ДЕНЕС ПОЛИЦАЈЦИТЕ ИЗЛЕГОА НА ПРОТЕСТЕН МАРШ
Денес нема да зборуваме за политика, за одлуки и за мотивите на оние кои ја донесоа одлуката. Тука сме да го одбраниме достоинството на нашата професија и да го искажеме нашиот револт против овие неразумни одлуки со кои се деградира нашиот труд и нашата професија.
Со овие зборови претседателот на Македонскиот полициски синдикат Тихомир Климовски им се обрати на неколку илјади припадници на МВР пред зградата на ССМ, каде е сместен Уставниот суд. Полицајците протестираа против одлуката на Уставниот суд, со која се менуваат условите за пензионирање на вработените во полицијата.
Протестниот марш на полицајците се поклопи со Светскиот ден на достоинствена работа, кој денес се одбележува во цел свет. В.д. претседателот на ССМ Живко Митревски ја изрази полната поддршка на ССМ за барањата на полицајците.
Денес во 157 земји во светот се одбележува Денот на достоинствената работа и истовремено денот го одбележуваат 157 милиони членови на Светската федерација на синдикати. ССМ и на овој начин ја изразува полната поддршка на вашите барања за достоинствена работа, плата и пензија. Во најтешките моменти вие ги дававте и вашите животи за да ја сочуваме она што го имаме. Го осудуваме деградирањето на вашата професија и се залагаме за достоинствен третман на припадниците на Министерството за внатрешни работи, им се обрати на полицајците в.д. претседателот Живко Митревски.
Ние не сме против правниот систем. Политиката е опасна и превртлива работа и таму не се мешаме, но зборуваме за оние кои носат одлуки, а не се политичари, рече Тихомир Климовски. Одлуката што ја донесоа е деловнички неиздржана, без учество на сите носители. Нема да се повлечеме од нашите барања, затоа што во основа ги бараме оние стандарди кои за полицијата важат во цела Европа, па и пошироко.
После задржувањето пред зградата на ССМ, во 12 часот, колоната од неколку илјади полицајци се упати кон Собранието на Република Македонија, каде се задржа кусо време. Протестот беше завршен пред седиштето на Министерството за внатрешни работи.
Причина за денешниот протест е Одлуката на Уставниот суд за укинување на одредбите во Законот за внатрешни работи, со која се укинува пензионирањето со 40 години стаж и со пензија во износ од 80 отсто од просечната нето плата.
Центарот за обука во Идризово денес ја прекина наставата како знак на поддршка на протестот.