РАБОТНИЦИТЕ ДА НЕ БИДАТ КОЛАТЕРАЛНА ШТЕТА НА КРИЗАТА
01.07.2010
На Регионалната трипартитна конференција во Охрид Меѓународната организација на трудот го охрабрува напредокот на конституирањето на Економско – социјалниот совет во Македонија...
Охрабруваат последните мерки и активности во Македонија, во насока на воспоставување критериуми за вклучување на синдикатите и здруженијата на работодавачи во креирањето на економската политика, изјави Марк Левин, директор на Регионот за Југоисточна Европа на Меѓународната организација на трудот (МОТ), на Регионалната конференција што вчера и денес се одржува во Охрид.
Бројни се пораките од конференцијата на МОТ, која се одржува под наслов “Улогата на економско – социјалните совети во време на криза“. Учествуваат претставници од 11 земји од блискиот регион: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Романија, Словенија, Србија, Косово, Молдавија, но и од постарите членки на Унијата Австрија и Холандија, кои ги претставија нивните модели на функционирање на економско - социјалните совети.
Досегашните искуства покажаа дека социјалниот дијалог не е еднократна активност, туку континуиран процес на учење и градење меѓусебна доверба. Запознаени сме со ситуацијата, работите во минатото не беа розови, но знаеме дека се превземаат мерки за конституирање на Економско – социјалниот совет (ЕСС) во Македонија, додаде Левин.
Работниците не треба да бидат колатерална штета на економската криза, и покрај проблемите со името и позицијата на државата, рече претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски. Министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами рече дека состојбите се слични во целиот регион и дека земјите се соочуваат со исти проблеми во делот на отпуштањата и загубените работни места.
Конференцијата се поклопува со последните активности околу конституирањето на ЕСС во Република Македонија. Како што е познато, во месец мај решенија за репрезентативност добија Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати и Организацијата на работодавачи, со што се создадени услови за екипирање на ЕСС. Во Економско – социјалниот совет, во кој учествуваат Владата, синдикатите и работодавачите, се анализираат сите законски измени значајни за економската и социјалната положба на граѓаните, потоа се заземаат ставови и се предложуваат мерки.
На конференцијата претставниците на трите социјални партнери од Македонија, Владата, синдикатите и работодавачите, изразија позитивни мислења за скорешното екипирање на Економско – социјалниот совет. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски, изразувајќи надеж дека во наредните дваесеттина дена ќе се конституира ЕСС, најави дека задача на ССМ е да излезе со одредени предлог – мерки за справување на последиците од економската криза.
Министерот на труд и социјална политика Џељаљ Бајрами рече дека функционирањето на социјалниот дијалог треба да биде важен инструмент и механизам во креирањето и имплементирањето на мерките на политиките во економската и социјалната сфера. Социјалните партнери, синдикатот и работодавачите, беа вклучени во подготовката и имплементацијата на стратешките документи поврзани со политиките за вработување. Приоритетите на Владата се насочени кон функционален и ефикасен социјален дијалог.
Во време на економска криза алатката социјален дијалог е од посебно значење, затоа што преку неа се балансираат барањата на една и другата страна, нагласи Димитар Стојановски, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија. Ние ќе имаме програма за работа во која ќе ги наведеме главните приоритетни точки, меѓу кои е зголемување на вработеноста и на моќноста на компаниите. Работодавачите имаат свои предлог мерки, а уште подобро е што сега ќе ги конкретизираме со постојните можности. Секогаш постои шанса, излез и решение, дури и во вакви тешки услови, додаде Стојановски.
Марк Левин на сите учесници на конференцијата во Охрид им ја пренесе пораката на МОТ. Во пораката се нагласува потребата од зајакнување на социјалниот дијалог, се укажува на важноста на постоењето силен социјален дијалог и на значајноста на економско – социјалните совети во наоѓањето мерки за справувањето со последиците од економската криза.