ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ПРЕДЛОГ - ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ
16.03.2010
“Предлог – закон за јавни службеници: приближување кон Европа или...?“ е тема на утрешната јавна расправа што ќе се одржи во Македонскиот бизнис центар. ССМ го оспорува законот и бара негово повлекување од собраниска процедура...
Утре, на 17 март, во “Македонскиот бизнис центар“, сала “Дипломатик“, со почеток во 9. часот, ќе се одржи јавна расправа на тема “Предлог – законот за јавни службеници: приближување кон Европа или...?“
Организатори на средбата се Сојузот на синдикатите на Македонија и Фондацијата “Фридрих Еберт“. Воведен збор и објаснување на ставот на ССМ ќе дадат претседателот Ванчо Муратовски и портпаролот Милан Живковиќ. Според програмата министерот за правда Михајло Маневски ќе го презентира Предлог - законот, професорот на Правниот факултет “Јустинијан Први“ Борче Давитковски ќе даде свои забелешки и предлози, додека евроамбасадорот Ерван Фуере ќе ги пренесе препораките од Унијата.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Хозе – Луис Фереро ќе изнесе свое мислење, додека професорот Ана Павловска – Данева ќе зборува за искуствата на новите членки на ЕУ во однос на европските закони за јавни службеници. Забелешките и предлозите на Ректоратот на Универзитетот “ФОН“ ќе ги изнесе професорот Александар Николовски, додека ставовите на Синдикатот УПОЗ ќе ги соопшти генералниот секретар на УПОЗ Пецо Грујовски.
Сојузот на синдикатите на Македонија досега во неколку наврати остро реагираше околу најавите за донесување на овој закон. Дадено е предупредување дека со ваков закон судбината на околу 100.000 службеници во јавниот сектор се предаваат на волјата на мал број функционери. Законот е пререстриктивен кон вработените и постои сомневање дека целта е воведување апсолутизам и манипулатизам во јавните служби. Спорен е скоро секој член, од уставен и од аспект на правата на работниците, смета ССМ. Посебно се истакнуваат неколку членови: платата ќе ја одредува органот за управување, и тоа со “општ акт“, потоа работникот може да биде казнуван со 70 отсто од платата за време на суспензија, без докажана вина, работникот исто така може да биде распоредуван без никакви правила и тн.
ССМ смета дека Предлог - законот претставува масовно кршење на работничките права и јавно побара повлекување на законот од понатамошната собраниска процедура.