ВО ЧЕТВРТОК ПРОТЕСТ НА МАКЕДОНСКИОТ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ
4.10.2010
Секаде во светот полицијата се пензионира под посебни услови и Македонија не треба да биде исклучок, смета Македонскиот полициски синдикат. Одлуката на Уставниот суд предизвика голем револт, кој јавно ќе се изрази на протестен собир на 7 октомври...
Во четврток, 7 октомври, во 12 часот, Македонскиот полициски синдикат организира протестен собир. Цел е да се сврти вниманието на Одлуката на Уставниот суд, со кој се менуваат условите за пензионирање на вработените во полицијата.
Ова денес на конференција за печат го соопшти претседателот на Македонскиот полициски синдикат Тихомир Климовски. Тој соопшти дека протестот ќе започне во 12 часот пред зградата на ССМ, каде се наоѓа и Уставниот суд, потоа ќе продолжи пред Собранието и ќе заврши пред Министерството за внатрешни работи.
До овој момент ја немаме добиено одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредбите во Законот за внатрешни работи со кои се регулираат условите за пензионирање на овластените службени лица. Одлуката ја немаат добиено нито МВР, ниту МПС, но револтот и огорченоста се големи после објавата во медиумите, прецизираше Климовски. Поради тоа Претседателството на МПС одржа вонредна седница, на која се донесени следните заклучоци:
1. Македонскиот полициски синдикат ја почитува уставно утврдената позиција на Уставниот суд како институција на системот, но начинот на водењето на постапката, промовираните основи врз кои таа се темели, а особено околностите во кои е таа донесена, при одлука на Комисија за лустрација за неможност и немање кредибилитет на претседателот на судот да врши јавна функција, ни остава простор за сомнеж во полната исправност и вистинските мотиви за нејзиното носење.
2. Македонскиот полициски синдикат не отстапува од намерата да го обезбеди за своите колеги најоптималното решение за остварување на правото на пензија, потпирајќи се на стандардите и искуствата од европските и меѓународните прописи за внатрешни работи и полицијата, каде изрично е напоменето дека овие служби поради низата ограничувања кои со националните устави и закони ги имаат во уживањето на граѓанските слободи и права, не можат да бидат еднакви со оние кои ги имаат останатите граѓани, односно мораат да содржат соодветни стимулативни решенија кои ќе значат сатисфакција за наведените ограничувања.
3. Во тој правец веќе е договорено со нашиот работодавач, министерот за внатрешни работи, веднаш по официјалното добивање на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, работен тим на министерството и на Македонскиот полициски синдикат истата да ја анализираат и врз основа на споменатите меѓународни стандарди и пракси, на Собранието на Република Македонија во најкус рок да му предложат законски решенија кои системски ќе го решат ова прашање.
На прашањето на новинарите за текот на протестот Климовски одговори дека протест е широк поим и дека собирот во четврток има за цел да се изрази незадоволството на вработените во МВР. Ние не можеме да оспориме одлука на Врховниот суд, во крајна линија задача на полицијата е да ги штити законите, но сепак настојуваме да укажеме дека можат да се најдат поволни решенија. И по стариот начин на пензионирање годишно од МВР ќе заминуваат по околу 120 лица, што значи дека нема масовно заминување во пензија и притисок врз пензискиот фонд.