ПРАВНАТА ЗАШТИТА ВО 2009 ГОДИНА
6.04.2010
Вкупно 19.401 предмет е вкупната бројка на побарана правна помош од ССМ во минатата година. Најголем број предмети се однесуваат на неисплатени плати и придонеси, потоа на откази и прекувремена работа...
Во текот на 2009 година до Сојузот на синдикатите на Македонија за добивање правна помош се обратиле вкупно 19.401 работник, гласат податоците на Секторот за работни односи и правна заштита на ССМ.
Правната помош бесплатно ја овозможуваат Секторот за работни односи и права заштита, регионалните синдикални совети и канцеларии на ССМ, како и некои од гранските синдикати здружени во ССМ. Треба да се знае дека одреден број предмети се пренесени од претходната година. Исто така дека бројот на предметите е обично поголем од лицата кои бараат помош, затоа што има случаи еден работник да се жали по повеќе основи, на пример за плата, придонеси, годишен одмор.
Обично позитивно се решаваат над 80 отсто од сите постапки. Позитивно решените предмети, во корист на работниците, се решаваат преку склучување спогодби, со добиени судски пресуди, со поднесување приговори, со давање совети и мислења и со други видови интервенции.
Според бројот на обраќањата најмногу обраќања се за неисплатени плати – 7.934, потоа за неисплатени придонеси кон ПИОМ – 5.803, за отказ од деловни причини – 2.263, за надомест за хранарина 2.066, исто толку за регрес за годишен одмор, за здравствено осигурување 1.890, за повреда на синдикални права 1.645, за надомест за превоз 1.358, за стечај 1.311, за промена на договор за вработување 540, за принуден одмор 449, за отказ од лични причини 344, за прекувремена работа 274, за засновање работен однос 94 и 55 предмети за парична казна.
Во изминатата година правните застапници на ССМ изготвиле 704 приговори, покренаа 587 тужбени барања, водени се 738 расправи. Дадени се 11.463 совети, направени се 116 спогодби, додека од превземените дејства се добиени 210 позитивни пресуди.
Континуирано е зголемувањето на бројот на обраќањата во врска со неисплатените плати и придонеси, кои особено станаа проблематични со воведувањето на системот на бруто плати. На дел вработени износите за храна и превоз не им се вклучени во платата, а други добија помали износи. Според мислењето на ССМ негативните ефекти од бруто платата ги почувствуваа само работниците.
Отскокнува и зголемувањето на обраќањата по основ на повреда на синдикалните права. Одделни работодавачи имаат за цел да го маргинализираат или да го оневозможат синдикалното организирање.
Инаку бројот на обраќања во 2008 година изнесуваше 31.650, но тоа не значи дека состојбата со остварувањето на работничките права се подобрува. Намалувањето на правата од работен однос со менувањето на законите, пред се на Законот за работни односи, дејствува двострано - од една страна ги намалува законските права на работниците и од друга ја стеснува правната рамка за нивна заштита.
Позитивните пресуди го охрабруваат членството да бара заштита на своите права, но ССМ смета дека овие спорови треба да создадат чувство за одговорност кај работодавачите за правилна проценка и спогодбено решавање, без да се прават непотребни судски трошоци.
Бавноста на судските постапки и високите судски такси исто така дејствуваат демотивирачки врз работниците. Тоа проблем може да се надмине со донесување закон со кој работните спорови ќе бидат третирани од специјализирани судови за работни односи. Имајќи ја во предвид судската пракса во Европската Унија ССМ и понатаму ќе бара донесување на ваков закон, со што на брз и ефикасен начин ќе бидат решавани работните спорови.