ССМ БАРА РЕГРЕС ЗА ОДМОР ДА ДОБИВААТ СИТЕ РАБОТНИЦИ
21.02.2010
Сојузот на синдикатите на Македонија остро реагира на изјавите на министерот за труд Џељаљ Бајрами, во кои тој вели дека регресот за годишен одмор е укинат во приватниот сектор. Регрес е регулиран во девет гранки преку колективните договори, изјави на денешниот прес портпаролот Милан Живковиќ...
Сојузот на синдикатите на Македонија остро реагира на прес конференцијата на министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами, во врска со правата на работниците од приватниот сектор, кога тој посочи дека правото на регрес за годишен одмор е укинато со измените на Законот за работни односи од 2005 година. Ова го изјави портпаролот на ССМ Милан Живковиќ на денешната конференција за печат во ССМ.
ССМ по втор пат оваа недела укажува дека Министерството за труд и социјална политика треба да се преиспита за кого се донесуваат законите од трудовото законодавство и на чија штета ќе биде “подобрувањето на бизнис климата“ во Македонија? Дали фактот што Министерството за труд и социјална политика што во 2005 година го укина правото на регрес значи Синдикатот не треба да се труди да се добие надоместокот преку колективните договори?
Уште еднаш му посочуваме на министерството и на македонската јавност дека со lex specialis или со колективни договори можат да се утврдат поголеми права за работниците од тие што се пропишани со Законот за работни односи. ССМ и во 2005, 2007 и 2009 година успеа да го направи тоа со општите колективни договори за стопанство, кои ги потпиша со Организацијата на работодавачи на Македонија, потсети Живковиќ.
Во изминативе четири години работниците добиваа регрес за одмор во дејностите каде работодавачите беа потписници на колективни договори. Исто така со новите измени на Законот за работни односи колективните договори се обврзувачки за сите и ние се надеваме дека сите работници ќе го уживаат тоа право.
Сметаме дека истите тие измени ќе го зголемат обемот на организирање на работниците, како и на работодавачите, затоа што сите ќе сакаат да придонесат за подобрувањето на социјалниот дијалог во земјава.
Социјален дијалог во однос на колективното договарање постои – но само меѓу ССМ и Организацијата на работодавачи. Нека се запрашаат работниците од одделни средини од јавниот сектор зошто и тие не добиваат регрес или новогодишен надоместок. Исто така нека се запрашаат со кој синдикат Владата потпиша општ колективен договор за јавниот сектор и зошто нивните права не се усогласени со тие од приватниот сектор.
На прашањето на новинарите за висина на регресот портпаролот Живковиќ одговори дека во девет грански колективни договори е регулирано правото на регрес. Висината на регресот зависи од просекот во гранката и приближно се движи од 10.000 до 13.000 денари. Исто така правото е регулирано во дејностите што ги покрива Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Инаку во општиот колективен договор што Владата го потпиша со друг синдикат правото на регрес не постои. ССМ со репотпишувањето на Општиот колективен договор за стопанство ќе гледа ова право да го добиваат сите работници во приватниот сектор, дополни Живковиќ.