РЕАКЦИЈА НА ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈАТА НА МТСП

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

25.12.2009

Одговор на Сојузот на синдикатите на Македонија по повод денешната прес конференција на Министерството за труд и социјална политика

НЕВИСТИНИ, СТАТИСТИЧКИ ПОДАТОЦИ ИЛИ СУРОВА РЕАЛНОСТ?

 

Министерството за труд и социјална политика тврди дека на конференцијата за печатот на Сојузот на синдикати на Македонија на 24.12.2009 беа искажани невистини во врска со непостоењето на социјален дијалог, сегашната состојба на невработеност и социјалната политика. Со цел да ја докаже “благосостојбата“ во која живеат работниците во Р. Македонија, МТСП одржа прес конференција денес, 25.12.2009, на која дадоа “аргументи“ со кои објаснуваат дека има социјален дијалог и дека невработеноста се намалува.

Тоа што се укажува дека “...за сите измени на ЗРО се дискутираше на неколку средби со сите синдикати...“ не значи дека постои социјален дијалог. Повеќе пати Сојузот на синдикати на Македонија ги информираше медиумите дека на тие средби нашите предлози беа целосно игнорирани и дека правдата ќе ја бараме пред Уставниот суд. Тоа веќе беше направено за измените на ЗРО од 2008 година, а со одлуката на Уставниот суд на 13.05.2009 за укинување на одредбите од ЗРО од 2008 година се покажа кој е вистинскиот заштитник на работничките права. Јавноста беше доволно информирана преку седниците на собраниските комисии за непостоењето на социјалниот дијалог – МТСП и на тие средби упорно ги одбиваше забелешките на Сојузот на синдикати на Македонија. А го спомнавте и “Твининг проектот-преглед на националното трудово законодавство“ – можеби требаше да напоменете дека не почекавте да ги видите препораките и резултатите од тој проект, па одлучивте да избрзате со измените на ЗРО спротивно од мислењата на експертите од Европската Унија.

А во врска со коментарите за бруто-платата и невработеноста, Сојузот на синдикати на Македонија тврди дека сите податоци и бројки кои беа изнесени на новогодишната средба со новинарите потекнуваат токму од официјалните државни и владини институции, каде впрочем припаѓа и МТСП. ССМ не е против системот на бруто-плата, ССМ е против отсуството на мерки за стимулирање на стопанството кои би им помогнале на фирмите во овој кризен период. А очигледно е дека доколку се затворат фирмите невработеноста ќе се зголеми, не треба да бидеме експерти за да го заклучиме тоа. Факт е дека за една година изгубени се над 30.000 работни места како последица од глобалната економска криза. За реално да се намали невработеноста во Македонија за 2,3 отсто потребно е да се создадат преку 35.000 нови работни места во оваа тековна година како одговор на тие 30.000 што биле изгубени. Затоа останува отворено прашањето дали со бришењето на 53.000 невработени од списокот на Агенцијата за вработување (по “разни основи“) од јуни 2008 до јули 2009 имаме само математички пад на невработеноста.

Сојузот на синдикати на Македонија нема да навлезе во вербален конфликт со МТСП во врска со тоа кој ја има вистинската проценка на состојбата во Р. Македонија. Факт е дека Европската Унија и Европскиот Економско-Социјален Совет во своите извештаи за РМ дадоа забелешки дека има отсуство на социјален дијалог. Во извештајот за евронапредокот на Македонија од 14.10.2009 стои “...функционален и репрезентативен социјален дијалог сеуште недостасува!“ Не мора да докажуваме меѓу себе, Европската Унија има силен мониторинг и одлично знае за се што се случува во Македонија. Социјалниот дијалог во Република Македонија постоел во минатото, сега го нема, а се надеваме дека во иднина ќе постои во форма која ќе ја донесе Македонија поблиску до стандардите кои се присутни во Европската Унија. А работниците знаат која е реалноста, не им требаат статистички податоци.

 

Милан Живковиќ

Сојуз на синдикати на Македонија

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc