ЗА МОБИНГОТ ПОСТОЈАТ ПРОПИСИ, НО ПОТРЕБЕН Е ПОСЕБЕН ЗАКОН
12.07.2010
Психичките притисоци на работните места стануваат масовна појава и од таа причина треба да се донесе специјален пропис. ССМ изработи комплетен Предлог - закон, што го презентираше на дводневниот семинар во Струга...
Во Република Македонија постојат доста прописи кои овозможуваат заштита на лицата кои трпат малтретирања на нивните работни места. Психичките притисоци, меѓутоа, се многу комплексна, сложена и масовна појава и оттаму треба да се донесе посебен закон за мобинг.
До ваков заклучок дојдоа учесниците на дводневниот семинар што се одржа на 10 и 11 јули во Струга, под наслов “Предизвик и потреба за носење посебен закон за мобинг“. Семинарот го организираше Фондацијата “Фридрих Еберт“, додека учесници беа членови на ССМ и на гранските синдикати, претставници на Министерството за труд и социјална политика и на “Македонското мобинг здружение“.
На семинарот Златко Цветковски, генерален секретар на Македонскиот полициски синдикат, го презентираше “Предлог – законот за мобинг“. Имено, ССМ излезе со став дека за психичките вознемирувања на работните места е потребен посебен закон и најави изработка на законот. Додека се разговараше за опцијата во август минатата година беа додадени три члена во Законот за работни односи. Со тоа акцијата за носење посебен закон беше забавена, иако на сите страни им беше јасно дека со три члена не може да се покрие толку обемна материја како што е мобингот.
Сега Предлог – законот на ССМ е комплетиран. Ние како Синдикат не можеме да бидеме предлагач и затоа текстот ќе го доставиме до Министерството за труд и социјална политика, кое може да ја превземе таа улога – информираше Гордица Бошковска, правен застапник на РСС – Куманово и воедно претседател на “Македонското мобинг здружение“. – Во изработката на Предлог – законот учествуваа адвокати, судии, луѓе од Правниот факултет, додека ние ги земавме во обѕир законите за мобинг од европските земји. Сметаме дека материјалот е комплетен и дека треба да оди во натамошна процедура.
Инда Савиќ, раководител на Секторот за едукација на ССМ, објасни дека материјата е нова, сложена, се јавува во многу облици и станува се помасовна. Едно пилот истражување покажа дека во Македонија процентот на мобирани лица изнесува 41 отсто, додека стапката во повеќето европски земји се движи околу 30 отсто. Тоа кажува дека Македонија не само што не е исклучок, туку е во врвот на светскиот тренд, кој поради брзината на ширењето се нарекува светска епидемија.
Инда Савиќ и Гордица Бошковска, двете водечки личности на “Македонското мобинг здружение“, пренесоа дека секој ден се бележат јавувања, поплаки, барања за помош. Секој ден јавувањата се се побројни, што е јасен доказ за се што се случува околу нас и во работните средини.
Двете претставнички на Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и Елена Гроздановска, ги запознаа присутните со постојните законски прописи и механизми, кои исто така овозможуваат заштита од психичкото вознемирување на работното место. Тоа се Законот за еднакви можности на мажите и жените, Законот за социјална заштита, Законот за семејство, Законот за безбедност и здравје при работа. Во месец април е донесен Закон за спречување и заштита од дискриминација. Треба да се знае дека оние конвенции на Меѓународната организација на трудот кои Република Македонија ги има ратификувано имаат сила на закон, потсети Гроздановска. На располагање се други механизми, како што се Комисиите за еднакви можности, кои се формирани во 81 општина. Од декември 2009 година во Министерството почна со работа правен застапник, а од први јануари 2011 година во Министерството ќе почне со работа институцијата Независна комисија за заштита од дискриминација, која ќе биде составена од седум члена.
Недостаток е што луѓето не знаат за овие можности и воопшто за се што им стои на располагање. Дури и за судиите материјата е нова, па и за нив треба да се организираат посебни обуки, објаснија претставничките на Министерството за труд.
И Инда Савиќ се согласи дека кај нас луѓето немаат големи познавања, за самата содржина на мобингот и за можностите за заштита. При сите оние бројни јавувања се случува некој да се жали на ситуација која нема допирни точки со мобингот. Се случува некој да не се трпи со колешка од иста канцеларија и несогласувањето погрешно да го идентификува како мобинг. Но луѓето сепак најчесто ги препознаваат ситуациите кои можат да се водат како типично психолошко насилство на работното место, пренесе Савиќ.
Сепак останува прашањето дали постојните прописи се доволна правна заштита. И покрај законите и институтите се чувствува правна празнина, во смисол на комплетно покривање на мобингот, коментираше Бошковска.
Интересни се размислувањата на синдикалците, учесници на семинарот, околу следните чекори за комплетирање на заштитата. Не само што е потребен посебен закон, туку треба да се размислува за други предуслови, како што е формирање на посебно тело за застапување на жртвите. Познато е дека кај нас луѓето се плашат јавно да бараат заштита од злоставување. Поради страв да не го загубат работното место трпат најцрни тортури, најголеми неправди, па оттаму досега нема ни една судска тужба за мобинг. Нерешителноста оди дотаму што во место оштетените по помош доаѓаат нивните сопрузи, сестри, браќа, родители. Така од една страна во “Македонското мобинг здружение“ се бројат стотици обраќања, настрана што и членовите се се побројни, но никој не се охрабрил да поведе судски процес.
Токму затоа треба да се оформи едно тело за прифаќање, советување и охрабрување на мобираните лица, заклучија синдикалците. Без оглед дали ќе се нарече независна комисија, здружение или ќе има трет назив, во тоа тело во секој случај треба да бидат вклучени луѓе од Синдикатот, од невладините организации, од Министерството за труд, додека вратата треба да биде отворена за независни експерти и доброволци.
Синдикатот во секој случај треба да биде главен организатор, точка на поврзување на сите страни кои треба да се вклучат. Ресурсите на Синдикатот понатаму треба да одат во правец на советување и на правна заштита за мобираните лица. Посебно важна е медиумската промоција за заштита од мобингот, со цел општо подигнување на свеста на населението за овој се помасовен општествен проблем.