СОВЕТОТ НА ССМ ГИ УСВОИ КОНГРЕСНИТЕ ДОКУМЕНТИ
23.09.2010
На денешната седница на Советот на ССМ е потврдено дека Осумнаесеттиот конгрес на ССМ ќе се одржи на 28 октомври во Охрид. Кандидат за претседател е Живко Митревски. Советот ги усвои сите конгресни документи...
На денешната 23. Седница на Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија е потврдена одлуката за одржување на 18. Конгрес на ССМ, на 28 октомври во Охрид. Кандидат за претседател на ССМ е вршителот на должноста претседател на ССМ Живко Митревски. Советот ги усвои сите конгресни документи, листите за делегати на конгресот, предлозите за членови на Советот и другите тела, информираше на конференцијата за печат секретарот на ССМ Анѓелко Анѓелковски.
Живко Митревски е поддржан од 16 синдикати здружени во ССМ, додека колегата Драге Јованоски од три синдикати, кои воедно го имаат предложено и Митревски. Според критериумите за избори цензусот е повеќе од половината од синдикатите и повеќе од половината од членството и по тој основ кандидат за претседател е Живко Митревски. Неговиот цензус е повеќе од 90 отсто, додека цензусот на Драге Јованоски е помал од 10 отсто, поради што не може да биде кандидат за претседател, иако тој беше вклучен во кандидациона постапка.
Сите документи се донесени согласно Статутот и овие одлуки се конечни, потврди секретарот Анѓелко Анѓелковски. Во однос на реакциите и однесувањето на Синдикатот УПОЗ секретарот Анѓелко Анѓелковски рече дека членовите на овој грански синдикат треба сериозно да се запрашаат на кој начин ги води, и каде ги води нивното раководство. Очигледно е дека раководството на УПОЗ со сите игри нешто сака да постигне, а не знае ни што ни како.
Им се заблагодарувам на гранските синдикати и на членството за поддршката која ја добив, што се потврди на денешното гласање, на кое од 47 члена само еден глас беше против, рече в.д. претседателот Живко Митревски.
Нашата намера е да изградиме европски профилиран синдикат и да ја добиеме поддршката од работниците и од граѓаните. Знаете дека со смената на раководството на ССМ заземавме нов курс, во правец на јакнење на Сојузот и на неговото внатрешно единство. За нецели шест месеци имаме низа постигнувања кои не беа направени со години наназад. Добивме поддршка од Европската конфедерација на синдикатите, кои го поддржуваат новиот курс на ССМ. Се легитимиравме како репрезентативен синдикат, се оформи и започна со работа Економско – социјалниот совет, што јас го сметам за историски чин за социјалниот и економскиот живот во Македонија.
Со присуството на претседателите на гранските синдикати на оваа прес конференција се потврдува единството што сакаме да го изградиме во Сојузот. Ние сакаме да се стави крај на нечесните игри и задкулисните подметнувања и во тој правец уште еднаш повторувам дека ССМ се оградува од сите политички влијанија и сметки на политичките субјекти. ССМ е работничка организација која постои повеќе од сто години и наша единствена задача е заштита на интересите на работниците. Вакви мешања во досегашната работа на Синдикатот предизвикуваа штети и ние сме решени да останеме она што сме, работничка асоцијација со јасно одредени цели, информираше Митревски.
Раководството на УПОЗ не се однесува во духот на соработката. Имено, пред три месеци е даден рок за доставување предлози за делегати на Конгресот, за членови на Советот, за членови на комисии и за другите органи. Сите 16 синдикати тоа го сторија во предвидениот рок, 10 септември, додека единствен исклучок е УПОЗ. Посебно за овој синдикат се оставени уште неколку дена, но од некои причини предлози повторно не се доставени, така што УПОЗ нема да има свои делегати на конгресот.
На прашањето на новинарите, кои денес беа сведоци на скандалозното однесување на Драге Јованоски, за отвореноста на седниците на Советот на ССМ, Митревски одговори дека Претседателството има намера да одлучи сите седници на Советот да бидат јавни и отворени за медиумите.