ССМ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН И ЗА ЈАВНИОТ СЕКТОР

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

23.07.2010

Сојузот на синдикатите на Македонија од Министерството за труд и социјална политика доби решение за репрезентативност за јавниот сектор. Потврдена репрезентативноста на синдикатите за шумарство, градежништво, угостителство, земјоделство, здравство, текстил и енергетика...

Новото раководство на ССМ (од лево кон десно): Анѓелко Анѓелковски, Тихомир Климовски, Живко Митревски, Роберт Симоноски и Павел Трендафилов

 

Денес од Министерството за труд и социјална политика добивме решение за репрезентативност на Сојузот на синдикатите на Македонија за јавниот сектор, изјави претседателот на ССМ Живко Митревски на денешната конференција за печат.

Со ова ССМ, кој е репрезентативен синдикат за приватниот сектор, заедно со Конфедерацијата на Слободни синдикати (КСС) станува легитимен застапник на вработените во јавниот сектор. Сакам да потенцирам дека го надополнивме недостатокот од изминативе четири до пет години, што беше време кога ССМ на некој начин ја губеше репрезентативноста, објасни Митревски на средбата, на која присуствуваа Анѓелко Анѓелковски, Живко Даневски и Зоран Георгиевски, претседатели на синдикатите СТКЧ, СУТКОЗ и АГРО Синдикат.

На прес конференцијата новинарите беа известени дека решенија за репрезентативност добија уште седум грански синдикати здружени во ССМ: Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика (СРШДИ), Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиство и заштитните друштва (СУТКОЗ), Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс (АГРО Синдикат), Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија СТКЧ) и Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство на РМ (ССЕСМ). Досега решение за репрезентативност има добиено Македонскиот полициски синдикат (МПС).

Посебно ја издвојуваме добиената репрезентативност на синдикатот СУТКОЗ, со што ги негираме конструкциите дека овој грански синдикат нема основа за репрезентативност. Доволно кажува СУТКОЗ има бројка од 85.8 отсто опфатеност на членството во овие дејности.

Со решенијата фактички се потврдува новата стратегија која ја усвоивме после смената во ССМ и доаѓањето на новото раководство. Се создава солидна основа за колективно преговарање и договарање и за водење социјален дијалог на национално ниво со конституирањето на Економско – социјалниот совет. ССМ, КСС и Организацијата на работодавачи ги дадоа своите пречистени забелешки, Владата моментно врши технички проверки и очекуваме идната недела да пристапиме кон потпишување на Спогодбата за конституирање на Економско – социјалниот совет, објасни Митревски.

Во тек се подготовките за претстојниот конгрес на ССМ. Се работи на подготовка на Програмата, Извештајот и Статутот, додека сега се одвиваат избори во гранските синдикати. Со изборите ќе се утврдат и делегатите на конгресот на ССМ, кој ќе се одржи кон крајот на месец октомври.

Друга задача е постапување околу одлуката на Уставниот суд за две одредби од Општиот колективен договор за стопанство. Имено, Уставниот суд најде дека членовите 36 и 57 треба дополнително да се усогласат со Законот за работни односи.

Интензивни се контактите со Светската конфедерација на синдикати (ИТУЦ) и со Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ). Посебно ЕТУЦ е информиран за промените и за новиот курс на ССМ и очекуваме можеби наесен да не примат како полноправна членка. Паралелен процес со ЕТУЦ е нашето барање за нивна помош за прием на Република Македонија во Европската Унија. Така како Синдикат допринесуваме за евроатлантските интеграции на нашата земја, објасни Митревски.

На прашањето на новинарите за изјавата на вицепремиерот Зоран Ставрески дека антикризните мерки што ССМ ги предложи на Владата се задоцнети претседателот Митревски одговори дека тоа навистина требаше да се стори порано. После смената во ССМ новото раководство веднаш се зафати со дејствување околу последиците на економската криза. Но во крајна линија сепак сметаме дека нашите предлог мерки можат да се вклопат во антикризната политика на Владата, за што позитивно се изјасни и премиерот Груевски.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc