ЕВРОПСКИОТ ИЗВЕШТАЈ НЕ ПРОНАЈДЕ СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ ВО МАКЕДОНИЈА
5.11.2009
Извештајот за евронапредокот на Македонија од 14 октомври не содржи само пофалби. Таму стои дека “постигнат е мал напредок во социјалниот дијалог, трудовото право, здравјето и безбедноста при работа. Функционален и репрезентативен социјален дијалог се уште недостасува“...
“Место да славиме за вчерашниот извештај на евроинтеграцијата, ние се чувствуваме принудени да протестираме пред Собранието. Убаво е човек да се пофали за нешто, но не треба да го премолчува тоа што не е добро“. Ова е почетната изјава на претседателот на ССМ Ванчо Муратовски на 15 октомври, кога активот на ССМ јавно одржа јавен протест пред Собранието поради новата рунда намалување на работничките права.
Тоа што не е добро е социјалниот дијалог во земјава и воопшто состојбата со правата од работен однос – што е потврдено и во самиот извештај од Брисел. Таму се констатираат состојбите на кои ССМ укажува со години: не постои социјален дијалог меѓу партнерите (Владата, Синдикатот, работодавачите). ССМ постојано апелира законите да се носат нетранспарентно, без претходна расправа, исто така да не се игнорира Економско – социјалниот совет. Конечно, да се престане со систематското намалување на правата на македонските работници. Од јули минатата година во три наврати на работниците им се одземени десетици права, а последното, дополнувањето на Законот за работни односи, временски се поклопи со извештајот од Брисел.
Одржан само еден ден после извештајот на Оли Рен, протестот некому му изгледаше “неконструктивен“, или барем “нетактичен“. Портпаролот на владеачката партија постојано и за се нешто наоѓа некаква политичка заднина. Прашање е дали може да објасни каква политичка заднина има во залагањето за елементарни права за работниците.
Всушност Сојузот на синдикатите на Македонија, како сите граѓани и институции во земјата, ги подели радоста и еуфоријата по повод извештајот за евронапредокот. Меѓутоа, сред општиот оптимизам работите во трудот не се сменети. Остануваат апелите на ССМ македонските работници да не се претвораат во модерни робови, оставени на милост и немилост на газдите. Ефтината работна сила и обесправените луѓе не се вистинскиот пат за Европа, предупредува ССМ.
Владата, навикната на саморекламирање и алергична на понакви мислења, ги игнорира социјалните партнери, не сака да слушне никого, одбива дијалог. Меѓу другите инстутуции го игнорира и ССМ и Економско – социјалниот совет. Факт е дека Владата ни малку не се грижи за трипартизмот, една од основните институции на системот на либералната демократија. Европските вредности не познаваат поинаков концепт во уредувањето на односите во општеството. Едноставно нема друг пат во подобра иднина од цивилизиран разговор меѓу Владата, Синдикатот и работодавачите.
Она што ССМ го посочува е поглавјето 4.19 на “Извештајот за напредокот 2009“, што Европската комисија го достави до Европскиот парламент и Советот на Европа. Документот е јавен и поглавјето го пренесуваме во целост.
“4.19. Поглавје 19: Социјална политика и вработување
Постигнат е мал напредок во областа на трудовото право. Националното законодавство за труд е ревидирано со цел да се транспонира acquis, но истото сé уште не е ефективно усогласено со сите барања на ЕУ. Соработката меѓу релевантните институции не е подобрена. Административниот капацитет останува недоволен за да се обезбеди соодветна примена и спроведување на трудовото право. Подготовките во оваа област се скромно напреднати.
Може да се забележи мал напредок во областа на здравјето и безбедноста при работа. Законот за здравје и безбедност при работа од 2007 година не се применува во целост. Националниот совет за професионална безбедност и здравје предвиден со законот сé уште не е формиран. Административниот капацитет на Инспекторатот за труд останува недоволен за обезбедување на соодветна примена и спроведување на законските одредби. Бројот од 35 инспектори останува недоволен, а работните простории се несоодветни. Сепак, трудовиот инспекторат спроведе повеќе инспекции отколку во претходниот известувачки период. Отсуствуваат усогласени критериуми и методи за евидентирање на податоците за несреќи при работа. Усогласувањето со acquis во областа на здравјето и безбедноста при работа бележи скромен напредок.
Има мал напредок во доменот на социјалниот дијалог. Функционален и репрезентативен социјален дијалог сé уште недостасува. Членството во Економско-социјалниот совет (ЕСС) остана непроменето, со што ги ослабува својата позиција и улога. Владата организираше значителен број на консултации со социјалните партнери коишто во моментов не се членови на ЕСС. Отсуството на јасност на критериумите за соодветност, исто така, претставува пречка во бипартитниот дијалог. Синдикатите и асоцијациите на работодавачи сé уште имаат ограничен капацитет за да придонесат во развивањето, спроведувањето и оценувањето на политиката за вработување и социјалната политика. Членовите на Заедничкиот консултативен комитет со Економско-социјалниот комитет на ЕУ се конечно номинирани. Подготовките во оваа област остануваат во почетна фаза.“
Во истото поглавје е донесен заклучок.
“ Заклучок
Постигнат е ограничен напредок во областа на социјалната политика и вработувањето. Се уште отсуствува ефективен и репрезентативен социјален дијалог. Мерките што се преземаат за подобрување на пристапот на пазарот на трудот за ранливите групи, вклучувајќи ги лицата со хендикеп, остануваат недоволни. Административниот капацитет се зајакнува бавно, но останува недоволен за соодветно спроведување на донесените законски прописи и политики.“