ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЈА ПОТВРДИ ЛЕГИТИМНОСТА НА ШТРАЈКОТ ВО МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ АД ПРИЛЕП
30.12.2014
Врховниот Суд на Република Македонија ја отфрли со Решение ревизијата поднесена од страна на Мермерен Комбинат АД Прилеп во врска со штрајкот организиран од Синдикатот на ден 19-22.11.2012-та година. Со тоа, на судскиот процес се става крај во корист на СГИП додека за членовите на синдикатот ова е почеток за остварување на правата од работен однос.
Синдикалната организација на Мермерен Комбинат АД Прилеп преку Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија – СГИП конечно доби одлука со која ја докажа легитимноста на штрајкот и барањето на работниците за своите економско- социјални права, загарантирани во Законот за работни односи и Уставот на Република Македонија. Целиот процес започна во месец Ноември 2012-та година со поднесување тужба од Мермерен Комбинат АД Прилеп за прогласување на два штрајка за нелегитимни, како и за надомест на штета од 1,5 милиони денари.
Ова решение е од историско значење, затоа што за првпат во Република Македонија е тужен синдикат за организирање штрајк.
За потсетување, барањата за двата штрајка во Мермерен Комбинат АД Прилеп, кои беа организирани во 2012-та година, беа за зголемување на платите, кои не беа променети десет години, а трошоците на живот беа зголемени за 30 отсто и компанијата работеше профитабилно. Менаџерскиот тим на компанијата реагираше со тужбени барања за нелегитимност на штрајковите и за претрпена штета поради прекините за време на штрајковите.
За членовите на СГИП најважно е што СГИП преку СО Мермерен Комбинат АД Прилеп ќе прави напори за подобрување на правата од работен однос преку Колективниот договор, потпишан за време на штрајкот, каде се регулирани работните односи и е отворен пат за дијалог на највисоко ниво со раководството на Мермерен Комбинат АД Прилеп.
Воедно, СГИП им ја честита Новата 2015-та година на своите членови со желба за долга и плодна соработка во остварување на работничките права.