ДОСИЕТО СТЕЧАЈНИ РАБОТНИЦИ ПОВТОРНО СЕ ОТВОРА СО ШТРАЈК СО ГЛАД
9.12.2009
Здружението УНИТ од Куманово прогласи штрајк со глад и ги повикува сите стечајни работници да им се придружат. Тие до пролетта оваа година одржуваа јавни протести, но Владата бегаше од нив...
Во Македонија повторно се отвора досието на стечајните работници, кои прогласија општ штрајк со глад. Штрајкот започна во една од просториите на Регионалниот синдикален совет во Куманово на Сојузот на Синдикатите на Македонија. Лилјана Георгиевска, претседателката на УНИТ, Здружението на стечајни и технолошки вишок работници, ги повикува сите постари работници, околу 12.000 лица, да се приклучат кон штрајкот. Засега учество во протестот најавиле работници од Битола, Неготино, Крива Паланка, Свети Николе, Охрид и од други градови.
Ова се најновите вести од страна на стечајните работници, еден броен слој на очајни постари луѓе, кои со години немаат никакви средства за живот. Тоа се работници близу, или над своите шеесетти години, кои од државата бараат минимум издршка, по околу стотина евра месечно, додека не ги исполнат условите за пензионирање. Во најголем дел стечајците биле вработени во претпријатијата со општествен капитал и после приватизацијата се останати на улица, повеќето без никакви средства за живот.
Здруженијата на стечајните работници од есента 2008 година организираа јавни протести пред Владата, што продолжи до април 2009 година. Владата воглавно ги избегнуваше и не се ни потруди да сокрие дека нема намера да се занимава со нив. Тоа стана потполна јасно во оние два – три наврати, кога работниците успеаја да се сретнат со премиерот или членови на кабинетот. Инаку претежно единствените лица кои ги гледаа без полицајците пред влезот во Владата. Премиерот Никола Груевски им порача дека “Владата нема намера да се занимава со проблем на работници од приватни претпријатија“. Фрапирани од одговорот, работниците повторува дека не се чувствуваат како работници во приватниот сектор. Тие работеле 35 години во “ЧИК“’, “Газела“, ФАС“, другите некогашни големи претпријатија и не е важно што во моментот кога останале без работа препријатието се водело како приватизирано. Ние знаеме како се одвиваше приватизацијата и не ја обвинуваме сегашната Влада, но таа сепак е одговорна за сите граѓани, порачаа овие лица.
Ништо не беше подобар ни вицепремиерот Зоран Ставрески, кој неколку пати “ускокна“ место првиот министер. Еднаш ги врати “од принципиелни причини“ (не дообјасни на кои принципи мисли), вторпат порача дека “правеле математики со шефот“ и нашле дека не можат да обезбедат по три милиони евра, сумата што која би ги задоволила стечајните работници. Подоцна едноставно им соопшти дека Владата нема решение за нив.
Во 2008 година Владата со блеф се обиде да го реши непријатниот проблем со шаторите на стечајците пред Собранието. Донесе некаков закон, со кој беа опфатени околу 600 лица. Меѓу нив Стојан Стојанов, човек кој дотогаш ги водеше и беше прв во шаторската населба во Паркот на жената. После првата еуфорија и честитања работниците сфатија дека законот не е ништо друго освен ефтин трик на Владата, измамнички пропис со кој повторно останаа со куси ракави. Тие наново се организираа и од есента почнаа да одржуваат јавни протести.
Протестите несреќно се поклопија со акцијата на Владата за украсување на градот со бронзени скулптури. Како е можно да се има пари за “шмизли“ на плоштад, а сопствените граѓани да се остават на улица, прашуваа стечајците.
Сојузот на синдикатите на Македонија ги поддржува барањата на стечајните работници. Тоа се работници како и сите други и Синдикатот мора да им помогне колку што може, гласи ставот на ССМ. За време на протестите нивен овластен преговарач беше Драге Јованоски, раководител на Секторот за правна заштита на ССМ.
Изгледа дека за Владата не е важно што сумата потребна за стечајните работници постојано се намалува, поради намалувањето на самиот број на овие LICA. Дел од нив го достигнуваат условот за пензионирање, некои не го ни дочекуваат живи, така што нивниот број постојано се намалува. На почетокот на оваа година се проценуваше дека има околу 37.000 стечајни работници, за кои ќе беа потребни три милиони евра, додека сега, после десеттина месеци, потребната сума изнесува 1,3 милиони евра за 12.000 лица.