СОБРАНИЕТО ГИ УСВОИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ
28.10.2009
Со усвојувањето на измените на Законот за работни односи македонскиот работник уште повеќе се остава на милост и немилост на газдите. Останува решеноста на Сојузот на синдикатите на Македонија за одржување јавен протест. Од јули минатата година ова е трета рунда намалување на работничките права...
Собранието на Република Македонија на денешната 76. седница го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи. Со тоа дополнително е влошена состојбата со работничките права во земјава.
Останува одлуката на Сојузот на синдикатите на Македонија за одржување на јавен протест поради намалувањето на правата од работен однос. Се уште не е одредена точната дата, но рамковно протестот треба да биде кон средината на ноември.
ССМ одржа предупредувачки протест пред Собранието на 15 октомври, на кој претседателот Ванчо Муратоски побара работниците да не бидат оставени на милост и немилост на работодавачите. Барањата на Синдикатот се: да се одреди минимална плата, да се регулираат прекувремената работа, скратеното работно време, да не се воведува работа во сабота. Да не се озаконува ноќната работа да може да се извршува непрекинато четири месеци. Понатаму, да постои институтот платен дневен одмор, додека годишниот одмор да трае најмалку 26 работни дена.
Почнувајќи од јули 2008 година денешното менување на Законот за работни односи е трета рунда во намалувањето на правата од работен однос. ССМ апелираше до државното раководство да престане со таа практика. До претседателот на Собранието Трајко Вељановски испрати официјално барање да ја одложи расправата за менување на законот, но писмото остана без одговор.
Законот за работни односи е Устав на работниците и тој треба да биде прогресивен, а не реакционерен. Со измените се крши Уставот на РМ и конвенциите на Меѓународната организација на трудот, гласи ставот на ССМ.
ССМ посебно реагира на нетранспарентноста на законските измени и мешањето на Владата во синдикалното движење. Во извештајот на Оли Рен за евронапредокот на Македонија, точно на страница 46, стои: “ефективен и репрезентативен социјален дијалог во Македонија нема“.
Законите од трудовото право по правило се донесуваат како и другите, без широка дискусија и консултација со социјалните партнери, а посебно е карактеристична послушноста на пратениците, кои не се свесни дека буквално ги осакатуваат идните генерации. Првото менување на Законот за работни односи, во јули минатата година, беше изгласано криешкум, без најава, така што јавноста беше шокирана од сознанието дека законот бил изменет вчерашниот ден.
Нешто поголема транспарентност се покажа оваа година, кога синдикатите беа повикувани на консултации во Министерството за труд и социјална политика. Меѓутоа, разговорите повеќе беа формални и во основа продолжи игнорирањето на синдикалната страна. Битно е да се создаде привид на социјален дијалог. Во таа функција е и званичната реакција на Министерството за труд и социјална политика по повод протестот на ССМ на 15 октомври, во која стои дека социјалниот дијалог “не само што постои туку е и активен“.
Во Сојузот на синдикатите на Македонија денешната вест е примена со вознемиреност, но истовремено и поголема решеност да се сопира ерозијата на работничките права во Македонија.