ВТОРА СРЕДБА НА ЗАЕДНИЧКИОТ КОНСУЛТАТИВЕН КОМИТЕТ
25.02.2010
Европската Унија полага големо внимание на јакнењето на граѓанскиот и социјален дијалогот на сите нивоа, гласи пораката од денешната Втора средба на Заедничкиот консултативен комитет...
Заедничкиот консултативен комитет (ЗКК) е институционална форма на социјален и граѓански дијалог. Европската Унија се залага за јакнење на социјалниот и граѓанскиот дијалог и оттаму ЗКК може да се гледа како на поширок модел на организираност, беше кажано на денешната Втора средба на Заедничкиот консултативен комитет, што се одржува во Скопје.
Свои излагања на средбата изнесоа Ерван Фуере, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Сашо Клековски, претседател на ЗКК, министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами, Владимира Дрбалова, копретседател на Заедничкиот консултативен комитет и Васко Наумовски, вицепремиер за европски прашања. На средбата присуствуваа претставници на синдикатите, на организациите на работодавачи, на повеќе невладини организации и на други организации и институции.
Заедничкиот консултативен комитет е значајно тело за евроинтеграцијата на Република Македонија. Тоа е заедничко работно тело на Македонија и на Европскиот економско – социјален совет (ЕЕСК). Делокругот на ЗКК е соработката на Македонија со Европскиот економско – социјален совет, при што најголема важност имаат прашањата поврзани со социјалниот и со граѓанскиот дијалог.
Европскиот економско – социјален комитет, пак, е советодавно тело на Унијата, која дава мислења на Парламентот и на Советот на ЕУ, како и на Европската комисија. Оттаму оценките на ЗКК и на ЕЕСК за состојбите во Македонија имаат силно влијание во сите структури во Брисел.
Составот на ЗКК е утврден во март минатата година. Тоа е шестчлено тело, со по двајца претставници на синдикатите, на организациите на работодавачи и на граѓанскиот сектор, односно на невладините организации. Претседател на ЗКК е Сашо Клековски од Македонскиот центар за меѓународна соработка. Од синдикална страна членови на ЗКК се Ванчо Муратовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија и Слободан Антовски, претседател на Унијата на независни и автономни кандидати (УНАСМ). После реакциите на Конфедерацијата на слободни синдикати во март ЗКК е проширен со двајца набљудувачи, и тоа Марјан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации и Ружди Ибраими од Конфедерацијата на слободни синдикати.
Сојузот на синдикатите на Македонија ги поддржува сите иницијативи, нови модели и рамки на развивање и проширување на дијалогот на сите нивоа. Влијанието на граѓанското општество, или на невладините организации е од голема важност за демократските процеси во Република Македонија, но за ССМ приоритет се социјалните прашања и социјалниот дијалог.