ХРАНАТА ЈА ПОСКАПУВААТ БЕРЗИТЕ И БАНКИТЕ
7.09.2010
Водечките светски аналитичари тврдат дека предизвикувачи на порастот на цените на храната не се сушата и пожарите во Русија, туку шпекулантите во берзите и банките. Се очекува до ноември да порастат цените на една петтина од сите прехранбени артикли...
Поради неколку облози на берзите ќе трпи целото човештво, предупредуваат светските аналитичари. Предизвикувачи на цените на храната не се сушата во некои региони и пожарите во Русија, туку шпекулантите на берзите и банките, кои секоја прилика ја користат за брзо богатење.
Тука се наоѓа објаснувањето за ситуацијата во која се уверуваме секој ден и во македонските маркети – поскапени се, и уште поскапуваат, основните прехранбени артикли, како лебот, маслото, месото, млечните производи. Република Македонија, како неразвиена земја, само ги следи непопуларните светски трендови. Меѓутоа, нејзините граѓани, кои ионака најголем дел од приходите го трошат на храна, ќе бидат многу попогодени од луѓето во поразвиените земји.
Да потсетиме дека Сојузот на синдикатите на Македонија наскоро ќе излезе со синдикална потрошувачка кошница, со која пореално ќе бидат пресметани вистинските трошоци и потреби на просечно четиричлено семејство. Заводот за статистика секој месец пресметува потрошувачка кошница, со тоа што методот е одамна застарен и не ги отсликува вистинските состојби.
Какви се прогнозите на познатите светски аналитичари? Ни малку оптимистички. Храната поскапува во целиот свет и засега никој не знае до каде ќе се качуваат цените. Пченицата од месец јуни поскапе за 50 отсто (од почетокот на годината за 70 отсто), додека цената на месото достигна највисоко ниво за последните 20 години.
Пченицата, пченката, кафето и какаото станаа вредни како злато. Берзанските шпекуланти и банките не тргуваат само со виртуелни хартии од вредност на овие суровини, туку навистина ги откупуваат нивните залихи. Кога поради намалената понуда цените ќе скокнат шпекулантите и банките ќе ги понудат нивните залихи и ќе ги продадаваат по многу повисоки цени. Накусо, тие не само што ја користат кризата туку во најголем дел вештачки ја предизвикуваат.
Може да се направи мала споредба со маслото за јадење во овдешните продавници. Не само што цените се зголемија, туку некаде исчезна прилично богатата понуда на разни марки масло со разновидно потекло. Изборот е сведен на еден до два типа масло од сончоглед, ако не се смета стандардно поскапото маслиново масло. Може да се очекува истата светска логика на локален план – залихите ќе се најдат на рафтовите кога цените ќе достигнат “задоволувачко“ ниво.
Се поставува прашање дали се повторува кризата со храна од пред две години, која погоди многу неразвиени земји. Вознемиреност се чувствува и во Обединетите нации, каде Агенцијата за храна на Обединетите нации за 24 септември свика вонреден состанок посветен на житарките и оризот.
“Поскапувањата почнаа во јули и оттогаш се се случува брзо и непредвидливо. Само по себе тоа е доволна причина за грижа. Сепак уверени сме дека не сме во толку сериозна ситуација како во 2007 година, кога цените растеа без граници“, се изјаснува водечкиот економист на Агенцијата за храна Абдолрез Абасин.
Стручњаците предвидуваат дека до ноември ќе поскапат дури една петтина од сите прехранбени артикли. Тило Боде од Централата за заштита на потрошувачите во Германија не ја доведува во прашање легалноста на овие деловни постапки, но смета дека највисоката цена ќе ја платат обичните луѓе. “Треба да се бориме против овој начин на работење. Тоа мора да биде решено со регулација на светскиот финансиски пазар. САД со претседателот Обама направија неколку чекори по ова прашање, додека Европјаните се уште преговараат“, изјави Боде за “Дојче Веле“.
Кејт Бејли, од британскиот универзитет “Кардиф бизнис скул“ за “ББЦ“ изјави дека цената на храната не може да се земе здраво за готово. “Во иднина ќе владее голема нестабилност на пазарот на храна и тоа не треба да не изненадува. Во земјоделството се вложува малку, додека побарувачката за храна расте. Се додека не почнеме да инвестираме во полјоделството не очекува долг период на нестабилност.
Британскиот стручњак дава одговор на прашањето што треба да се направи за да за ублажи нестабилноста на пазарот на храна. “Треба да го прифатиме фактот дека секогаш во некој дел на светот може да настане слаба жетва која ќе предизвика проблеми во снабдувањето. Долгорочно треба да се занимаваме со инвестирање во полјоделството, посебно во земјите во развој, така што тие земји ќе ги зголемат приносите и ќе се заштитат од годините со слаба жетва“.