ХРВАТСКИТЕ СИНДИКАТИ НАЈАВУВААТ ПРОТЕСТИ
27.10.2009
Петте синдикални централи во Хрватска најавуваат јавни протести поради измените во Законот за работа. Тие се повлекуваат од Економско – социјалниот совет и одлучија да не потпишуваат социјална спогодба...
Изгледа дека намалувањето на правата на работниците не е само македонска специјалност. Во деновите кога Сојузот на синдикатите на Македонија организира протести против менувањето на Законот за работни односи од Хрватска стигнува скоро идентична вест – тамошните синдикати исто така планираат масовни протести против менувањето на хрватскиот Закон за работа.
Со предложените измени на законот Владата и работодавачите ги изиграа синдикатите и работниците, обвинуваат од петте синдикални организации. Синдикатите нема да потпишат социјална спогодба и нема да учествуваат на седниците на Економско – социјалниот совет, туку ќе организираат протести, најавија лидерите на синдикалните организации на вчерашната конференција за печат. Хрватските медиуми пренесуваат дека засега рамковната дата на протестот е одредена на 14 ноември.
Владата им се додворува на работодавачите, обвинуваат претставниците на петте синдикални организации: Сојузот на самостојните синдикати (SSSH), Независните хрватски синдикати (NHS), Матицата на хрватските синдикати (MHS), Хрватскиот организација на синдикати (HUS) и Организацијата на работничките синдикати на Хрватска (URSH).
Веднаш се забележува паралелата на состојбите во Хрватска и Македонија: владата им се додворува на работодавачите и го менува законот за работни односи на штета на работниците. Синдикатите се формално консултирани, но практично се игнорирани, па се решаваат на организирање јавен протест.
Разликите меѓу хрватската и македонската состојби се во однесувањето на синдикатите. Додека во Хрватска сите пет синдикални централи брзо се договорија за заедничките барања и најавија заедничка организација на протестите, овде реагира само Сојузот на синдикатите на Македонија. Од другите синдикални организации не се слушна ни збор за намалувањето на работничките права. Исклучок е Конфедерацијата на слободни синдикати, која ја оправдува владината реакционерна политика во работното законодавство, што доста кажува за овдешните прилики.
На кои измени реагираат хрватските синдикати? Една од основните причини за синдикалните реакции се договорите за вработување на определено време, кое во предлог законот изнесува три години. Понатаму, се либерализира должината на работното време и се предвидуваат бројни исклучоци за регулирање на работното време. Синдикатите укажуваат дека со воведување на работа подолга од 48 часа во неделата Хрватска ќе стане една од ретките земји со таков пропис. Годишниот одмор во измените треба да трае четири недели, но синдикатите сметаат дека начинот на користење практично ќе доведе до намалување на деновите на годишен одмор. Понатаму барањата се однесуваат на создавањето правна несигурност во користењето на одморите и отсуствата, на непостоење на институционална рамка за заштита на општите права од работниот однос и други барања.
Со козметичките измени во законот владата ја остава отворена можноста за злоупотреби на договорите за работа на определено време и прераспределбата на работното време, изјави претседателката на СССХ Ана Кнежевиќ. Не е прифатено барањето на синдикатите работата на определено време да се ограничи на две и најмногу на четири години. Предложеното ограничување на работата на определено време на три години нема да ги спречи злоупотребите од страна на работодавачите.
Вработувањето на определено време во Хрватска стана правило, а не исклучок, така што 83 отсто од новите договори се на определено време, предупреди претседателот на Независните хрватски синдикати Крешимир Север. Работодавачите од нас бараат отстапки за подрачјето на работата на определено време за да можат полесно да ги отпуштаат работниците.
Претседателот на Здружението на работничките синдикати Дамир Јакуш ги отфрли приговорите на работодавачите дека во Хрватска е тешко да се развива бизнисот поради “ригидното“ работно законодавство. Законодавството е толку “ригидно“ што работодавачите без последици со месеци не исплатуваат плати, а на буџетот долгуваат милијарди куни, рече Јакуш.
Ана Кнежевиќ повтори дека СССХ, и покрај законската забрана, ќе организира протест на плоштадот Свети Марко на денот кога во Саборот на дневен ред ќе дојдат измените во Законот за работа. Всушност сите пет синдикални организации се изјаснија дека ќе организираат голем протест против економската политика на владата. Тие на протестот ќе бараат и укинување на танаречениот “арач“ и намалување на стапката на ДДВ.