КОНГРЕС НА ПОЛИЦИСКИОТ СИНДИКАТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

КОНГРЕС НА ПОЛИЦИСКИОТ СИНДИКАТМакедонскиот полициски синдикат на 22 октомври го одржува својот Петти конгрес. На Конгресот, покрај изборните постапки, ќе се сумираат резултатите од досегашното работење и ќе се претстават приоритетните цели и задачи за наредниот период.

Покрај делегатите на Конгресот ќе присуствуваат гости од Советот на европските полициски синдикати, од Министерството за внатрешни работи и од Сојузот на синдикатите на Македонија, додека се очекува обраќање на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Периодот во кој Македонскиот полициски синдикат ќе го остварува новиот меѓуконгресен циклус е период на глобална економска криза. Ваквите периоди се најтешки за секој синдикат, од едноставна причина што субјектот кој треба да се бори за подобар живот, државата, и самата едвај преживува. Најдобар пример е состојбата во Грција, со добро организирани штрајкови, протести, притисоци на грчките синдикати, но без резултати затоа што едноставно нема од што да се даде, го коментира сегашниот момент претседателот на МПС Тихомир Климоски.

КОНГРЕС НА ПОЛИЦИСКИОТ СИНДИКАТОд синдикален аспект ваквите состојби резултираат со рецесија на синдикалното движење. Незадоволни од животот вработените револтот најлесно го изразуваат истапувајќи од синдикатите. Ваквиот пристап е тотално погрешен, затоа што историјата покажува дека токму синдикатите се овој фактор кој континуирано ги поттикнува владите да работат на надминување на кризата. Историјата познава состојби кога во отсуство, или на слабо синдикално дејствување, владата вештачки ја “продолжува“ кризата со цел да ги намали, па и да ги забрани работничките права.

Во нашите македонски услови ионака тешката состојба се усложнува со вулгаризацијата на партиското дејствување, кое стана стил на живот. Особено кај младата популација постои привид дека за успех не му треба ни образование, ни упорна работа, ни синдикат, туку само партиска книшка.

МПС ја имаше честа да биде регистриран како прв репрезентативен синдикат во државата, воедно воопшто и во синдикалната историја на Македонија. По долгите периоди на изолираност, пасивност, на моменти и антисиндикално дејствување, Сојузот на синдикатите на Македонија го смени својот курс, но и раководството. Краткиот период на дејствување на новото раководство е проткаено со видни успеси и ветува подобри услови за синдикално дејствување на национално ниво, во што МПС активно ќе партиципира.

Министерството за внатрешни работи, нашата втора куќа, не е имуно на сите проблеми, но се чувствуваат напорите на раководството кон промени и нова поставеност. Тоа најдобро го потврдуваат Стратегијата за реформи на полицијата, Законот за полиција, Законот за внатрешни работи, новиот Колективен договор и други акти, во кои МПС активно учествуваше.

Климоски ги објасни приоритетните цели и задачи за МПС за претстојниот период. Структурно и организациски МПС го заокружи својот лик, со тоа што основниот принцип, територијалната поставеност, ги опфати сите структури и организациони единици на министерството. Се обезбеди секојдневна циркулација на информации за состојбите од теренот и непосреден пристап до синдикатот. Се одлучивме за примена на европскиот модел на избор на синдикални кадри, кој е содржан во статутот на Советот на европските полициски синдикати, а од јуни 2010 година и во нашиот Статут.

Подобрувањето на економско – социјалната положба и остварувањето на правата од работен однос вообичаено побудува најголем интерес кај членството. Во содејство со работодавачот МПС изгради солидни услови за работа на своите колеги и непрекината, а во неколку наврати и зголемена исплата на платите. Антикризните мерки го прекинаа развојот на овој процес, што не значи дека треба да се чека кризата да помине. МПС  и експертските тимови на МВР мораат до поединост да го осмислат материјалниот дел на платните разреди при хоризонталното и вертикалното напредување во системот на кариера.

Мора сериозно да се поработи на начинот на работата на комисиите за распоредување и унапредување, каде МПС учествува со свои членови. Сегашниот систем на работа е конфузен, некординиран и им овозможува на претставниците на работодавачот да доминираат при одлучувањето. Во иднина тоа мора да се надмине и за секој апликант да претходи консултација со синдикалните претставници.

Законот за внатрешни работи предводува преоден рок од четири години, во кој сите вработени со несоодветен степен на образование се должни да го дооформат образованието за да го задржат работното место. Иако надоместоците за школување се веќе намалени, сепак сметаме дека поголемиот дел од нив нема да успеат да се дообразуваат. Затоа во содејство со Центарот за обука на МВР планираме да обмислиме Систем на интерни студии, каде вишистите ќе можат да се здобијат со потребното ниво на знаење на сметка на министерството.

МПС ги следи случувањата околу системот на пензионирање на своите колеги и соодветно ќе реагира при евентуални негативни решенија на Уставниот суд. Овој процес мора да биде проследен со одржување јавни трибини и дебати, каде ќе бидат објаснети агрументите за концептот. Треба да се надмине ставот на јавноста дека полицајците “бараат преку леб погача“.

МПС штотуку потпиша колективен договор. Актот содржи солидни, на одредени места уникатни решенија во креирањето на социјалниот дијалог. Поради антикризните мерки во договорот не се содржани договорените решенија за фискални трошоци и затоа колективниот договор е потпишан на две години, а не на пет, колку што е вообичаено.

Законот за заштита при работа не ги опфаќа вработените во министерството, поради што тие се најдоа во правен вакуум, односно се покриени со Правилник кој се потпира на непостоечки закон, Законот за заштита при работа. МПС го презеде единственото можно решение и прашањата за заштита при работа ги уреди со новиот колективен договор.

Во однос на заштитата на правата од работен однос МПС ќе настојува, особено при водењето дисциплински постапки, во секој Совет на МПС да постои листа на едуцирани синдикалци, чија основна функција е застапување на членовите.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc