ШЕЌЕРАНЦИ ЌЕ СЕ ЖАЛАТ ВО МЕЃУНАРОДНИОТ СУД ВО ХАГ

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

3.11.2009

До Основниот суд - Битола се поднесени жалби против отказните решенија за 24 учесници на штрајкот во Фабриката за шеќер “4 Ноември“. За сопствениците нивната вина е учеството во штрајк кој дополнително бил прогласен за нелегитимен. Работниците се решени да се обратат до Меѓународниот суд во Хаг...

 

Правниот застапник во АГРО Синдикатот до Основниот суд – Битола поднесе жалби против отказите што ги добија 24 вработени во Фабриката за шеќер “4 Ноември“ – АД Битола. Бугарскиот сопственик, компанијата “Литекс“, отказите ги подели поради учество и организација на штрајк кој судот го прогласил за нелегитимен.

Оштетените најавуваат дека ќе се обратат до Меѓународниот суд во Хаг. Покрај нив, во септември над 50 лица се испратени на принуден одмор, додека само на 30 учесници на штрајкот сопственикот им дозволи да се вратат на работа. Така долгогодишната мачна ситуација во битолската шеќерана продолжува и понатаму.

Правниот проблем ги надминува границите на битолската фабрика и навлегува во работното законодавство и практика во Република Македонија. Имено, правото на штрајк е гарантирано според Уставот и во Законот за работни односи, во член 242. Работата е во тоа што поради недоречените законски одредби судот има извесно дискреционо право да одлучи дали некој штрајк е легитимен или не. Сега прашање е дали работниците во било која средина во Македонија ќе се осмелат да организираат штрајк, не информира Љубомир Митев, правник во АГРО Синдикатот, кој бесплатно ги застапува работниците во шеќераната.

Кај битолската фабрика токму тоа се случи - Апелациониот суд во Битола со мериторна пресуда го прогласи штрајкот за нелегитимен. Но работниците, додека штрајкувале, не знаеле и не можеле да знаат дека штрајкот дополнително ќе биде прогласен за нелегитимен, дообјаснува Митев. Тој верува дека случајот со Шеќераната може да стане пресвртница во работните односи во земјава. Работници можат да организираат штрајк, но лесно може да им се најде ситна правна формалност, како во случајот со битолската фабрика: штрајкот е прогласен за нелегитимен од формални причини, а не заради основаноста на барањата.

Таквите постапки се во спротивност со Уставот и со меѓународните конвенции, како што е Европската повелба за правата на човекот и граѓанинот. Таму е пропишано дека штрајк може да се забрани само во полицијата, одбраната и државната управа, и тоа само во исклучителни случаи. Но овде имаме случај еден нормален штрајк да биде прогласен за нелегитимен.

Инаку хронологијата на настаните во фабриката “4 Ноември’ почнува од пред шест години, кога бугарската компанија “Литекс“ станува доминантен сопственик на шеќераната, со 51 отсто акции. Работниците укажуваат дека не е се чисто со превземањето на фабриката. Имено, еден долг кон стоковите резерви државата го претвори во сопственост, а набрзо почнаа притисоци врз вработените да ги продадат нивните акции. Чуден е односот на државата кон новиот сопственик, се сомневаат работниците. Од некои причини кон Георги Стоев невообичаено се попустливи сите државни органи. Досега работниците бараа средби со премиерот, се обраќаа до неколку министерства. Сослушани се неколку пати, слушнале мислења дека треба да им се помогне, но тука се завршуваат сите интервенции, а Георги Стоев останува недопирлива личност.

На работниците нема да им пречеше сопственичката структура доколку новиот сопственик се однесуваше исправно кон нив. Но набрзо во шеќераната се смени се, од атмосферата, до нормите, но најтешко од се им паѓаа беспричинските малтретирања и притисоци. Се случувало работник да биде казнет затоа што отишол во ВЦ, затоа што јадел геврек пред капијата, иако влегол на време. Други се казнувани без да им се каже што згрешиле.

Од пред една година работниците организираа штрајк, со барање за зголемување на платите и внесување на патарината и хранарината во основната плата. Директорот Стоев не е член на Организацијата на работодавачи и не помислува да потпише колективен договор, додека постојано одбива средба со синдикатот. Имено АГРО Синдикатот е постојано меѓу работниците, од почетокот на превирањата. АГРО Синдикатот исто така ја извести Европската федерација на синдикатите од земјоделството, прехранбената индустрија, угостителството и туризмот (EFFAT), каде е полноправен член, за однесувањето на бугарските сопственици.

На почетокот на годината работниците штрајкуваа 76 дена, но всушност во фабриката отпорот кон бугарските сопственици се манифестира преку перманентни штрајкови скоро цела година. На 27 мај шеќеранци излегоа пред Владата, со барање за интервенција, што го поткрепуваа со фактот дека ПИОМ е сопственик на 46 отсто од капиталот и дека државата има право да интервенира.

Последните 24 откази се уште една епизода од масовното намалување на бројот на вработените. Пред доаѓањето на новиот сопственик Шеќераната имаше 320 вработени, додека сега се останати нешто повеќе од стотина. Не се само работниците погодени, затоа што во добрите времиња од одгледување шеќерна репка приходи остваруваа околу 15.000 семејства, најмногу во Пелагонија, но кооперацијата одеднаш беше прекината.

 

КОЛКУ СЕ ПОЧИТУВААТ ДОГОВОРЕНИТЕ ОБВРСКИ

Кога “Литекс“ ја превземаше Фабриката “4 Ноември“ меѓу Основната организација на Синдикатот на фабриката и сопствениците на доминантниот пакет (потпишан Гриша Ганчев) беше потпишан “Договор за регулирање на меѓусебните права и обврски за вработените и работодавачот“. Договорот е потпишан на 23 јануари 2003 година. Пренесуваме некои од дадените гаранции.

“Гаранција на работен однос на секој акционер на работното место соодветно на стручната подготовка, односно задржување на работното место, со обврска дека нема да превземат било какви мерки за отпуштање од работа по основ на технолошки вишок, освен по барање и во согласност со акционерот (работникот).

Овозможување на приоритетно право на вработување на едно дете од вработените работници поради нивно заминување во пензија, смрт и сл.

Стимулативен систем на наградување во зависност од остварените резултати.

Обезбедување на плата не помала од исплатената просечна плата на секој работник (акционер) поединечно исплатена во последните три месеци.

Права и обврски утврдени со Колективниот договор на ниво на гранка и работодавец:

  • надоместок на општествена исхрана или организирање општествена исхрана
  • плаќање на бенефициран стаж на одредена категорија работници
  • надоместок за превоз на работа или обезбедување на превоз на сметка на фабриката... итн.“

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc