СЕМИНАР ЗА ГРАНСКИТЕ КОЛЕКТИВНИ ДОГОВОРИ
4.02.2010
“Гранските колективни договори како основа на бипартитниот социјален дијалог“ е тема на работилницата што наредните три дена се одржува во Охрид. Организатори се Меѓународната организација на трудот, Австриската агенција за развој и Сојузот на синдикатите на Македонија...
“Грански колективни договори – основа на бипартитниот дијалог“ е тема на работилницата што од четврти до шести февруари се одржува во Охрид. Работилницата е во организација на Меѓународната организација на трудот (International Labour Organisation), Австриската агенција за развој (Austrian Development Agency) и Сојузот на синдикатите на Македонија.
Предавачи на работилницата се Светла Шеќерџиева, претставник на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за Југоисточна Европа, Петер Михалчик, советник на МОТ и на ИТУЦ (Светската организација на синдикатите), Ениса Салимовиќ, претставник на ИТУЦ, Жералд Кројцер, експерт за социјални прашања од Австрија, Лазар Јовевски, асистент на Правниот фактлтет “Јустинијан Први“ и Љупка Арсениевска, претставник од македонското правосудство. Од синдикална страна вкупно учествуваат 21 претставник од Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати и Унијата на автономни и независни синдикати.
“Бипартитен социјален дијалог - негови вредности, цели и институции“ е наслов на првата сесија на средбата, на која предавач е Петер Михалчик. Светлата Шеќерџиева ќе зборува на тема “Значењето на социјалниот дијалог во време на глобалната криза“, додека Ениса Салимовиќ за “Пристапот на МОТ за решавање на глобалната криза и одговорот на синдикатите“. Петер Михалчик и Жералд Кројцер ќе предаваат за правната рамка за колективните договори, односно за стандардите на МОТ и за законодавството во Европската Унија. Двајцата предавачи ќе зборуваат и за односите меѓу синдикатите и организациите на работодавачи, за владата како работодавач, потоа за основните принципи и вредности на колективните договори и за праксата на колективното преговарање.
Магистер Лазар Јовевски ќе даде анализа на колективното преговарање и потпишување колективни договори во македонската легислатива и пракса. Љупка Арсениевска ќе предава на тема “Прашања поврзани со остварувањето на правата на работниците согласно законот и колективните договори во судските постапки“.