ДЕМАНТ НА ИЗЈАВИТЕ НА ДРАГЕ ЈОВАНОСКИ
20.09.2010
Согласно Статутот, Предлогот на кандидационата комисија, утврдените критериуми и сите други акти на ССМ Драге Јовановски не ги исполнува критериумите за кандидат за претседател на ССМ...
Изјавите што денес пред некои медиуми ги изнесе Драге Јовановски се неточни, произволни и надвор од изборниот систем на Сојузот на Синдикатите на Македонија. Јовановски, вработен како раководител на Секторот за работни односи и правна заштита, се претставува како кандидат за претседател на 18. Конгрес на ССМ, иако според сите акти на ССМ не ги исполнува условите за негова кандидатура – поради што неговата кандидатура не е прифатена.
Имено, согласно актите на ССМ, Одлуката за распишување избори во ССМ (член 1, алинеја 5) од Критериумите за предлагање и избор, кандидатот за претседател на ССМ треба да биде поддржан од синдикатите во кои членуваат повеќе од една половина од вкупното членство пријавено во ССМ. Претседателството на Советот на ССМ констатира дека само кандидатот магистер Живко Митревски ги исполнува горенаведените критериуми и истиот е предложен од 16 грански синдикати, додека Јовановски само од три грански синдикати.