ЗАКОНИТЕ СЕ МЕНУВААТ БЕЗ СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ
18.02.2010
Само оваа недела, без никаков социјален дијалог, се донесени измени во три закони значајни за правата на работниците. Терминот “активно барање работа“ може да биде начин за вештачко намалување на бројот на невработените...
Непостоењето социјален дијалог во Република Македонија создава негативни последици кај правата од работен однос и во вкупното функционирање на државата. Само оваа недела Собранието на Република Македонија примени се измени и дополнувања на три закони, кои се од огромно значење за македонските работници, изјави на денешната конференција за печат портпаролот на Сојузот на синдикатите на Македонија Милан Живковиќ.
За овие измени Синдикатот не беше ни еднаш консултиран, ниту известен дека измените ќе бидат доставени до собраниските комисии. Измените во Законот за работни односи можеби изгледаат како да се менува само еден член од целиот закон, но и таа навидум мала измена значи намалувања на право кое работникот може да го одведе во сиромаштија.
Конкретно, се работи за измени на Законот за работни односи, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.
Една од измените во Законот за работни односи е намалувањето на платата на 30 отсто додека трае дисциплинската постапка против работникот. Со тоа тој предвреме се осудува да прима само 30 отсто од платата. Министерството за труд и социјална политика образложува дека измената се усогласува со Законот за државни службеници, каде стои дека работникот се казнува со 70 отсто од платата. Меѓутоа, експертските служби направија проверка и никаде не пронајдоа такбва одредба во Законот за државни службеници. Затоа се сомневаме дека тоа е обид за изговор од страна на министерството, нагласи Живковиќ.
ССМ има одговорност кон работниците и кон членството да информира за сксусувањето на правата од работен однос, рече Лилјана Јанкуловска, раководител на Секторот за економски и социјални прашања на ССМ. Трите закони се мошне значајни за работничките права. Многу е дискутабилни членовите за слободата на синдикалното организирање, за репрезентативноста на синдикатите, за најниската плата и многу други недоречени прашања.
Кај Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност во прашање е одредницата “активно барање работа“. ССМ отсекогаш инсистираше да се објасни што точно значи фразата “невработениот активно бара работа“. Ова прашање остава простор за малверзации, шпекулирање и губење на правото на надоместок, односно бришење од евиденцијата на невработените за една година. Можеби тоа е една од мерките за намалување на бројот на невработените во Македонија.
Во 2009 година имаше 245.294 вкупно остварени вработувања. Од нив 59.803 биле на евиденцијата на Агенцијата за вработување се 59.803, додека останатите 185.491 се остварени надвор од Агенцијата, изнесе Лилјана Јанкуловска. Ова укажува дека работниците не сакаат да се пријавуваат како невработени. Луѓето едноставно не знаат како да докажат дека активно бараат работа. Се плашиме дека идејата е да се манипулира со бројот на невработени на вештачки начин, дека ова е само начин на бришење на луѓето од евиденцијата, дополни Живковиќ.
Во однос на Законот за капитално финансирано пензиско осигурување повторно не е регулирано учеството на осигурениците во управувањето. Во вториот столб воопшто нема учество на осигурениците, а во првиот повторно го нема синдикатот. Кога ССМ одржуваше протести за промените на Законот за работни односи Владата јавно кажуваше дека тоа го прави за создавање подобра “бизнис клима“. Но со “подобрувањето“ на критериумите за технолошки вишок климата во приватниот сектор не се подобри. Една од последиците е што се остави простор за партизирање на јавниот сектор. Се покажа дека ниту едно скусено работничко право не ја подобри бизнис климата во Македонија, заклучи Живковиќ.
На прашањето на новинарите кои мерки ги предлага ССМ портпаролот одговори сека Синдикатот бара, како и досега, учество во работата на собраниските комисии, каде со аргументи ќе ги изнесува своите мислења за намалувањето на работничките права. Ние не го измисливме социјалниот дијалог, туку тој постои во Европа. Социјалниот дијалог е прв чекор кон евроинтеграцијата на Македонија, дополни Јанкуловска.