УТРЕ ВО 12 ЧАСОТ ПРОТЕСТ НА СТЕЧАЈЦИТЕ ПРЕД ВЛАДАТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

01.03.2010

Точно на пладне на 2 март стечајните и работниците прогласени за технолошки вишок ќе одржат протест пред Владата. Тие бараат средба со премиерот и решавање на нивниот статус. Се очекува присуство на над 1.500 лица...

 

Утре, на 2 март, во 12 часот, стечајните и работниците прогласени за технолошки вишок ќе одржат протест пред Владата на Република Македонија. Работниците бараат средба со премиерот Никола Груевски и решавање на нивниот статус, гласат изјавите од денешната прес конференција на здруженијата на стечајните работници, која се одржа во Сојузот на синдикатите на Македонија.

Појдовниот пункт е во 11 часот во Автокоманда, од каде ќе се упатиме пеш до пред Владата, изјави Лилјана Георгиевска, претседател на здружението УНИТ од Куманово. Им се извинуваме на жителите на Скопје за сообраќајниот метеж што ќе настане, но истовремено се надеваме дека сите граѓани на земјава не поддржуваат во нашите барања.

Основните барања се средба со премиерот Никола Груевски и отпочнување дијалог за решавање на статусот на стечајните работници, информира Драге Јованоски, раководител на Секторот за правна заштита на ССМ, кој ги застапува стечајните работници. Поминаа 363 дена од 3 март 2009 година, кога до Владата доставивме барање со три точки – Груевски да прифати социјален дијалог, да се предложи начин за решавање на статусот на стечајните и технолошки вишок работници, односно да се реши статусот на овие луѓе.

Ќе ги зборавиме неисплатените плати, неуплатените придонеси за пензиско осигурување и другите долгувања кон нас. Се што бараме е надомест од сто евра месечно, додека не се исполнат условите за пензија, изјави Лилјана Георгиевска.

Непримерно е што за една година не стигна никаков одговор од страна на Владата, рече Драге Јованоски. Исто така сметаме дека не е во ред објаснувањето на Груевски дека не може да се решаваат проблемите на вработени во приватни претпријатија. Да потсетиме дека во земјите на Европската Унија, каде треба да се придружи и Македонија, не се прави разлика меѓу вработени во приватен и јавен сектор. Доколку таму човек остане без работа добива од 500 до 700 евра, до ново вработување или до пензионирање.

Сметаме дека Владата е должна да го реши проблемот на овие луѓе, додаде Јованоски. На прес конференцијата беше доставен записник од 45. седница на Управниот одбор на Агенцијата за приватизација од 2001 година, во времето кога Никола Груевски беше министер за финансии. На таа седница е решавано за трансформацијата на “Славија“, “Полог“ – Тетово, земјоделската задруга “Братство“ – Тетово, “Топлификација“ – Скопје, “Окитекс“ – Скопје, “Балкан“ – Каварадци и други, што значи дека луѓе од сегашниот кабинет учествувале во трансформацијата  на претпријатијата од каде произлегоа стечајните работници. Тие претпријатија не постојат, но луѓето се живи, додаде Јованоски.

Стечајните и работниците прогласени за технолошки вишок три месеци штрајкуваат со глад во просториите на Регионалниот синдикален совет на ССМ во Куманово. Тие изјавија дека е срамно што премиерот не сака да дојде да разговара со нив и дека немаат друг избор освен да продолжат да ги бараат нивните права.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc