ВЛАДАТА ЈА СРАМИ МАКЕДОНИЈА ПРЕД СВЕТОТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

25.01.2008

После хаосот од квази колективниот договор Владата организира упади во јавните претпријатија. Вработените се под закани да се зачленат во “нивниот“ синдикат, велат лидерите на синдикатите од јавниот сектор...

 

Владата прави хаос во социјалниот живот во Република Македонија. Монтира некаква фасада пред меѓународната јавност дека во Македонија се води социјален дијалог, но единствено успева да се дискредитира самата себе. Сега се организираат упади во јавните претпријатија и врз вработените се вршат притисоци и закани да се зачленат во нивниот владин синдикат. “Македонија пат“, “Електростопанство“, “Македонски железници“, “Аеродромски услуги“ се само некои од тие претпријатија.

Ова е дел од реакциите изнесени на денешната конференција за печат на лидерите на синдикатите од јавниот сектор. Меѓу нив има членки на ССМ и други самостојни, легално регистрирани синдикати, меѓу кои Мултиетничкиот синдикат за образование и Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар. Ставовите се исти и со Конфедерацијата на синдикални организации (СОМ), кои вчера одржаа посебен прес за јавноста.

Да потсетиме дека пред две недели министерот за труд Љупчо Мешков и Конфедерацијата на слободни синдикати потпишаа општ колективен договор за јавниот сектор. Никој не спори дека КСС е миленик на Владата, која одбива контакт со било која друга синдикална организација.

Вистински губитници се работниците, затоа што најмалку 10 права се изоставени со колективниот договор од пред две недели, истакна Ванчо Муратовски, претседател на ССМ, кој е и претседател на Синдикатот на вработените од управата и правосудството (УПОЗ).

Репрезентативноста се согледува низ следниве податоци – буџетски корисници се околу 75.000 лица, додека заедно со јавните претпријатија бројката е 115.000 лица. Членови на Сојузот на синдикатите се 64.000 буџетски корисници. Три илјади вработени во Клиничкиот центар имаат свој синдикат. Вработените во јавните претпријатија, пак, целосно се членови на ССМ. Со кого тогаш Владата потпишува колективен договор, ако може така да се нарече еден празен документ од три листа. Ваков договор не може да се потпише ни во Руанда и Бурунди, додаде Муратовски.

Минатите две години Владата не одговори на ниедна покана од наша страна, но затоа се обидува да оформи свој синдикат. Ние испративме уредна покана на 31 јануари да дојдат во ССМ, а ако тоа не го сторат следуваат други реакции. Во секој случај ќе ги известиме меѓународните фактори. Тоа се Советот на Европа, Европската комисија, европретставникот Ерван Фуере, Меѓународната организација на трудот, рече портпаролот на ССМ Пеце Груевски.

Како е можно министерот Мешков да излезе во медиум и да изјави дека колективниот договор важи само за членовите на КСС, а другите имале време да се зачленат во нивниот синдикат, запраша Сузана Стефановиќ, претседател на Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО), кој е надвор од системот на ССМ.

Внимавајте, КСС нема толку членови колку што кажува, а наскоро МЕСО ќе излезе со доказ за бројноста на своето членство. Од тие причини она што го потпишаа, колективниот договор, е оставен да стапи на сила после една година. Работата е со сила да се соберат што повеќе пристапници во нивното синдикално галениче, рече Стефановиќ.

Здравството е исто така поставено пред проблеми. Гордана Славевска, секретар на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита (во состав на ССМ), објасни дека во 2006 година се потпишани два колективни договори, за здравство и за социјална заштита. Тие се на сила, досега функционираат, но во Општиот колективен договор се создава празен простор, затоа што министерот кажа дека договорот се однесува само на буџетските корисници. Доктор Дејан Ставриќ, претседател на Синдикатот на Клиничкиот центар (надвор од ССМ) рече дека новиот општ колективен договор е нелегитимен. “Клиники“имаат потпишано колективен договор кој произлегува од гранскиот, нов колективен договор е во подготовка, но сега се јавуваат лимитирачки фактори.

И претседателот на Синдикатот за сообраќај и врски Цветан Мирчевски потврди дека Министерството за транспорт и врски цела година наназад се оглушува на поканите за преговори за дејноста сообраќај.

Покрај сиот хаос што го прави Владата продолжува да се рекламира и да се фали со успеси. Прашање е каков успех е намалувањето на стандардот за 42 отсто во 2007 година, истакна Муратовски. Но затоа се множат преседани од друг вид. Ви ниедна земја во светот не се потпишува колективен договор на една година, додека Љупчо Мешков е прв министер кој за две години на власт не стапна во просториите на синдикатот. Најверојатно се плаши да не биде сменет од неговиот наредбодавец.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc