РАБОТЕЊЕТО НА ЦРНО И ПОНАТАМУ МАСОВНА ПОЈАВА
23.07.2008
Контролите и изречените мерки не го решаваат проблемот на работењето на црно. Сивата економија ќе постои додека постои висок степен на невработеност...
Службениците на Државниот инспекторат за труд во месец јуни открија 881 непријавен работник. Донесени се 305 решенија за забрана на работа, додека 547 работници се пријавени, произлегува од соопштението на Министерството за труд и социјална политика.
Кај работните односи се извршени вкупно 2.995 инспекциски надзори, од кои 2.643 редовни, 248 контролни и 104 надзори по писмени барања од странки.
Во истиот месец се донесени 95 решенија за отстранување повреди на законот и на други прописи, девет решенија за одложување на извршување на одлуки и 20 решенија за усогласување на работното време. При контролите се поднесени 372 барања за поведување прекршочна постапка.
Кај областа безбедност и здравје се извршени 1.038 инспекциски надзори. Донесени се 360 решенија за отстранување недостатоци околу безбедноста на работа, утврдени се 1.197 недостатоци и седум забрани за работа. Инспекторите извршиле 28 увиди на лице место при потешки повреди, од кои едниот е смртен случај.
Податоците говорат дека во Република Македонија работењето на црно и понатаму е раширена појава. Основната причина е големата стапка на невработеност, која со години се движи над 30 отсто и која е највисока во Европа.
Во Македонија не се знае точно колку лица работат без договор за работа и без да им се плаќаат придонесите. Министерството за труд смета дека станува збор за 60.000 лица, додека Сојузот на синдикатите на Македонија тврди дека бројката е најмалку двојно поголема и изнесува над 120.000 лица.
Во секој случај, бидејќи имаат широк избор на ефтина и послушна работна сила работодавачите се во позиција да го кршат законот и да вршат различни злоупотреби. Од тие причини контролите на Трудовата инспекција не можат да ги решат огромните проблеми со непријавената работа, опасните услови за работа и другите прекршувања на прописите.