УТРЕ СЕ ОДРЖУВА ОСУМНАЕСЕТТИОТ КОНГРЕС НА ССМ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

27.10.2010

Утре во Охрид се одржува Осумнаесеттиот Конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија. Кандидат за претседател е Живко Митревски...

Осумнаесеттиот конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија се одржува утре, на 28 октомври, во Охрид. Конгресот ќе се одржи во хотелот “Метропол“, со почеток во 11 часот.
На конгресот ќе бидат разгледани и ќе бидат ставени на усвојување повеќе конгресни документи, меѓу кои Извештајот за активностите меѓу 17. и 18. Конгрес, предлог – Статутот, Предлог – Програмата и други документи.

Кандидат на претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија е магистер Живко Митревски, сегашен вршител на должноста претседател на ССМ.

Покрај делегатите на Конгресот ќе присуствуваат повеќе гости од гранските синдикати здружени во ССМ, претставници на други синдикални организации од земјава и на државните институции, како и претставници на меѓународните синдикални конфедерации.

На дневниот ред исто така ќе бидат разгледани Предлог – Програмата за дејствување на Сојузот на синдикатите на Македонија за периодот 2010 – 2015 година и Резолуцијата за социјалниот дијалог и улогата на синдикатите во услови на економска и финансиска криза.

Во Предлог – Програмата се наведени најзначајните цели за ССМ во наредниот период. Тоа се: развој на интерните демократски процеси и зајакнување на улогата на ССМ како социјален партнер, улогата на ССМ во економскиот и социјалниот развој, колективното договарање, работните односи и правната заштита, безбедноста и здравјето при работа, формирањето солидарен станбен фонд, заштитата на животната средина и информирањето на членството и јавноста.

Предлогот за кандидат за претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија е усвоен на седницата на Советот на ССМ на 23 септември 2010 година. Предлогот е поддржан од 16 грански синдикати здружени во ССМ, и тоа од: Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиство и заштитните друштва на РМ, Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на РМ, Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија, Синдикатот на работниците од трговијата на РМ, Синдикатот на поштенските и телекомуникациските работници на Македонија, Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс, Синдикатот на финансиските дејности на Македонија, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија, Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика на РМ, Синдикатот на работниците од сообраќајот и врските на РМ, Синдикатот на хемија, неметали и метали на РМ, Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство на Македонија, Синдикатот на графичка, информативна, филмска, издавачка дејност и производство на хартија на РМ, Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ, Македонскиот полициски синдикат и Мултиетничкиот синдикат за образование на РМ.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc