на работниците мигранти.
Исто така, активностите на ССМ ќе бидат насочени и кон обезбедувањето еднакви права на работниците мигранти (во земјата и од земјата) утврдени со националното законодавство и колективните договори; еднакви услови за вработување; еднаква плата за еднаква работа; почитување на минимум стандардите на МОТ во договорите за вработување, како и добивање бесплатна правна помош на работниците мигранти врз основа на нивното членување во синдикат, членка на поврзана меѓународна синдикална организација на гранско ниво.
VII. Безбедност и здравје при работа
Исклучително значајно прашање од областа на трудот е правото на безбедни и здрави услови при работа. За жал, во Република Македонија секоја година се случуваат голем број несреќи и професионални заболувања. Затоа, во интерес на унапредување и почитување на ова право, ССМ ќе се залага и бара: во континуитет да се третира прашањето за БЗР, посебно на Националниот совет за БЗР, со цел да се издигне свеста кај вработените и работодавачите за неговото значење од сите аспекти на условите на работа; ќе се иницираат и поддржуваат активности за избирање претставник на вработените за БЗР во сите работни средини; во рамките на ЕСС да се формира посебно тело за БЗР; интегрирањето на БЗР во образовниот систем; да се воведе единствен систем на евиденција на несреќи и професионални заболувања, како и други прашања поврзани со задолжително осигурување од професинални заболувања и несреќи при работа во специјализирани осигурителни компании, посебно оние кои работат на ризични работи и да се формираат комисии за БЗР во претпријатијата и установите во кои подеднакво ќе учествуваат и претставници на работниците и на работодавачите.
ССМ и натаму ќе соработува со надлежните институции и организации од земјата и странство, невладиниот сектор во интерес на унапредување на БЗР. Соработката со МОТ ќе биде интензивирана и се очекува да се остварат стручни средби со експерти.
Во рамките на овие активности, ССМ посебно ќе се ангажира за сузбивање на психичкиот притисок при работа - мобингот, како ризик за несреќи при работа и заболувања, а во исто време ќе предложи до Владата на РМ и посебен текст на Закон за мобинг.
VIII. Формирање солидарен станбен фонд
Решавањето на станбеното прашање е едно од основните егзистенцијални прашања за секој работник и граѓанин. За ССМ станбената изградба претставува значаен сегмент во изградбата на социјална држава, како што е декларирана Република Македонија. Затоа, програмска стратегија на ССМ, меѓу другото, е заложбата за водење соодветна станбена политика во државата, која има силно влијание врз обезбедувањето на животен стандард достоен за човекот.
Со цел да придонесе во создавањето поповолни услови за решавање на станбените прашања на работниците и граѓаните, а со тоа и да се придонесе кон поголема мотивација и продуктивност во работењето, ССМ ќе покрене Иницијатива за формирање солидарен станбен фонд во Република Македонија, во кој би партиципирале: Владата на РМ, ССМ и работодавачите.
Иницијативата за формирање солидарен станбен фонд, ССМ ќе ја достави до социјалните партнери. Реализацијата на оваа Иницијатива ќе значи перспектива за решавање на станбените прашања на работниците и граѓаните во РМ, ќе се отвори работа за градежната оператива и други дејности што ќе се вклучат во изградба на станбените објекти, и ќе се придонесе за натамошна хармонизација на социјалната политика во Република Македонија.
IX. Заштита на животната средина
Сојузот на синдикатите на Македонија во наредниот период посебно ќе се залага за промоција, развој и унапредување на здрава животна средина, развој на „зелена економија” како предуслов за побрз одржлив економски развој, привлекување странски директни инвестиции и услов за отворање нови работни места во државата.
Во таа насока, ССМ ќе ги поддржи сите политики, мерките и законски решенија кои ќе бидат донесени од страна на државата, насочени кон регулирање, унапредување и развој на оваа проблематика.
Исто така, ССМ ќе ги поттикнува и поддржува сите трговски друштва кои следејќи ги начелата и принципите на општествено одговорни претпријатија, да се почитуваат законските решенија со кои се унапредува здравата работна и животна средина, вклучувајќи ги зелените работни места.
X. Информирање на членството и јавноста
Во реализација на програмските цели на ССМ по 18. Конгрес, активностите на планот на информирањето ќе бидат насочени кон уште поцелосно и пошироко информирање на членството и јавноста за активностите на сите нивоа на синдикалното организирање. Тоа ќе се остварува преку:
- ВЕБ страницата на ССМ;
- изработка на потсајтови на гранските синдикати кои немаат свој простор на Интернет, како и одржување на сајтовите на синдикатите кои имаат свои сајтови.
- организирање прес-конференции; соопштенија, известувања, информации;
- интензивирање на контактите со електронските и печатени медиуми и агенции кои ја следат работата на ССМ и давање изјави за медиумите;
- обезбедување медиумска поддршка за планираните кампањи на ССМ, меѓународните конференции, трибини, тркалезни маси и др;
- изготвување информации за активностите на ССМ и доставување до членовите на Советот на ССМ и синдикатите;
- интензивирање на комуникацијата меѓу гранските синдикати и регионалните синдикални совети и канцеларии;
- документирање на објавени материјали во печатени медиуми, и др.
Вообичаено, еднаш годишно се изработува редизајн на интернет порталот. Технолошките промени во светот на информатиката се многу брзи, секојдневно се појавуваат нови решенија и, оттаму, потребата од визуелни освежувања на порталот на ССМ. Нови содржини ќе бидат:
- верзија на англиски јазик;
- отворање посебни банери за прописите и директивите на Европската Унија за книги, прирачници и други изданија во ПДФ формат;
- банер за делење правни совети и за безбедност и здравје при работа;
- отворање простор за директно јавување и допишување на членовите на други лица за мобинг;
- вметнување можности за видео записи и други содржини.
* * *
Врз основа на Програмата за дејствување на ССМ 2010-2015 година, Советот на ССМ, како највисок орган меѓу два конгреса ќе ја операционализира и утврди динамиката на активностите утврдени во Програмата за дејствување на ССМ.