ДАЛИ И ПАПАТА Е ПРОДОЛЖЕНА РАКА НА ЦРВЕНКОВСКИ
19.10.2009
Владеачката коалиција имаше идентични ставови со ССМ додека беше во опозиција. Сега во истите социјални барања бара некаква политичка заднина. Наскоро ќе се организираат помасовни протести против натамошното намалување на работничките права...
Не сакаме да изгледа дека Сојузот на синдикатите на Македонија сака да го оттргне вниманието од успесите во евроинтеграцијата на државата. Напротив, ги поздравуваме напорите и успесите што придонесоа за позитивниот извештај од Брисел. Меѓутоа, не можеме да се помириме со фактот дека во Македонија не постои социјален дијалог.
Ова го истакна портпаролот на ССМ Милан Живковиќ на денешната конференција за печат, на која ги изнесе реакциите околу однесувањето на Владата и на партијата ВМРО – ДПМНЕ. Не изненади изјавата на портпаролот Бичиклиски, пред се затоа што немаме одговор од Владата за барањата што ги испративме, рече Живковиќ.
Невообичаено остриот тон на денешната конференција за печат се должи токму на однесувањето на партијата ВМРО – ДПМНЕ. Ситуацијата е следна: се што ССМ бара е да се престане со одземањето на правата на работниците. Владата не реагира на барањата на Синдикатот, не стигна одговор ни од претседателот на Собранието Трајко Вељановски, но затоа се јави портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Александар Бичиклиски, кој со невкусни квалификации бара некаква политичка заднина за чисто социјална проблематика.
Имено, со најавеното менување на Законот за работни односи по трет пат (почна во јули 2008 година) се кратат многу права на вработените. Од таа причина ССМ на 15 овој месец одржа предупредувачки протест пред Собранието, додека на денешниот прес портпаролот Живковиќ информираше дека наскоро, можеби на почетокот на месец ноември, ќе се организираат помасовни протести против намалувањето на работничките права.
Истата влада треба да признае дека е точна оценката од извештајот, на страница 46, дека во Македонија отсуствува било каков социјален дијалог. Во интерес на надминување на проблемот, ја повикуваме Владата да го признае ССМ како веродостоен експерт за работничките права и да ги прифати забелешките и мислењата во законите кои ги вклучуваат работниците.
ССМ нема да влезе во вербална медиумска војна со портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ за тоа кој синдикат е продолжение на чија рака. Доколку некој има спротивно мислење од оваа влада Бичиклиски веднаш дава изјави од типот “тие мислења се со задни намери, а тие индивидуи се продолжена рака на Бранко Црвенковски, претседателот на СДСМ“. Целата јавност е сведок на овие “одбранбени“ изјави. Се прашуваме дали во иднина Бичиклиски, ако папата или Ватикан имаат мислење спротивно на Владата, нема да каже дека “ете и папата е продолжена рака на Бранко Црвенковски“, запраша Живковиќ.
Околу квалификациите од типот “синдикатот на Муратовски“ можеме да констатираме дека на партиите на владеачката коалиција сигурно не им е сеедно ако ССМ има забелешки и барања до владата на Груевски. ССМ нема да наседне на овие провокации и повеќе нема да ги коментира овие невкусни изјави.
На крајот на краиштата, ССМ не е политичка партија и секогаш е во опозиција на владеачките апртии. Целта е да се избори за поголеми права на работниците.
Дали треба да го потсетуваме ВМРО – ДПМНЕ за периодот 2002 – 2006 година, кога беа во опозиција? Тогаш нивните ставови за работничките права беа исти со ставовите на ССМ. Всушност сите тогашни опозициски партии го дела нашето мислење за измените за Законот за работни односи во 2005 година.
Но тоа е реалноста на македонската политика – кога опозицијата доаѓа на власт веднаш ги заборава работникот и Синдикатот. Се надеваме дека овој тренд еднаш ќе се прекине.
На владеачката коалиција и порачуваме: не останувајте глуви на апелот на работниците! Погледнете околу себе и видете во какви услови работат вашите сограѓани!
За односите со Конфедерацијата на слободни синдикати пораката гласи: не искористувајте го КСС како послушно детенце, само за да кажете дека и синдикатите се согласуваат со овие страшни измени на Законот за работни односи.
Живковиќ упати и една порака до КСС: “и вие погледнете ги условите во кои работат вашите членови, а и професионалните заболувања кои ги добиваат како последица од постојаниот стрес на кој секојдневно се изложени“. Да ги посочам само вработените во образованието. Доколку мислите дека во Македонија работниците не се злоупотребуваат, тогаш вие не живеете во иста држава со 95 отсто од населението на Македонија. ССМ отворено ја повикува КСС да се придружи во напорите за зголемување на работничките права и заеднички да се засилува синдикалното движење во Македонија.
Не залажувајте ја јавноста, Баросо нема да замавне со волшебно стапче за да го крене стандардот во Македонија, или да ги подобри правата на македонските работниците. Не смееме да чекаме влез во ЕУ за да ги подобриме работничките права, изјави портпаролот на ССМ.