СУДБИНАТА НА ЈАВНИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ СЕ ОСТАВА НА ВОЛЈАТА НА ГРСТ ФУНКЦИОНЕРИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

5.03.2010

ССМ смета дека Предлог – Законот за јавни службеници е нецелосен, непрецизен, нејасен и крајно рестриктивен за сто илјади вработени. Затоа ССМ бара негово повлекување од собраниска процедура...

 

Со Предлог – Законот за јавни службеници околу 100.000 лица ќе бидат оставени под постојан грч и пресија. Сојузот на синдикатите на Македонија сигурно ќе го оспори законот, но најпрво сака предлогот да биде повлечен, иако го помина првото читање во собраниската процедура.

Ова на денешната прес конференција Милан Живковиќ, портпарол на Сојузот на синдикатите на Македонија. На прес конференцијата присуствуваа претставниците на синдикатите од јавниот сектор, кои исто така го оспоруваат Предлог - Законот за јавни службеници.

Законот ќе внесе хаос во јавната администрација. Овој закон е наводно со европски предзнак, но се донесува со балкански манири. Не е консултиран ни Синдикатот, ни науката. Ако целта е македонската администрација да се доближи до европската, читајќи го текстот може да се заклучи дека со овие одредби ќе бидеме поблиску до најзаостанатите земји во Африка, изјави Живковиќ.

Самите јавни службеници можат да констатираат дека целта на овој закон е воведување апсолутизам и манипулатизам. Предлог - Законот е нецелосен, непрецизен, нејасен и крајно рестриктивен. Скоро секој член е спорен, пред се од уставен аспект, од аспект на правата на работниците, на улогата на синдикатот и колективното договарање, информираше портпаролот на ССМ.

Не смее институтот “распоредување“ да се остави да биде злоупотребуван и јавниот службеник да биде распоредуван без временски и географски ограничувања, и тоа според субјективните проценки на претпоставените. Но ете, предлагачот кажува дека тоа е согласно со актот на систематизација на работните места, а сите знаеме колку е лесно да се измени една систематизација.

Не може половината од членовите на законот, кој ќе опфати преку 100.000 вработени во јавниот сектор, да посочуваат на други закони, а никаде не се споменува кои се тие закони или кога ќе се донесат. Не може потполнувањето на слободните работни места да биде уредувано со посебен закон.

Не постои ниту еден член за еднаквост на платата на јавните службеници, но постои дел каде се укажува дека “со општ акт на органот на управување“ ќе се утврдуваат условите и критериумите на платата. Укажуваме на тоа дека Уставот и законите утврдиле дека платата, покрај со закон, се регулира и со колективен договор, а не со акти на работодавачот.

Кога сме кај колективните договори, нив никаде ги нема. Дали предлагачот е свесен дека никаде не е утврдена примената на колективните договори, со што се создава нееднаквост во остварувањата на правата на работниците и се крши уставната одредба за рамноправност на сите луѓе пред Уставот и законот?

Исто така, каде е правото на работникот да биде синдикално организиран? постави прашање Живковиќ. Во членовите 30 и 31 се споменува синдикатот, но пак се укажува на некој посебен закон. Прашање е дали со овие измени се сака да се создаде нееднаквост кај работниците од јавниот и од приватниот сектор.

Во врска со надоместокот од 30 отсто од платата за време на суспензија, ССМ на минатата прес конференција и посочи на јавноста дека со ваква одредба  работникот предвреме се осудува со казна од 70 отсто од платата. На тој начин се зголемува опасноста од манипулација со судбината на работниците.

Ако се сеќавате, слична ваква измена се направи и во Законот за работни односи, но таму се повикуваат на овие членови од Предлог – Законот за јавни службеници! Срамно е да се усогласуваат членови на Законот за работни односи со непостоечки закони или со закони кои се во тек на донесување.

За крај, јавните службеници ќе бидат оценувани секои четири месеци, и тоа само од раководното лице. Синдикатот никаде го нема во комисиите, а службеникот ќе добие отказ доколку добие две последователни оценки “не задоволува“ или пак најмалку двапати во последните три оценувања. Значи во рок од осум месеци  од стапувањето во сила на овој закон треба да ги очекуваме истите настани како тие што се случија на први септември минатата година во образованието.

Дали со овој закон сакате да ги ставите во грч јавните службеници ширум Македонија?, упати прашање Живковиќ. Свесен ли е предлагачот на законот дека при секоја промена на власта овие лоши одредби можат да бидат злоупотребувани? Претпоставуваме дека тогаш први на удар ќе се најдат токму нивните членови. Тоа се најтешките моменти за синдикатот, затоа што во ССМ членуваат симпатизери на сите политички партии, вклучувајќи ја и владината коалиција. За нас се сите исти, а овој закон ќе ни ги врзе рацете и нема да можеме да ги заштитиме.

Доколку законот се донесе во ваква форма судбината на стоте илјади јавни службеници ќе биде предадена во рацете на мал број функционери. Затоа бараме овој закон да биде повлечен од собраниска процедува, заклучи Живковиќ.

Пецо Груевски, генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) истакна дека со предлогот на законот се опфатени вработените во образованието, здравството, науката, културата, социјалната заштита, фондовите, општините и општините на градот Скопје и други институции. Секој член е катастрофален за овие работници. Прашуваме дали оваа Влада има министер за труд и социјална политика, нагласи Грујовски. Синдикатот е практично суспендиран, колективното договарање исто, не е регулирано прашањето на договорите за вработување, паузите, годишните одмори и многу други прашања. Во член 20 се зборува за распоредувањето, но за распоредувањето е потребна посебна одредба. Во член 30 предлагачот на законот, Министерството за правда, практично го суспендира синдикатот. Во член 50 стои дека работникот добива 30 отсто од платата ако е под суспензија.

Предлог законот претставува масовно кршење на правата на работниците. Ова е сериозен испит за синдикатите од јавниот сектор и затоа ги повикуваме другите синдикални организации, кои досега не се огласија за Предлог – законот, да се обединиме и заеднички да се спротивставиме на донесувањето на еден ваков штетен акт, изјави Пецо Грујовски.

На прашањето на новинарите како Синдикатот ќе го оспорува Предлог – законот портпаролот Живковиќ одговори дека ССМ најпрво сака законот да биде повлечен, а ако тоа не се случи сигурно е дека ќе биде оспорен пред Уставниот суд.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc