ПРЕМИЕРОТ ПРИЗНА ДЕКА НЕ СЕ ЗАНИМАВА СО СТЕЧАЈЦИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

29.01.2009

Денес претставници на Унијата на стечајни работници повторно не беа примени на разговор во Владата, иако средбата беше претходно договорена. Расте нивната спремност за радикални протести...

 

Дали имате намера да го решавате проблемот на стечајните работници?, беше прашањето на претставници на стечајците упатено до премиерот Никола Груевски кон средината на јануари. Јас немам намера да трошам државни пари за луѓе кои останале без работа без вина на државата, гласеше одговорот на премиерот.

Во таков контекст помина денешната несудена средба на стечајците со премиерот  - тие повторно беа одбиени. Од други владини службеници добија објаснување дека “сите се во Парламент, на пратенички прашања“, така што луѓето останаа разочарани пред влезот на Владата.

Стечајците во последно време засилено ги интензивираат барањата за решавање на нивниот статус.  Генерално имаат две барања: да се донесе нов закон за стечајните работници и оние прогласени за технолошки вишок со над 25 години стаж, додека второто барање е плаќање на придонесите за работниците од претпријатијата со државна сопственост.

Стечајните работници се чувствуваат изиграни од законот што требаше колку – толку да ја реши нивната егзистенција. Минатата година беше донесен Закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна општествена сопственост во периодот 2000 – 2004 година. Во законот, меѓутоа, никаде не се споменуваат стечајни работници и според пропишаните услови надоместок добија околу 500 лица во целата држава. Со почетната еуфорија шаторите во кои стечајците кампуваа пред Собранието се тргнаа, но брзо стана јасно дека тие се фактички изиграни.

Имаме сознанија дека Уставниот суд го вратил законот, но тоа од страна на Владата се крие, коментираат стечајните работници пред Владата. Агенцијата одбива да даде информации, правдајќи се дека тоа е тајна. Затоа немаат ни точна евиденција за бројот на стечајците во државата. Унијата на стечајните работници инаку е со седиште во Куманово, од каде се работниците кои денес беа пред Владата. Тие изјавија дека само во Куманово има 18.000 стечајци, од кои 1.500 се со над 25 години стаж, додека според минатогодишниот закон проблемот е решен само на 12 лица.

Од досегашните средби и неколкуте одбивања да бидат примени стечајците заклучуваат дека Владата нема намера да направи нешто за нивниот статус. Тие велат дека расте решеноста за превземање радикални протести, се до исполнување на нивните барања.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc