ДЕНЕС ССМ ДОБИ РЕШЕНИЕ ЗА РЕПРЕЗЕНТАТИВНОСТ
18.06.2010
Денес Сојузот на синдикатите на Македонија од Министерството за труд и социјална политика доби решение за репрезентативност...
Денес попладне Сојузот на синдикатите на Македонија од Министерството за труд и социјална политика доби решение за репрезентативност (број 08-2351/4). Со ова решение ССМ е првиот синдикат на национално ниво, за кого е официјално утврдена репрезентативност од страна на Министерството за труд и социјална политика. Со тоа ССМ станува законски и релевантен претставник на работниците и признат социјален партнер на Владата и на работодавачите.
На денешната конференција за печат в.д. претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски најави дека ССМ ќе добие решение за репрезентативност идната недела, но тоа се случи денес, околу три часот попладне.
Прв од гранските синдикати со призната репрезентативност е Македонскиот полициски синдикат, додека наскоро може да се очекува дека и други синдикати, здружени в ССМ, ќе добијат исто такво решение.
Репрезентативноста е значајна за колективното преговарање и за водењето социјален дијалог со социјалните партнери. Исто така и за екипирањето и функционирањето на Економско – социјалниот совет, кој е важна институција во уредувањето на економските и социјалните прашања.