СЕМИНАР ЗА ПОСЕБЕН ЗАКОН ЗА МОБИНГ
9.07.2010
“Предизвик и потреба за носење посебен закон за мобинг“ е тема на семинарот кој, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт“, се одржува на 10 и 11 јули во Струга...
На 10 и 11 јули во хотелот “Бисер“ во Струга ќе се одржи семинар со наслов “Предизвик и потреба за носење посебен закон за мобинг“. Семинарот е организиран од Фондацијата Фридрих Еберт“ – Канцеларија Скопје, додека учесници ќе бидат околу 40 синдикални активисти.
Јована Тренчевска од Министерството за труд и социјална политика ќе предава на тема “Неетичко и непријателско однесување на работното место – мобинг“.
“Практични искуства од имплементацијата на одредбите за заштита од мобинг во Законот за работни односи и корелација со законот за спречување и заштита од дискриминација“ е наслов на предавањето на Елена Гроздановска од Министерството за труд и социјална политика.
За Предлог – законот за мобинг ќе зборува Златко Цветковски, генерален секретар на Македонскиот полициски синдикат.
Сојузот на синдикатите на Македонија е на мислење дека во Република Македонија е добро да се донесе посебен закон за психичкото малтретирање на работното место. Во Законот за работни односи се вметнати три членови, што, според мислењето на ССМ, не е доволно. Имено, мобингот е доста широка појава, со бројни пројавни облици и начини на манифестирање и од тие причини е потребна сеопфатна регулатива. Искуствата од терен, сведочењата и бројните обраќања до службите на ССМ покажуваат дека во Македонија психичкото малтретирање во работните средини е доста присутно, иако луѓето, поради страв од губење на работните места, се плашат да бараат заштита.