ЕТУЦ НА 29 СЕПТЕМВРИ ЌЕ ОДРЖИ ЕВРОПСКИ ДЕН НА АКЦИЈА
8.06.2010
“Помалку ограничувања, повеќе растеж“ е мотото на Европскиот ден на акцијата, што Европската конфедерација на синдикатите (ЕТУЦ) го закажа за 29 септември. Колективниот синдикален одговор ќе се одбележи со демонстрации, прекини на работата, состаноци со владите...
Европската конфедерација на синдикатите (European Trade Union Confederation - ETUC) за 29 септември закажа одржување на Европски ден на акцијата, под мото “Помалку ограничувања, повеќе економски растеж“ (No cuts, more growth).
Демонстрациите ќе се одржат истиот ден кога се одржува состанок на министрите за финансии на европските земји. Повод за реакцијата е политиката на европските влади, кои колективно ја намалуваат јавната потрошувачка, во што се вклучува и укинување на работни места и намалување на платите и пензиите. Овие мерки владите ги оправдуваат со тешката состојба на европската економија, која ја погоди втор бран на светската рецесија.
Централен настан ќе бидат демонстрациите во Брисел, со тоа што ЕТУЦ ги повика своите членки да организираат соодветни акции во сите држави на Европската унија. Тоа можат да бидат протестни прекини на работата, демонстрации, состаноци со владите и со министерствата за финансии.
ЕТУЦ исто така го поддржува Светскиот ден на достоинствената работа, кој се одржува на 7 октомври и чиј иницијатор е Меѓународната конфедерација на синдикатите (ИТУЦ).