ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ТРУДОТ, 1-ВИ МАЈ
1.5.2015
Денес Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) заедно со Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) го одбележаа Меѓународниот ден на трудот, 1-ви Мај.
Марширајќи солидарно синдикатите и членството на ССМ и КСС преку банери, транспаренти, знамиња и соодветни обележја на ССМ и КСС, ги истакнаа пораките од првомајскиот манифест:
- Колективни договори за сите;
- За сигурни работни места, работен однос на неопределено време;
- Сигурни плати за сите работници;
Учесниците на маршот тргнаа од платото пред зградата на ССМ во правец покрај Собранието на Р. Македонија, Триумфалната капија и плоштадот „Македонија“, каде што беа дочекани од голем број на граѓани кои ја изразија поддршката кон одбележувањето на 1-ви Мај, Меѓународниот ден на трудот.
На плоштадот „Македонија“ претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски и ВД претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), Благоја Ралповски го прочитаа првомајскиот манифест:
„Први мај, меѓународниот ден на трудот е ден кога уште еднаш се потсетуваме на историската борба на работниците за подобри работнички права и посигурна и подобра социјална и економска положба за нив и нивните семејства.
Ваквата борба станува се повеќе и повеќе актуелна во услови на се уште поприсутната светска, економска, финансиска и должничка криза. Тоа е предизвик за сите чинители во општеството во целина, а посебно за нас синдикатите кои што како никогаш порано се исправени пред потребата да настапат единствено, солидарно, со заедничка доверба како носители на гласот на работникот но и на граѓанинот.
Како претставници на работниците, марширајќи солидарно на овој ден бараме понатамошно подобрување на социјалната и материјалната положба на работниците и граѓаните во РМ, доследно почитување и примена на работничките права на сите нивоа, бараме елиминирање на опасноста од нееднаквост на работниците, елиминирање на разликите и третманот на работниците во приватниот и јавниот сектор. Бараме и анализа на законите кои предизвикуваат грижа и нерамноправен третман на работниците во приватниот сектор и државната администрација. Бараме натамошно унапредување на социјалниот дијалог и вклученост на синдикатите при подготовка на сите закони за работниците во приватниот и јавниот сектор, безбедни и здрави услови за работа, бараме што побрзо разрешување на сите економски, социјални и политички кризи како би овозможиле мир и спокоен живот на работниците и граѓаните во РМ.
Оваа година чествувајќи го 1-ви Мај, здружени сите синдикати учесници во синдикалното движење во РМ, марширајќи солидарно посебно ќе се фокусираме и бараме од надлежните социјални партнери:
- Потпишување на колективни договори на сите нивоа, како во малите и средни претпријатија, така и во големите, како во приватните фирми, така и во приватниот сектор, како за работниците со сите права, така и за вработените во јавниот сектор и администрацијата;
- Бараме обезбедување на сигурни работни места, обезбедување на траен работен однос, работен однос на неопределено работно време како предуслов за мирен и спокоен живот на работниците и нивните семејства;
- Бараме обезбедување на сигурни плати за сите работници, плати кои ќе обезбедат пристоен живот за работниците и нивните семејства. Во оваа смисла ќе настојуваме да обезбедиме и имплементираме протокол за социјален напредок.
Поаѓајќи од нашите активности за обезбедување на социјална правда, натамошни вработувања, социјална инклузија, еднаквост, рамноправност, солидарност, политичка, етничка, верска и национална толеранција, економски раст и раст на работничките права, на сите работници и граѓани на РМ им го честитам 1-ви Мај, меѓународниот ден на трудот“.