ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛНИОТ ПРОЕКТ “МРЕЖА ЗА ЗАШТИТА ПРИ РАБОТА“
10.03.2010
Синдикатите за финансиските дејности од Македонија, Србија и Црна Гора и здружението “Мобинг“ од Хрватска утре во Скопје ќе го претстават регионалниот проект “Мрежа за заштита при работа“...
Утре, на 11 март, во 11 часот во хотелот “Холидеј ин“ во Скопје ќе се одржи претставување на регионалниот проект “Мрежа за заштита при работа“. Проектот заеднички го изведуваат Синдикатот за финансиски дејности на Македонија, “Здружението за помош и заштита на жртвите од мобинг“ од Хрватска, Синдикатот на банките и на финансиските организации СС “БОФОС“ од Србија и Синдикатот на финансиските организации од Црна Гора.
Лидер на проектот е Јадранка Апостоловски, претседател на “Здружението за помош и заштита на жртвите од мобинг“. На презентацијата меѓу другите личности ќе присуствуваат Лукас Мелка, претставник на Делегацијата на ЕУ во Македонија и раководител за европски прашања, институционална изградба и претпристапно известување, Радмила Шеќеринска Јанковска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Лилјана Поповска, член на Мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ во Република Македонија. Исто така се очекува присуство на претставници на Народниот правобранител, Министерството за труд и социјална политика, Правниот факултет “Јустинијан Први“, Здружението на работодавачи и на други институции.
Првата иницијална презентација на проектот се одржа на 24 февруари во Загреб. Следната презентација се одржа на 4 март во Белград, додека идната презентација, после утрешната во Скопје, е закажана за 18 март во Подгорица. Проектот инаку е финансиран од Претпристапниот фонд “ИПА 2008“ (Civil Society Facility).