МАКЕДОНСКИОТ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ ДОБИ РЕШЕНИЕ ЗА РЕПРЕЗЕНТАТИВНОСТ
11.05.2010
МПС е прв синдикат кој од Министерството за труд и социјална политика доби решение за репрезентативност. Признатиот статус е признание и за ССМ, организацијата во која членува полицискиот синдикат...
Македонскиот полициски синдикат од Министерството за труд и социјална политика доби решение за репрезентативност. По тој повод денес се одржа конференција за печат, на која присуствуваа раководството на МПС и првите луѓе на Сојузот на синдикатите на Македонија.
По повод настанот претседателот на ССМ Живко Митревски изјави дека добивањето решение за репрезентативност на Македонскиот полициски синдикат е историски момент за синдикалното движење во Македонија. Како што наведовме во нашата платформата, со утврдувањето на репрезентативноста согласно законот се отвора широк фронт за проширување на социјалното партнерство, рече Митревски.
Навистина сум горд и чувствувам задоволство што првиот синдикат во Република Македонија за кого официјално е утврдена репрезентативност од страна на државната комисија на Министерството за труд и социјална политика е Македонскиот полициски синдикат, изјави на конференцијата за печат претседателот на МПС Тихомир Климовски. Имено, согласно измените на Законот за работни односи, донесени при крајот на минатата година, синдикатите на сите нивоа на организирање беа обврзани да се пререгистрираат. За првпат во историјата на синдикализмот во Македонија синдикатите треба да пристапат кон докажување на својата репрезентативност, која досега за синдикатите беше претпоставена, но официјално неутврдена категорија. Ваквата досегашна состојба им погодуваше на бројни ад – хок собрани групации, кои внесуваа забуна во комуникацијата меѓу социјалните партнери, претставувајќи се како легитимен фактор.
Македонскиот полициски синдикат ги ангажира сите свои стручни капацитети и во рекорден рок успеа да ја обезбеди, класифицира и обработи бројната документација, пристапници и барани податоци и истата да ја презентира пред надлежната комисија, која во темелна, прецизна и обемна постапка на 6 мај 2010 година ја констатира и со решение ја утврди репрезентативноста на нашата асоцијација, објасни Климовски.
Добиениот статус, јас би рекол лиценцираниот бренд, со кој Македонскиот полициски синдикат се здоби, се јасна и недвосмислена потврда за големината, силата и моќта која оваа асоцијација ја има во економско – социјалното општење со работодавачот и во креирањето на овој амбиент во јавниот сектор во државата.
Посебно сме задоволни што овој чин се случи во очи на Денот на македонската полиција, 7 мај, што е најдобар подарок и признание за нашите колеги. Истиот ден на посебен прием кај министерката за внатрешни работи и официјално ја запознавме министерката за добиениот статус.
Репрезентативниот статус е своевидно признание и Сојузот на синдикатите на Македонија, организацијата во која членува МПС, а со тоа се потврдува фактот што во ССМ членуваат најголемите и најквалитетните синдикати.
Ни претстојат, или се во тек крупни проекти, одговорни превземања, од типот на потпишување на нов колективен договор, имплементирање на системот за кариера, утврдување на хиерархија на работните места, што ќе овозможи креирање на потполно нов систем на утврдување на платите во министерството, анкета, анализа и изготвување елаборат за решавање на станбеното прашање на вработените и многу други предизвици, рече Климовски. Тој додаде дека на колегите од гранковите синдикати - членки на ССМ им пожелува што побрзо стекнување на статус на репрезентативност, со што ќе допринесат за брзо промовирање на репрезентативноста на Сојузот.
На прашањето на новинарите за бројот на членовите Климовски одговори дека МПС има 8.119 членови, или околу 80 отсто од вработените во министерството.
Претседателот на ССМ Живко Митревски дополнително ги запозна новинарите за тековните активности на ССМ. Деновиве беше остварен контакт со претседателот на Светската конфедерација на синдикати за промените и очекуваме ССМ да го добие местото кое го заслужува.
Новинарите се интересираа за репрезентативноста на другите синдикати, на што претседателот Митревски одговори дека активно се работи на тоа поле. Се очекува следниот признат синдикат да биде Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита. Со тоа ССМ ќе стане репрезентативен синдикат за јавниот сектор и воедно потписник на Општиот колективен договор за јавниот сектор.
Тихомир Климовски ја објаснуваше улогата на МПС во положбата на вработените во МВР. Долго време се работи на прашањата на новиот колективен договор, на утврдувањето на хиерархијата на работните места и на утврдувањето на платите. Од идната година се очекува зголемување на платите од 5 до 25 отсто. Во однос на школската подготовка не би биле синдикат ако не ги заштитиме членовите кои треба да го дооформат своето образование. Исто така, со Законот за внатрешни работи, во чија подготовка учествуваше МПС, полицаецот може да се казни само по две основи - лоша оценка за три години или дисциплинска постапка. Но најмногу може да се деградира за две места, а не за пет, и тоа по проценка на претпоставениот. Така беше порано, а сега во постапката учествува и синдикатот, објасни Климовски.