УСОГЛАСЕН ОПШТИОТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА СТОПАНСТВО
28.04.2010
Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи денес усогласија повеќе ставови околу Општиот колективен договор за стопанство. Се очекува интензивирање на бипартитиното партнерство и на усогласување на гранските колективни договори...
Разгледавме повеќе прашања околу Општиот колективен договор за стопанство и можеме да констатираме дека двете страни усогласија многу ставови. Потребно е усогласување и од аспект на измените и дополнувањата на Законот за работни односи.
Ова денес го изјави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски, на конференција за печат што се одржа после состанокот со Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).
Се надеваме дека усогласувањето на Општиот колективен договор ќе придонесе во наредниот период да се интензивираат активностите околу усогласување на гранските колективни договори, додаде Митревски. Исто така ќе има активности околу оформување на соодветни одбори во ОРМ, со цел да се покријат стопанските гранки за кои сега не постојат посебни одбори.
Организацијата на работодавачи и Сојузот на синдикатите се најголемите двигатели на социјалното договарање и социјалното партнерство во Македонија. Ако не беа овие две организации немаше да постои ни Општ колективен договор ни грански колективи договори. Социјалниот дијалог и колективното договарање е законска обврска и обврска од Меѓународната организација на трудот, изјави Димитар Стојановски, претседател на ОРМ.
Во однос на склучените колективни договори, кои беа објавени во “Службен весник“ број 54 од 19.04 ќе бараме од Министерството за труд и социјална политика и од “Службен весник“ да бидат ставени вон сила. Тие синдикати по наше мислење не се репрезентативни, објасни Митревски. Исто така наскоро очекуваме заедничка средба на ССМ, ОРМ и Министерството околу овие и другите прашања.