ТРИ ИНИЦИЈАТИВИ НА ССМ: ЗДРУЖУВАЊЕ НА СИНДИКАТИТЕ, ОСНОВАЊЕ СОЛИДАРЕН СТАНБЕН ФОНД И ПРЕСМЕТУВАЊЕ СИНДИКАЛНА КОШНИЧКА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

19.08.2010

Сојузот на синдикатите смета дека треба да дојде до здружување, односно обединување на синдикалните организации во Македонија. Изнесена Иницијатива за основање солидарен станбен фонд, додека наскоро ќе се пресметува синдикална кошничка...

Живко Митревски: Македонија треба да ги следи светските процеси на обединување на синдикатите

 

ССМ смета дека треба да дојде до здружување, односно обединување на синдикалните организации во Македонија. Наша проценка е дека постои иманентна потреба од нов начин на организираност и на дејствување, пред се за ублажување на последиците од економската криза.

Ова е изјавата на претседателот на ССМ Живко Митревски на денешната конференција за печат, на која ги изнесе трите иницијативи на ССМ: здружување на македонските синдикати, основање солидарен станбен фонд и пресметување синдикална кошничка.

Во светски рамки настанува обединување на меѓународните синдикални организации. Во контекст на светската економска криза и синдикатите заземаат нови позиции и модели на организираност и на дејствување, што се случи на последниот конгрес на Светската конфедерација на синдикатите во Виена. Ако на светската социјална сцена се одвиваат вакви процеси, тогаш и во Македонија синдикатите треба да го следат истиот пат, додека здружувањето посебно се однесува на Конфедерацијата на слободни синдикати, изјави Митревски.

Новото раководство на ССМ е на став дека треба да се создаде мобилно работничко движење, со цел полиберално застапување на интересите на работниците. Синдикатот да не биде само коментатор, како што беше пред смената во ССМ, туку иницијатор на општествените движења, изјави претседателот, напоменувајќи дека за овие прашања се дискутираше на вчерашната редовна седница на Претседателството на ССМ.

Новите концепти не се однесуваат само на организираноста, туку и на колективното договарање и преговарање. Нови модалитети на Светската конфедерација на синдикатите (ITUC) за колективното договарање се флексибилното работно време, колективни договори со договорена солидарност, склучување колективни договори во големите компании и друго.

Околу иницијативата за основање на солидарен станбен фонд Митревски рече дека решавањето на станбеното прашање е едно од основните егзистенцијални прашања за секој работник и граѓанин. Република Македонија со Уставот, и како потписник на Европската социјална повелба, ја прифати обврската за унапредување на материјалната, правната и социјалната заштита на семејниот живот со преземање соодветни мерки, како што е поттикнувањето на станбената изградба.

Со носењето на новиот Закон за становање се укина категоријата општествени станови и станот започна да се третира како економска категорија. Општествените станови се продаваа со големи поволности за носителите на станарското право. Со престанување на изградбата на општествени станови станбеното прашање се решаваше, и се решава, според личните можности, најчесто со станбени кредити со високи каматни стапки. Невработеноста и ниските плати дополнително негативно влијаат врз станбеното прашање и врз опаѓањето на животниот стандард на граѓаните. Неможноста да се реши оваа животна потреба за многу лица е една од основните причини за заминување, посебно на младите, на работа во странство.

За сојузот на синдикатите на Македонија станбената изградба претставува значаен сегмент за изградба на социјална држава, како што е декларирана Република Македонија. Затоа програмска стратегија на ССМ, меѓу другото, е заложбата за водење соодветна станбена политика во државата, која има силно влијание врз обезбедувањето животен стандард достоен за човекот.

Со цел да се придонесе во создавањето поповолни услови за решавање на станбените прашања на работниците и граѓаните, а со тоа и да се придонесе кон поголема мотивација и продуктивност во работењето, ССМ покренува Иницијатива за формирање солидарен станбен фонд.

  1. Во солидарниот станбен фонд ќе партиципираат Владата на РМ, ССМ и работодавачите;
  2. ССМ во Фондот ќе партиципира преку синдикалната членарина, согласно одлуките донесени од заинтересираните синдикати здружени в ССМ;
  3. Ќе се формира посебен правен субјект за реализирање на планираните проекти за станбена изградба на трите субјекти – државата/локалната самоуправа, ССМ и работодавачите;
  4. Становите ќе можат да ги купат вработените во установите и претпријатијата кои партиципираат во Фондот;
  5. Финансирањето на проектите за станбена изградба ќе се одвива на повеќе начини:

    • Принцип на солидарност – 30 отсто од средствата ќе се обезбедат преку локалната самоуправа со доделување наменски бесплатни градежни локации, и со ослободување од трошоците за комуналии, што многу ќе придонесе за далеку поповолната цена на становите по метар квадратен во однос на пазарната цена.
    • Принцип на доброволност – партнерите на Фондот му уплаќаат износ кој се пресметува со примена на проценти од 0,7 отсто на збирот на сите бруто - плати на вработените кај вложувачот за претходниот месец, при што бруто – платата претставува само основица на која ќе се примени процентот од 0,7 отсто, а вложувачот ќе ги обезбеди средствата од сопствени извори (приходи), а не од платите на вработените. Притоа вложувачот може да уплатува и поголеми износи од оние предвидени во Договорот за вложување и здружување на средства. Средствата на вложувачите – членки им се враќаат во целокупен износ преку добиен квадратен метар од станот, што значи дека цената на станбениот квадратен метар нема да биде иста за сите членки;
    • Трет начин на финансирање на станбените проекти е преку кредитните средства со кредитно учество на финансиските партнери, како од земјата, така и од странство. Кредитните средства ќе бидат неопходни заради затворање на финансиската конструкција, а ќе се темелат врз обезбедување на враќање на кредитите преку договорите за хипотека на предметното земјиште и станбената единица.
  6. При изградбата на становите преку Фондот за солидарна станбена изградба ќе се практикуваат идејни решенија за цели населби, со деловни објекти, ќе се користат еколошки материјали и обновливи извори на енергија, станбените и деловните објекти ќе бидат оспособени за лица со инвалидитет и друго.

Иницијативата за формирање солидарен станбен фонд Сојузот на синдикатите на Македонија ќе ја разгледа на органите и телата на ССМ и на синдикатите и ќе ја достави до социјалните партнери. Реализацијата на оваа Иницијатива ќе значи перспектива за решавање на станбените прашања на работниците и граѓаните во РМ, ќе се отвори работа за градежната оператива и за други дејности што ќе се вклучат во изградба на станбените објекти и ќе се придонесе за натамошна хармонизација на социјалната политика во Република Македонија.

Претседателот најави скорешно пресметување на синдикална кошничка. Сметаме дека потрошувачката кошничка што ја пресметува Државниот завод за статистика не ги одразува вистински трошоци и потреби на населението. Во синдикалната кошничка, која ќе се пресметува паралелно со потрошувачката кошничка на Државниот завод за статистика, ќе бидат вклучени, освен трошоците за исхрана, и домувањето, комуналните трошоци, одржувањето на апаратите за домаќинство, средствата за хигиена, превоз во висина од еден работнички и два ученички билети, барем по едно парче облека и обувки месечно, трошоците за култура и здравје и друго.

Ние сакаме во изработката на синдикалната кошничка да биде вклучена и Владата, но воопшто за сите наведени прашања ќе се дискутира на Економско – социјалниот совет. Конечно е дефиниран текстот на спогодбата за основање на ЕСС и останува техничко прашање кога спогодбата ќе се потпише од страна на Владата, ССМ, КСС и Организацијата на работодавачи. Инаку знаете дека согласно Законот за работни односи се утврди репрезентативноста на синдикатите и оттаму во Македонија имаме дефинирана синдикална сцена, потсети Митревски.

Новинарите беа информираи дека конгресот на ССМ ќе се одржи кон крајот на месец октомври. Во тек се активностите во гранските синдикати, така што во втората половина на септември ќе бидат познати сите номинации за органите и телата во ССМ. Пред конгресот, пак, ќе се одржи меѓународна конференција, со учество на повеќе синдикати од странство.

На прашањето на новинарите за тековните поскапувања од страна на синдикалците беше одговорено дека ССМ редовно ги следи состојбите и дека има мислење за интервенции. Една од нив е субвенционирање на производите и интервенции од стоковите резерви, со цел да не дојде до поскапување на прехранбените продукти. За сите предлози ќе се разговара и на Економско – социјалниот совет.

Претставниците на медиумите бараа коментар за ставот на Синдикатот за најавите за отпуштања во текстилната индустрија, на што Анѓелко Анѓелковски, секретар на ССМ и претседател на Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија, одговори дека се влошува општата состојба во текстилната индустрија. Најверојатно отпуштања ќе има, но најпрво како последица на затворање на текстилните конфекции. Сепак се бараат модели за ублажување на последиците, како што се принудните одмори од неколку месеци, префрлање на работниците од една во друга компанија и други мерки.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc