ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ
24.10.2014
На 24ти октомври 2014 година во Битола во име на Постојаниот претставник на Организацијата на Обединети Нации (ООН), Луиза Винтон, се одбележа Денот на Обединетите нации, 24ти октомври, на тема „Светот што го сакам во 2030“.
На настанот присуствуваа вицепремиерот Фатмир Бесими, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, министерот за образование, Абдулаќим Адеми, министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, проректорот на Универзитетот во Битола, д-р Јованка Тутеска, градоначалникот на Битола, Владимир Талевски и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски.
Настанот резултираше во дискусија меѓу студентите, владините претставници и вработените во ООН за тоа како може да се работи заедно во текот на следните 15 години за да се направи светот едно подобро место. Секоја група беше задолжена да изготви три клучни активности кои може да се преземат во следните 15 години за да се помогне кон постигнување на следниве нови одржливи развојни цели меѓу кои: крај на сиромаштијата во сите нејзини форми; обезбедување на здрав живот и благосостојба за сите на сите возрасти; сеопфатно и квалитетно образование; можности за доживотно учење за сите; постигнување на родова еднаквост и поддржување на сите жени и девојки; намалување на нееднаквоста во и помеѓу земјите; промовирање на одржлив, инклузивен и одржлив економски раст, целосно и продуктивно вработување и пристојна работа за сите; преземање на итна акција за борба против климатските промени и нивното влијание; промовирање на мирни и инклузивни општества за одржлив развој, обезбедување на пристап до правдата за сите и градење на ефикасни, одговорни и инклузивни институции на сите нивоа.