ВЛАДАТА УПОРНА: НЕМА РЕШЕНИЕ ЗА СТЕЧАЈЦИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

2.03.2010

Денес стечајните работници од премиерот Груевски добија одговор дека оваа Влада дефинитивно нема намера да го реши нивниот проблем. Работниците за следниот вторник најавуваат каменување на Владата...

 

Владата дефинитивно нема намера да го решава проблемот на стечајните работници. Ова е веста што после денешната средба на претставниците на стечајните работници ја соопштија на масата луѓе кои протестираа пред Владата.

Со свирежи, негодување и револт работниците најавија дека нема да престанат со протести, туку дека идниот вторник ќе одат на радикални мерки, како каменување и фрлање јајца врз зградата на Владата. Се споменува и опција на поставување шатори и граѓанска непослушност.

Ќе се обратиме до другите фактори, како претседателот на државата, Собранието или странските амбасади. Владата не ја спроведува директивата на Европската Унија од 2002 година, која наложува социјално згрижување на секое лице што останува без работа.

Згрижувањето трае до наоѓање нова работа или пензионирање, без оглед дали е во прашање јавно или приватно претпријатие, изјави Драге Јованоски, раководител на Секторот за правна заштита на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Груевски ја срами Македонија со неговиот однос кон стечајците. Не се работи само за нас, туку за сите граѓани на земјава. Директно се кршат европските прописи и работава прераснува во брука за оваа држава. Со прашањето се оддалечуваме од Унијата и очекуваме во јуни Македонија да добие нова шлаканица во евроинтеграцијата. Само не знаеме во чиј интерес е оддалечувањето од Унијата, изјави еден од работниците кои беа на средбата.

Насобраната маса, од околу илјада и петстотни лица, ја посетија делегации на две политички партии. Прв пристигна Љубе Бошковски, кој изјави дека владата на ДПМНЕ, која е влада во заминување, нема визија за иднината на Македонија. Се инвестира во непродуктивни проекти, место да се мисли на луѓето. Имаме решение за три прашања – за стечајните работници, за бранителите и за социјалните случаи, нагласи Бошковски. За сите три категории се потребни околу 50 милиони евра годишно.

Од страна на СДСМ пристигна Марјанчо Николов, која излезе со пресметката на неговата партија, според која стечајните работници треба да добиваат 30 отсто од просечната плата, а тоа се 15 милиони евра годишно.

Се забележува дека се зголемува енергијата и решеноста на стечајните работници да одат до крај. На денешниот протест, покрај кумановските работници, кои и досега беа најбројни, видливо беше присуството на луѓе од Крива Паланка, Скопје и други градови.

Барањата на стечајните и технолошки вишок работници се познати – по сто евра месечно, до пензионирање или ново вработување. Издатокот не е голем, затоа што бројот од околу 25.000 лица постепено ќе се намалува, како и сумата за нивното социјално згрижување.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc